Станав дефектолог поради личното искуство со член од семејството кое е лице со посебни потреби: Интервју со Викторија Ивановска Дамчевска дипломиран специјален едукатор и рехабилитатор
Работата со деца е една од најхуманите и најубавите, но во истовреме е и голема одговорност.
Детската искрена емоција, насмевка која ќе ви го направи денот поубав, прашањата кои знаат да ги постават, ќе ве зачудат до степен да не знаете како да одговорите, се само потсетување дека од малите деца може многу да се научи.
Токму поради љубовта кон децата, но и поради личното искуство со член од семејството кое е лице со посебни потреби, Викторија Ивановска Дамчевска (30) се одлучила да студира на Филозофскиот факултет во Скопје, на насока -дефектологија.
Тоа и помогнало од прва рака да ги дознае предизвиците со кои се соочуваат лицата со посебни потреби и нивните семејства. Истовремено ја разбрала и потребата од помошта на стручните лица во секојдневниот живот на овие лица.
Веќе 6-та година работи како дефектолог (дипломиран специјален едукатор и рехабилитатор) во едукативен центар. Нејзиното портфолио вклучува и работа како образовен асистент на ученик со аутистичен спектар на нарушување во основно редовно училиште, но и надворешен соработник во приватно музичко училиште каде примарно работи со деца со атипичен развој.
ЖМ: Специфична професија, но и хумана затоа што е работа со деца, треба многу да се знае за децата и како возрасниот да допре до нив. Кој ти беше најголемиот предизвик кога започна да работиш?
- Најголемиот предизвик кога почнав да работам ми беше да го разбудам детето во мене и да научам да ги гледам некогаш работите низ очите на детето, кои секогаш се многу поискрени и послободни од нас возрасните. Децата се тие што ме научија дека препреките се надминуваат само со искрена љубов и трпеливост.
ЖМ: Има ли вистинско време кога родителите треба да побараат стручна помош од специјален едукатор и рехабилитатор?
- Досегашното искуство ме научило дека колку порано се започне со третманот, толку повеќе можеме да се надеваме на подобри резултати. Раниот третман нуди шанса да го стимулираме развојот кај детето во правец во кој можеме да ги поттикнеме капацитетите кои детето ги поседува и му се потребни.
ЖМ: Што вели твоето искуство досега, кои се најчестите причини за барање помош од стручно лице?
- Во секојдневната пракса најчеста причина за доаѓањето на преглед кај стручно лице е доцнењето на говорот. Тоа е нешто што ги „алармира“ родителите за да побараат помош, бидејќи е највидливо дека развојот доцни во некој сегмент. Потоа доцнење во моторниот развој кој многу често е поврзан со доцнењето и на говорот, но тука се и учениците со тешкотии во учењето (дислексија, дисграфија и дискалкулија), проблеми со внимание и хиперактивност.
ЖМ: Со оглед на тоа дека сме модерна ера, каде децата од најмала возраст користат телефони, таблети, телевизијата им е единствена занимација, колку родителите за зависноста од технологија бараат помош од вас?
- Со оглед на тоа дека проблемот со технолгијата е сè поактуелен, па се повеќе родители бараат помош како да се справат со зависноста од екраните. За жал реалноста е дека децата голем дел од денот поминуваат пред некакви екрани, но ме радува тоа што родителите стануваат се повеќе свесни за штетно влијание кои го имаат екраните врз развојот на нивните деца.
ЖМ: Кога станува збор за децата со атипичен развој, тука работата и улогата на специјалниот едукатор и рехабилитатор е поголема и поодговорна. Колку пристапот кон децата со атипичен развој е поразличен од пристапот на децата со типичен развој?
- Кога станува збор за работа со деца без разлика дали се тоа деца со типичен или атипичен развој, секогаш пристапот треба да биде индивидуален. Потребно е кај секое дете да се запознае неговата личност во целина, да се гледа како една автентична единка која има свои потреби, желби, интереси кои ние како стручни лица треба да ги запознаеме и негуваме.
ЖМ: Колку инклузивноста во градинките и училиштата за децата со атипичен развој им е од помош на овие деца, но и на родителите?
- Инклузивноста во градинките, а потоа и во училиштата се од огромна важност целокупниот развој на овие деца. Поминатото време во градинка со своите врсници позитивно влијае врз развојот, градинката е стимулативна средина која го поттикнува говорот, ја подобрува социјализацијата, децата стекнуваат нови навики и искуства кои се предуслов за подобра и полесна адаптација подоцна за во училиште.
ЖМ: Сте имале искуство да работите со ученик со аутистичен спектар на нарушување во редовно училиште, каков беше нивниот однос, беше ли прифатен меѓу соучениците?
- Мене лично ова искуство ми потврди зошто инклузијата е важна за децата со атипичен развој. Ученикот беше омилен во своето одделение, другарчињата секојдневно му помагаа, за нив тоа беше само другарче кое помалку зборува и ништо друго. Оваа позитивна атмосфера во училницата најмногу се должеше на љубовта на наставничките кои преку своите постапки неуморно им покажуваа на децата како треба да се прифати секој без разлика на различности.
ЖМ: Во одредени случаи, родителите се посочуваат како „главни виновници“ за одредено однесување на детето. Недоволното внимание и љубов кои треба еден родител да му ги даде на своето дете, се изразува кај детето со најразлична емоција. Кој е твојот совет до родителите, како да го подобрат односот со своите деца?
- Живееме во време кое е исполнето со многу обврски и барања и верувам дека понекогаш на родителите им е тешко да најдат баланс помеѓу обврските и вниманието кое едно дете го бара. Затоа секогаш ги советувам родителите дека најважно во заедничкото поминато време со детето е тоа да биде квалитетно поминато. Време кое ќе создаде позитивни искуства и спомени кои заеднички ќе ги помнат понатака во животот, кои пак многу влијаат позитивно врз однесувањето на детето. И најважно од се е да запомнат, тие се нивните модели на однесување, како мама и тато се однесуваат така детето следи, бидејќи делата се секогаш погласни од зборовите.
Габриела Додевска Глигоровска