Стави ме во шивална, само да го дишам театарскиот воздух: Сашо Тасевски емотивно за Билјана Беличанец

Добивај вести на Viber

Актерот Сашо Тасевски емотивно ја опиша неговата соработка со неговата колешка Билјана Беличанец, која сношти се самоуби во својот дом во Скопје. Тасевски нагласи дека таа за него ќе остане најдобра глумица.  

„ Билјана Беличанец влезе во канцеларијата. Два месеци откако ме назначија за директор. Седна како на жар карши мене, зад клуб-масата. Да ѝ пратам порака дека е добредојдена и влегува дома, станав од директорската фотеља и седнав кај клуб масата. Ја понудив кафе, одби. Дојдов само нешто да ти кажам, рече. Те разбирам ако ме држиш на страна, ако не добивам улоги, зашто бев функционер кај оние, само дозволи ми да бидам овде, да го дишам театарскиот воздух. Стави ме и во шивална, ќе шијам, само да сум тука. Беше сериозна, а јас се насмеав. Реков: Билјана ти си една од најдобрите глумици во Македонија на сите времиња. Треба да играш и сакам да играш, ама не со игла и конци, туку на сцена. Таму би била од најголема помош. Имаш сојузник во мене. Сепак не заигра, иако требаше да игра главна ролја во една претстава, тоа се изјалови од други причини. Нејсе, затоа со ќеф прифати да биде дел од уметничкиот совет, кога ја поканив, откако ме предупреди дека може да си имам проблеми што е она во него. Баш ме заболе и реков. Се сеќаваш што ти кажав во канцеларија ко дојде? Се насмеа. Е па уште го мислам тоа и реков. И секогаш ќе го мислам. Го мислам еве и сега. Најдобра“, напиша Тасевски на својот Фејсбук профил.