Стереотипите за руралната жена влијаат на нивната самодоверба: Лејла Куртов за изложбата и приказните на жените од општина Конче
Љубовта е главната водилка за сè во животот. Па така и за Лејла Куртов (28) од Скопје која поради љубовта кон сопругот, урбаниот живот го заменила со руралниот. Најмалата општина во нашата држава, општина Конче за неа ќе биде место каде професионално ќе се исполни, а за нејзиното хоби, фотографирањето ќе слушне цела Македонија.
Лејла Куртов работи како воспитувачка во детска градинка, а фотографирањето како нејзина љубов од детството ја потврдува онаа теорија на „никогаш не е доцна“. Така Лејла инспирирана од секојдневието на една рурална жена, ја направи изложбата „Руралните жени низ објективот“.
19 фотографии, 17 животни приказни со кои се рушат стереотипите за руралната жена во нашето општество.
ЖМ: „Руралната жена низ објективот“ вака е насловена вашата прва изложба, во неа претставени се портрети од жените во руралните средини. Од каде потекнува идејата и која е пораката која сакате да ја пренесете?
- Инспирацијата за оваа изложба ја добив од самите жени од Општина Конче, тие се скромни, ненаметливи жени кои секојдневно се трудат да придонесат.
Мојата цел е да ја зајакнеме улогата на руралната жена во нашата држава бидејќи тие се многу битен фактор за зачувување на нашата култура и традиција.
ЖМ: Како течеше процесот на создавање на ова уметничко дело, колку време ви беше потребно да го реализирате?
- Процесот беше долг, траеше 10 месеци во различни временски периоди, различни локации во Општина Конче, тоа се тоа се селата Дедино, Конче и Габревци. Целта ми беше изложбата да биде во месец Март, месецот на жената и среќна сум што успеав да го реализирам сето ова во тој даден период.
ЖМ: Како реагираа на вашето прашање да ги фотографирате, а некои од нив и да ја раскажат нивната приказна?
- Реакциите беа позитивни, сакаа да бидат дел од ова и на некој начин да придонесат, беа многу возбудени и во исчекување на изложбата бидејќи не можеа да ги видат фотографиите до денот на самата изложба.
ЖМ: Каде е местото на руралната жена во нашето општество, дали сметате дека е доволно почитувана?
- Сè уште постојат предрасуди за жените од руралните средини, како последица на патријархалниот систем на вредности, кој им се наметнува дека тие треба да бидат посветени исклучиво на домот и семејството, а ваквите стереотипи влијаат на нивната самодоверба.
ЖМ: Сте имале можност да живеете во Скопје, а сега во општина Конче. Што според вас и недостасува на една жена од руралната средина и дали мислите дека ги уживаат сите права како една жена од модерно општество?
- Според мене на жените од руралните средини не им недостасува ништо што би можело да ги спречи да успеат во она што тие го сакаат, и да ги остварат своите права како жените од градски средини. Јас откако дојдов во Конче многу повеќе постигнав на професионален план отколку додека бев во Скопје.
ЖМ: Работите како воспитувачка во детска градинка, како е да се биде воспитувач во Конче под падините на планината Серта, какво искуство носите?
- Мојата професија е една од најхуманите, најразиграните и најтешките професии кои постојат, но со сигурност можам да кажам дека е и најубава. Воспитувачот има многу важна улога во животот на едно дете. Сметам дека детето до својата 5-та година ги стекнува основните вредности, кои подоцна ќе ја формираат неговата личност. Она што јас и сите мои колешки се трудиме секој ден покрај примената на програмата за рано учење и развој да го направиме е и дечињата да ги научиме на емпатија, да знаат да ги препознаат и почитуваат туѓите чувства и емоции, да знаат да споделуваат и да научат дека луѓето не ги делиме според верска, национална припадност или пак местото во кое живеат.
ЖМ: Како ја поврзавте љубовта кон децата, и љубовта кон фотографирањето?
- Љубовта кон фотографијата се роди уште во раното детство. За мене фотографијата била секогаш добар начин како некој момент да го оживееме одново и одново. Додека љубовта кон децата е вродена што сметам дека секој човек ја поседува особено ние жените.
ЖМ: Љубовта е водилката за многу работи во животот да ги започнеме и реализираме. Во вашиот случај љубовта кон вашиот сопруг беше водилка Скопје да го замените со Конче како место на живеење. Колку време сте веќе жител на ова место и како бевте прифатена?
- Тука живеам веќе 6 години и можам да кажам дека бев пријатно прифатена од страна на сите во мојата околина. Доказ за тоа е и оваа изложба која е производ на многу пријателства кои ги стекнав тука.
ЖМ: Дали имате можеби план „Руралната жена низ објективот“ да ја види и светот, со оглед на тоа дека има одлични реакции за вашата прва изложба?
- Секако тоа би било големо постигнување за мене, но и за жените кои ги претставувам, а исто така и за пораката која оваа изложба ја носи. Инаку изложбата „Рурална жена низ објективот“ ќе биде прикажана и во Скопје на 22 – ри март во „Оро-радио галерија и бар“.
Габриела Додевска Глигоровска