СТОП за насилството!
Една од работите од кои сум згрозена е
насилство. И тоа од секаков вид...физичко, ментално, вербално. Не правам
разлика во тоа дали ќе носи некој модрици на телото или на душата. И двете
подеднакво болат и имаат последици. Отсекогаш ме чудел и вџашувал поривот кој
сум во видела кај одредени луѓе, да навредат
и повредат некого. Не навлегувам во психолошкиот профил на истите, дали
се тоа трауми од детство, дали дотичниот или дотичната биле злоставувани и
слично. Која и да е причината, освен ако не се работи за тешко ментално
нарушување кое човек не може свесно да го контролира, се’ останато ми е во доменот на самоконтрола и работа на
себе.
Насилството раѓа насилство и е резултат на немоќ да се справиме со одредена ситуација на поинаков начин. Секој оној кој го оправдува насилството, за мене е на ист ранг со насилникот. Додека се прогледува низ прсти и има тивка поддршка, нема да се искорени. Сум познавала жени кои биле жртви на насилство. Кои излегувале од дома со дебел слој пудра на лицето во очаен обид да го прикријат пеколот во кој живеат. Наместо да проговорат гласно и да се покрене лавина која конечно ќе го смени чипот во главата на сите оние кои се на било кој начин индиферентни, тие молчат. А молчеле, молчат и ќе молчат од страв и срам. Затоа што ние што сме отстрана така сме се поставиле. Не, не може да не ме интересира дали се слуша повик за помош и звук на кршење предмети, ако е тоа во комшии или под мојот прозот. Не, не може да не е тоа моја работа ако видам на сред улица како некој некого малтретира и понижува. И не, сигурно во тој миг нема да го извадам мобилниот телефон за да снимам од сеир.
Никогаш не сум ја учела ќерка ми дека треба да решава нешто со примена на сила. Ниту пак ќе кажам дека е тоа некакво решение за било кој проблем. Уште од рани години паметам дека секогаш, во секое одделение имаше барем по еден таков насилник или насилничка. Кај машките тоа се манифестираше со тепање, туркање, ставање сопки. Кај девојчињата тоа беше со озборување, потсмевање, или она што денес се нарекува булинг. И знам дека и двете оставаа страотни последици на децата-жртви. Од страв да се оди на училиште, до депресија. Откако интернетот стана прозорец преку кој може да ѕирнеме насекаде, се едуциравме дека насилството по училиштата не ретко знае да заврши и со самоубиство. Одговорноста за израснување насилник (без оглед на полот) е на родителот. Не прифаќам оправдувања од типот дека “се нема време” да се посвети на децата. Со деца се разговара, налет ако им купите и она што им треба и она што не им треба, ако од нив не направите добри луѓе.
И да, неколку пати потенцирав дека секој од нас може да стане жртва на насилство. Особено ако насилникот е желен за садизам, а има и моќ (физичка или финансиска) да ви го загорчи животот. И да, секако дека може и маж да биде малтретиран...и тоа токму од жена. Дури и физички напаѓан, а да не зборувам за ментално малтретирање и навредување. И како и во секоја земја во која “јаките мажјаци и фраери” се гласни, овие мажи се посебно изложени на потсмев, оти нели како можел да дозволи жена така да му прави! Општата суровост при коментирање на такви случаи е поразителна. Како што еднаш напишав, ние сме земја со најголем број експерти на метар квадратен. Тие експерти ги изместија сите вредности. Тие знаат дали е тој папучар и жена му го тепа, дали таа си го бара и затоа има модринка на окото, дали нечие дете е толку немирно што заслужило да биде претепано!
Дури, прочитав и кометар во кој се вели...бидејќи жените сакаа рамноправност, нека бидат и тепани како мажи!
Каде бе?! Каде и како со тие ставови?
Борбата на жената не беше никогаш да може да моча стоечки, туку да биде вреднувана според истите критериуми под кои беа вреднувани мажите. Борбата на жените не беше за да бидеме тепани како мажи оти сме сакале рамноправност! Каде со тој простотилак!
Кревањето рака на било кој е за мене злосторство.
Кревањето рака на послаб од тебе, за мене е садизам.
Сите тие манифестации на свирепост, а и коментари со кои се поттикнува истата ми е во рангот “казниво со закон”.
Стоп за насилството!
Не постои жена, маж, дете или било кое живо суштество на планетава кое е создадено за да биде малтретирано. Дури и животните се убиваат меѓусебно само за да се прехранат, а не да покажуваат надмоќ. Не сакам да гледам како тонеме уште повеќе во тој амбис на незадоволство и труење со омраза. Доста ми е од коментари “папучар еден”, “сама си го бараше”, ”многу е немирен”, ”де бе па ти, само животно е”. Доста ми е од сеир гледање кога пред очите ви се одвива драма. Да, можете да замижете и да одминете. Можете дури и да прераскажете каква случка била таа, со сите гнасни детали.
Ама не знам само како ќе спиете навечер, знаејќи дека можело да се случи трагедија во која вие не сте мрднале со мал прст.
Пред да изустите нешто, добро размислете. Зборовите се моќно оружје, некогаш се меч, некогаш се лек. Имајте предвид дека сте искасапиле нечија душа ако ги користите за да му се одмили животот некому.
Пред да кренете рака, добро размислете. Ударот никогаш не е еден, ма макар се случил само еднаш. На различни начини остава модринки, на различни начини боли.
Не правете го она што не сакате да ви биде сторено вам или на оние кои ги љубите. И следен пат (иако би сакала да нема), оставете ги мобилните на страна и застанете во нечија одбрана. Викнете, направете нешто!
Направете она што би сакале некој да направи нешто за вас или вашите најмили ако се најдете во истата ситуација.
Да сте ми живи и здрави.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Ако на чоека немаш нешто убо да му кажиш
Молчи си пиле и не си ја погани устата
Оти чоек сам знај за шо арен не е
И не му треба твојот отров за да го дотепа
Кажи му ја убајната во него
Погали му ја со збор душата
Јазикот да ти биди ко да си го гушнал
Со милост во очите кажи му збор-два
Ама убај да се
Да бидат миризливи ко на доенче здивот
И чисти ко детска игра
Нека бидат невини ко млада невеста
И мудри ко стар чоек
Гали го чоек
Кажи му го убото во него
Оти некогаш оќоруваме
Некогаш, ете така низ животот ослепуваме
Та сами себе не можиме да се видиме
И троа лоши стануваме
Троа полни нетрпение и нервоза
Пиле
На таквите луѓа нешто убо да им кажиш
Оти подзаборајле
Та потсети ги на чоештината
Покажи им ја љубовта
Во твоите очи себе да се видат како во огледало
За да можат да се засакаат
За да можат глата да ја кренат
Над сите јадови да се исправат
И чекорот посигурен да им е
Да знаат оти сами не се
Оти уште некој љубов во срцето за нив има
И ќе видиш
Ех пиле, ќе видиш како ликот им се менви
Како ќе засветат
Како од милост и боја во образите ќе им се врати
И грбот како кроце им се исправа
Та смеата ѕвонлива им станува
Како од болест да оздравеле
А несреќата и тагата болест се
Зато
Ете зато треба чоек со чоек да се чува
И со убост да се гоштева
Со збор и рака подадена
Ама не за да турни и навреди
Туку да го избавиш чоек некогаш од сам себе
Како што некој некогаш и тебе од себе ќе те спаси
Гали ги луѓето
Гали и сакај ги
Оти векот тука на сите ни е краток
А часот дур да дојди, чоек биди
И памти ми ги зборојте
Молчи пиле, молчи и врви си по патот
само молчи и устата не погани ја
ако на чоек немаш ништо убо да му кажиш