СУПЕРХИКС ПРОСЛАВИЈА 24 ГОДИНИ ОД ПРВАТА СВИРКА: Не сме веќе млади, ја раситнивме 25-ката
Групата „Суперхикс“ или Банда инструментале прослави 24 години од нивната прва свирка во Скопје.
„На денешен ден пред 24 години групата „Суперхикс“ го одржа својот прв „свир“ во клубот „The Doors“ во Скопје, РМ.П.С. Во тоа време жени не напаѓаа пајаци“, напиша Петар Младеновски-Пеце, фронтменот, вокал и басист на групата.
„Суперхикс“ како банда инструментале постојат од 1993 година, свиреле повеќе од 200 концерти во околу 30 држави, имаат седум албуми зад себе, а најгорди се на последното винил издание, плочата, „Underground Evergreens“, која претходно е издадена како цеде.
Бендот на 15 декември одржаа концерт во малата сала во ВИП Арената во состав: Петар Младеновски, бас и вокал, Борис Минов- гитара, Дарко Попов- тапани, Александар Спасовски- труба, Симе Златков- саксофон, Бране Илиевски- тромбон и диџејот Гоце Лалковски.
„Има многу моменти на кои ќе се сеќавам до крајот на животот, а се поврзани со „Суперхикс“. Од самите почетоци низ скопските клубови, па првите турнеи надвор од Македонија по издавањето на „Глупави песни“ и првиот албум. Турнеите низ Чешка, Франција, Германија, Швајцарија, разноразни случки сите тие години. Луѓето кои поминаа низ бендот и оставија свој печат. Настапите со „Грин Деј“, „Феит Ноу Мор“, Ману Чао, „Хаус оф Пеин“…, многу ги има! Не сме толку млади веќе, 25-ката ја ситниме оваа година“, изјави Пеце за Женски магазин. Една од анегдотите кои тој ги сподели е онаа за концерт на „Хикси“ во Чешка, кој никогаш не се одржал.
„Завршуваме со концерт во Луслиген, Швајцарија, влегуваме веднаш во комбе и патуваме цели 15 часа до Прага каде што имаме за дента букиран настап на еден фестивал. Слегуваме мртви уморни и поспани од комбето и пред комбето не чека промоторот кој ни вели: „Момци, морам нешто да ви кажам. Се работи за моја грешка, концертот беше вчера!“, ни раскажа Пеце.
За Женски магазин, Милица Џаровска