Сведоштво од Киев: Јелена Кхабар, кралицата на балетската сцена и бизнис дама, стигна и до рововите на војната

Војната нè затекна, како и секој жител од нашиот прекрасен Киев, во мирен сон... Во секојдневието исполнето со семејни и работни обврски, планови и соништа. Овие дена ние (јас и нашите балетски педагози и ученици) бевме целосно посветени на подготовките на балетската претстава „Дон Кихот“, чие изведување беше планирано за 27 февруари оваа година. Во претставата беа вклучени 60 деца учесници. На претставата, која обично се одржува на големата сцена на Домот на културата во Киев, беа поканети почесните гости (директорот и педагозите од балетската академија) и многубројни пријатели, а беа распродадени сите билети. 

Инаку, со својата балетска школа "Fouette" менаџирам повеќе од 5 години. Почнав да се интересирам за балетот уште кога ќерка ми Анита го посетуваше балетското студио, а потоа донирав средства за развојот на студиото, на чија база создадовме и поголема детска школа за балет. Во нашата школа балетската уметност ја изучуваат децата од 3 ипол до 15 години. Имаме изведено неколку претстави на големата сцена, меѓу кои се и „Оревокршачкаи „Лебедово езеро“ од П. И. Чајковски. Децата имаат прилика да учествуваат на разни балетски конкурси, не само во Украина, туку и во други земји. Учениците од постарите одделенија имаат можност да се запишат во балетското училиште и балетската академија во Киев. 

Јас толку бев посветена на развојот на децата во нашата школа и на проширување на можностите и сакав малите балетски играчи да почуствуваат како е да се биде балерина на големата сцена, што постепено во подготовките за изведување на претставите, морав и самата да ги совладам вештините на шиење на балетските костими, си купив дури и машина за шиење, сите потребни ткаенини и придружни материјали.

Оваа година, на своја 46-годишна возраст, и покрај тоа што веќе имам добиено две високи образованија, со цел да ги продлабочам своите знаења од областа на балетската уметност и да го подигнам своето балетско училиште на високо професионално ниво, решив да се запишам на факултет во Универзитетот „Карпенко Кариј“ за редовни четиригодишни студии за стручна спрема „балетски педагог и балетски режисер“. Сите мои другарки од иста година на студии сега се расфрлени низ цела Европа. Стопирани се и студиите на Универзитетот. 

И сега, во последните денови пред планираната претстава, за некои од моите убавици - балерини истата беше долгочекувано деби... детонациите во градот ги распрскаа нивните сценски ликови, а насмевките ги преточија во солзи...

 Војната сите нас нè растури по различни градови и земји. Повеќето од моите ученици со своите семејства сега се наоѓаат во побезбедните градови во Украина, а голем број од нив отидоа во Полска и во Германија. Сега не се знае до кога ќе трае овај ужас на војната, во кој својот живот го загубија стотици мирни луѓе и храбри украински бранители, во кој своите соништа ги закопаа илјадници млади балерини, танчерки, спортисти... Бидејќи оваа уметност и струка не може да се изучува преку онлајн-платформи, успехот во балетската уметност се должи на секојдневен повеќечасовен макотрпен труд над телото и на учење на актерските вештини. 

Денес, на дваесеттиот ден од војната, децата веќе навикнуваат да функционираат во воените услови. Во некои региони, како што се Лавовски и Ивано-Франкивски, веќе се враќаат онлајн-наставите во училиштата и гимназиите. 

 А возрасните веќе не плачат, само со срцето, скаменето од болка, се молат на Бога утрешната неизвесност да биде исполнета со мир, со работа, со барем ситна сигурност дека ќе можеме да си го вратиме денот на едни обични среќни луѓе во 21-от век, коишто сме биле до пред војната. 

Седам и пишувам во една собичка во која нема ни телевизор. Една од десетиците соби на еден пансион во близина на градот Хмељницки.

Кога започна војната, нашата ќерка беше на распуст во Киев. Таа дојде специјално со цел да учествува во нашата балетска претстава. Исплашени од експлозиите, ние решивме да го напуштиме нашиот сакан дом во Киев за да ја испратиме ќерка ми преку граница во Романија. На границата се разделивме со неа со солзи, а потоа таа си замина сама за Англија. Веќе не можевме да се вратиме во Киев, бидејќи градот веќе беше затворен за влегување и околу него веќе се водеше борбата со руските трупи.

Инаку, нашата ќерка Анита (18 години) шест години студира во колеџ во Англија, изучува бизнис. Нашиот син Паван (24 години) исто така живее и студира во Англија единаесет години, сега е на универзитетските студии, сака да биде аеронаутички инженер. Меѓутоа, Паван се откажа да патува во Англија, се запиша во теријаторијалната одбрана на градот Хмељницки, а во паузите помеѓу служењето во одбраната, ги слуша онлајн-предавањата на универзитетот и пишува домашни задачи. 

Мојот сопруг Паван Кхабар се занимава со бизнис, посветен е на реализација на бизнис-проектите меѓу Индија и Украина. Тој не само што не знае да седи без работа, туку во крвта му е да помага некому и некого да спасува. Заедно со неговите пријатели и дипломатите од Амбасадата на Индија во Украина, ја организираа евакуацијата на индиските студенти од Харков и од Суми (на 8 март). По трагичните настани во близината на Лавов, кога по испукувањето на осум ракети по воениот полигон „Јаворив“ загинаа 35 луѓе, а 134 ранети, Амбасадата на Индија во Украина веќе втор пат се иселува од просторот во кој се води војната. 

Се спушта ноќта, нашиот син е на службата во локалната одбрана, денес тој е во ноќна патрола, ќерка ми се јави од далеку, рече дека е добро. До вчера бев како кралица со своите балерини на сцената и еден од сопствениците на ресторанот во центарот на Киев, денес сум вознемирена мајка која го испраќа својот син до рововите во војната и ранлива жена, седам со веќе оладен чај и скаменето срце – последен ден е кога ние во семејството треба да донесеме решение што ќе правиме понатаму. Синот ни одлучи херојски да се бори и да ја брани Украина до целосна победа. 

Му се насмевнувам на својот драги сопруг: „Конечно имаш можност да ми се посветиш мене и да ја спасиш мојата кола“. (Таа е загубена некаде во Унгарија кога ја праќавме ќерката за Англија)

Една моја пријателка кажува во тешките ситуации: на човекот му е дадено огромното добро да не ја знае својата иднина... значи секогаш има шанса утрешниот ден да биде подобар. Така и ние во Украина секое утро се радуваме што сме ја преживеале ноќта, што секој нов ден нè води кон победата!


 Р.Ж.М