Има една вистина која вели дека туѓите деца најбрзо растат. Всушност, кога подобро ќе размислам има многу вистини, но и митови кои се однесуваат на децата и родителството. Во саботата ќерка ми наполни 16 години, или како што таа милува да каже “sweet 16”. Кога се роди, имав 34 и пол години и дотогаш не ми паѓаше на памет да останувам бремена. Некои велат дека е подобро да се има деца на помлади години, некои тврдат дека на повозрасни е попаметно. Мене ако ме прашате, мислам дека годините не играат улога во изборот да се стане родител. Впрочем, сосем легитимно ми е и кога жена ќе одлучи да нема деца без да ги објаснува причините за таквата одлука. Е сега, со нашиов менталитет секогаш ќе има некој кој ќе се поплука и прекрсти ако отворено му кажете “не, не сакам и нема да имам дете”, па тука имате муабети кои се во распон од тоа дека жена не е целосно реализирана ако не е мајка до тоа дека тоа така не чини, оти се фаќало канцер на матката. Колку луѓе, толку вистини и убедувања. Дури и сега, откако ќере израсна во девојка се’ уште мислам дека одлуката ЗА или ПРОТИВ мајчинство треба да е индивидуална и без припотресувања од страна каква и да е. Лично, најбљак ми е она дека ќе нема кој да не’ чува на старост, па би било фино да си родиме барем по едно за систематски да му го упропастуваме животот со нашата старост. А мене, како минуваат годините единствена желба ми е да е жива, здрава и да си го тера животот онака како што тоа ќе и’ одговара. Секако, ќе бидам тука за да бидам столб кога ќе и’ требам, но не и јас за да се потпирам на неа.
Вториот мит е дека секоја жена чувствува кога е спремна за дете. Хм, па баш и не би рекла. Сите ние отприлика знаеме што се случува во бременост и какви промени настануваат и физички и во умот, но додека не се почувствува, тврдам дека врска немаме што ќе не’ снајде. И спремноста не е во тоа дека еден ден станувате од спиење и си велите “ахаааааа, ете овој ден знам дека сакам дете и спремна сум”. Значи, доста со муабети од кои младите девојки имаат трауми и мислат дека нешто не е во ред со нив ако немаат мајчински чувства уште додека си играат со кукли. На пример, јас баш и не сакав кукли и не бев фан да ги шетам во колички, да ги пресоблекувам или да си играм мајка-дете. Мене ме влечеше од одма да ги шишам и со црвен лак да им ги бојосувам усните и образите. Ќерка ми израсна со мекана играчка лавче и повеќе беше фан на плишани животни. Кога беше помала многу се лутеше кога и’ велев дека нема да и’ ги чувам децата, па ги такса баба и дедо за таа обврска (на што мајка ми превртуваше со очи и му велеше на татко ми “држи се Лазо, нема умирачка за нас, изгледа дека уште не’ чека работа”). Сега е во фаза кога бунтовно вели дека никогаш нема да има дете, чекајќи моја реакција која не ја добива, оти и’ велам дека е тоа работа за која сама треба да си одлучи. И навистина го мислам тоа, иако знам дека многумина од вас ќе речат дека ќе ми се смени мислењето и дека внуци се сакаат повеќе од деца. Не велам не, ги имам дома и знам како се потресени за Нина, но сепак останувам на тоа дека најважно ми е да е таа ок со себе при носење на такви животни одлуки, отколку да ме усреќува мене со внуци.
Потоа, родителството се учи и тоа секој ден. Никој не се родил како родител и сулудо е да се имаат очекувања дека ќе бидете спремни за секоја ситуација. Децата се менуваат, се менуваме и ние родителите. Да, знаеме дека ќе има болести и трзавици, читаме како да пристапиме во муабет кога ќе добиеме прашање за тоа како се прават деца, ама тоа е само почеток. После идат понезгодните работи како прашања за емоции, секс, хомосексуалност, што е морал, религија и низа такви прашања на кои колку и да мислите дека сте спремни, верувајте дека не сте. Наеднаш она слатко мало буцмасто детуле, со обравчиња како тазе кифлички ќе ви каже дека читало за мастурбација или дека му се допаѓа некој. Она што го научив низ годиниве е следново:
1. Има секакви прашања
2. Нема универзален одговор
3. Секогаш се осеќате како да ве удрил гром од ведро небо
Можеби е ова вака бидејќи сакаме децата да ни останат мали за да ги заштитиме од светот кој е суров. Можеби детскиот мирис е оној кој не’ враќа на сопствената детска невиност и наивност. Но како и да е, растат и се менуваат а тоа значи дека мора и ние да одраснуваме одредени наши перцепирања за сопствените деца и да пораснеме заедно со нив.
Уште еден мит е оној кој ни е наметнат од филмовите, а тоа е дека младата мајка е свежо нашминкана, истуширана, намирисана, изгледа како од Бурда и дека веднаш воспоставува конекција со бебето. Но, вистината е сосем друга и не е ниту во една розова нијанса, па макар и бледа да е. После породување изгледате како исцедена крпа од која е извадено живо битие. Да, знам дека сум гнасна ама мислам дека треба да се разбие митот кој создава слика која што носи и психички проблеми кај мајката. Не, не мора да изгледате добро. Да, имате право да се чувствувате уморно. Да, нормално е да сте збунети од тоа дека животот ви се менува од корен. Да, имате право да не доите ако не сакате. Да, имате право да доите каде сакате. Да, на некои им треба повеќе време за да се навикнат на улогата мајка и не е за осудување. Мојата бременост беше прекрасна, породувањето со епидурална (дел од што морав, а дел и дека не бев баш среќна кога почнаа контракциите со оглед на тоа дека носев бебе од 4 кг. Ми е гајле ако мислите дека сум шмизла која се пренемагала, ниту барам оправдување, ниту пак мислам дека оние кои се породиле по природен пат се глупави бидејќи се изложиле на болка). Имав млеко колку за 3 деца (каков шок ми приредија моите мали гради) и доев кај стасав во момент кога Нина отвараше уста. Изгледав потечено и уморно, иако бев среќна. Башка, кога имате бебе кое цица на секој час и кое сака да ви спие во раце, немате баш многу време за себе. Оставете настрана муабетите за дисциплина и дека треба да се оставаат да плачат. Јас тоа не го можев, а и не го сакав.
Нина ќере, да си ми жива и здрава, да си своја и храбра. Да чекориш низ животот со нозете цврсто на земја и со крената глава. Да знаеш дека чистиот образ нема цена, мирниот сон не се купува, а љубовта се негува. Јас ќе бидам секогаш тука за да имаш каде да го навалиш грбот и да одмориш, ама најголема желба ми е да ги рашириш крилата и да бидеш слободна и ослободена од сите стеги кои ќе ти ги наметнува животот.
Да не се плашиш да кажеш НЕ и да се бориш за тоа што го сакаш и заслужуваш. Никогаш да не го живееш животот за да задоволиш туѓи очекувања, без оглед од кого доаѓаат. Научи да бидеш самостојна и да не зависиш од никого, да знаеш да уживаш подеднакво и кога ќе си сама со себе и кога ќе бидеш со оние кои ги сакаш.
Те сакам до небо...без назад, само угоре и безусловно.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Единствената видлива лузна на мене
е онаа од царскиот рез
хоризонтална
на долниот дел од стомакот
оној ден кога сама одлучи
дека ти е дојдено времето
да се одделиш од мојата утроба.
Единствената видлива лузна на мене
е онаа која секогаш ќе ме потсетува на денот
кога со тебе повторно се родив
со страв и бол
дека во делот кој од мене ти го дадов
ќе си осудена да љубиш со сето битие
со сила која лекува други
а го убива оној што ја дава.
Единствената лузна во мене
која не се гледа, а крвари
е стравот дали ќе сум доволно добра
доволно силна и мудра
за да те научам да си ја чуваш и сочуваш душата
а срцето да ти остане цело
оти после не се лепи.
Единствената лузна која ќе ме боли до смрт
ќе е онаа која ќе се залепи на мене
кога ти првата во душа ќе ја добиеш
која ќе ме разори и ќе остане
дека не сум успеала да те заштитам
од она што бол се вика
иако знам дека ќе си посилна од мене
и за многу нешта похрабра.
Ете, затоа пишувам
за да можеш еден ден
да ме запознаеш и како жена, човек
со сите болки и стравови
со сите мои демони и неуспеси
со сета љубов која во срцето сум ја носела.
Ете, таа лузна што ќе ти ја донесе мојата душа
таа ти ја подарувам
оти таа е единствената
за која нема да можам да се извинам
за која ќе немам оправдание
ниту пред тебе, ниту пред себе
оти таква сум...таа сум.
И еден ден
кога ќе ги имаш моите книги в раце
и ќе ми ја вртиш душата низ прсти
ќе знаеш оти исто се љуби и на 20 и на 40
само ако имаш срце во себе.
Ете тогаш, ќе ми простиш, а и себе
зошто сме толку слични, а сепак различни
оти дел од моето проклетство за љубење
преминало и на тебе.
Единствената видлива лузна на моето тело
ја носам со гордост,
оти таа е единствената
која ми ја донела безусловната љубов
најголемата радост и болка
најголемиот страв и борба
ТЕБЕ