,

Tрајковска: Луѓето се отуѓија, а бракот е исправен пред невиден предизвик

Добивај вести на Viber

Oливера Трајковска, по професија теолог, а воедно и автор кој неколку години ги истражува депресијата и она што луѓето во нашето општество ги засега вели дека бракот како институција е исправен пред невиден предизвик. Таа вели дека постојано сме сведоци на енормен раст на бројот на разводи на годишно ниво и тоа веднаш, во првата година од стапувањето во брак, како и по повеќедецениски брачен живот. Трајковска констатира дека сè повеќе семејствата од функционални преминуваат во дисфункционални. Причините за развод се многу и со различна природа. „Причини за развод има мал милион, затоа што тоа е поврзано со брачните другари кои како индивидуи имаат сопствени убедувања, па тоа ќе имплицира и различни причини кои доведуваат до развод. Но, ние ќе се задржиме на оние најсуштинските кои се најчесто застапени. Егзистенцијални (младите немаат можност да основаат свој дом бидејќи се финансиски зависни од своите родители и како резултат на тоа се под контрола на родителите дури понекогаш и условувани за своите одлуки бидејќи не се во согласност со оние на родителите). Кариеризам (невидена трка за престижна титула, кариера и стекнување на материјални добра, при што се губат приоритетите и семејството и бракот трпат последици). Посесивност на родителите (нераскината врска помеѓу родителите и децата, односно процесот на осамостојување сè уште не е завршен, па така имаме мамички кои не се откажуваат од своите синови или ќерки и се будното око на младиот брачен пар; неподобни снааи и зетовци, итн.) Недоволна подготвеност да се биде родител (психичка и физичка неспремност да се одговори на предизвикот родител, да се станува рано наутро; да се дои новороденчето; да се уредува домот; да се најде баланс во исто време да се биде брачен другар и родител...) Губење на мајчинската улога кај жената (наметнатиот брз начин на живот, краткото породилно отсуство, неможноста да се обезбедат потребните средства за живот како и желбата да се има престижна кариера едноставно вршат атак врз мајчинството. Сè повеќе мајки ја жртвуваат својата мајчинска улога во замена за добра работна позиција или добра заработувачка.Мајчинството нема цена. Но, за жал, кај нас малку жени имаат привилегија да уживаат во чувањето и воспитувањето на своите деца и притоа да не бидат финансиски засегнати.Трендот на самотнички живот. Зависност од социјалните мрежи(сè почесто брачните другари се целодневно присутни на социјалните мрежи што апсолутно доведува до разнишување на стабилноста на врската, прекин на меѓусебната комуникација и голем број неверства)“ – објаснува Трајковска. Таа додава дека многу често има и материјализирање на љубовтта, па така имаме предвреме искалкулирани бракови кои за кратко време се распаѓаат по првиот банкрот или караница. Tрајковска објаснува дека факт е дека Македонија повеќе од една деценија е под силно влијание на западниот менталитет. Но, Македонија е и балканска држава со многу стереотипи и традиции, смета таа. „Го имаме прифатено западниот режим на работа со македонски стандард. Симбиоза од тој тип е невозможна. Трка за пари од една страна затоа што општеството тоа ти го наметнува и традиционални гледишта во поглед на бракот од друга страна. Породилно отсуство кое трае девет месеци за разлика од европските држави каде што е две години. Невозможно. Треба многу да се работи на градење на сопствената свест, на созревање на личноста и тогаш да се донесе одлука за брачен живот. Колку и да има влијание однадвор, ако ние сме цврсти одвнатре тогаш тоа би било како кога ветерот удира во карпа и се одбива. Влијанија има, но ние треба да бидеме рационални и да носиме правилни одлуки. Луѓето се отуѓија, дури и во кругот на семејството. Недостиг на љубов и разбирање, непочит и недоволна грижа за другиот. Полека стануваме егостично настроено општество. Едноставно, секој за себе. Каде е другиот во целата приказна? Бракот подразбира заедница, споделување, грижа, љубов кон другиот. За да имаме успешен брак треба да се сакаме себеси и да бидеме самосвесни, така ќе можеме да ги сакаме и другите. Да не влегуваме во бракот со очекувања дека тоа е розева бајка, туку напротив да бидеме подготвени за голем предизвик. Да бидеме спремни за многу падови и станувања држејќи се за рака или потпирајќи се на рамото на другиот. Да се вљубуваме во својот избраник/чка барем еднаш годишно и тоа секојпат во некоја новооткриена негова карактеристика. Бракот како институција треба да биде само официјален потпис на веќе изградена заедница на темелите на љубовтта“ – вели Трајковска. Според податоците на Државниот завод за статистика, во третото тримесечје од 2017 година се регистрирани 399 разведени бракови, што претставува зголемување од 27.1% во споредба со истиот период од 2016 година. Најголем број на разводи вообичаено има во Скопје. С.А.