TAA E…Елена Ристеска: “НАЈЧЕСТО ТЕ СУДАТ ОНИЕ КОИ СЕ НАЈГРЕШНИ”

Бев во публиката кога одеше шоуто на М2 продукција и бев сведок на раѓање на нови имиња на македонската музичка сцена, имиња кои оставија свој печат низ годиниве што минаа. Не сум некој еуфоричен тип на човек кога е во прашање музиката, не се разбирам од музика, ама интуитивно знам (по внатрешниот немир и чувство на исчекување) што е добро. Кога на сцената се појави “девојчето со чорапчињата”, наеднаш се’ доби една сосем поинаква димензија, а и самото шоу како да поприми поинаков, свеж изглед. Нејзината самоувереност (а имаше само 16 години), страста со која ја отпеа “Она другото”, совршената контрола врз публиката која чинам дека беше во делириум, ме натераа во истиот миг да си помислам “ова девојче ќе биде ѕвезда”. И стана ѕвезда, многу брзо се искачи нагоре со својата експлозивна енергија и љубов кон музиката, за да си го најде патот по кој неприкосновено чекори веќе 20 години.

Велат дека секој од нас има своја мисија на планетава, дека не сме случајно тука и сега. Мудроста е да се најде одговорот на прашањето зошто битисуваме токму во овој миг, да го најдеме она што ќе не’ води низ животот и да се посветиме на мисијата која ни е дадена од Универзумот/Бог. И што е најважно, да сме доволно истрајни и да не скршнеме од патот кој е наш, без оглед колку се искушенијата големи или колку и да ни се препреките мачни за совладување.

Она што го сакам кај Елена е нејзината фокусираност да се оди напред, силата со која не дозволи туѓите фрустрации да станат нејзини, нејзиниот природен сенс за естетика која во ниту еден миг не ја минала границата на добриот вкус, нејзината етерична убавина која е толку едноставна и комплексна истовремено, нејзината истенчена смисла за хумор и непосредноста. Она што ме фасцинира е начинот на кој се справува со злите јазици и човечката злоба, без да си дозволи да си ги извалка рацете или устата со тоа што ќе возврати. Впрочем, како и секоја дама која знае што сака од животот и од себе, Елена го возвраќа ударот со нова песна, ново заблескување, нов успех. Дајте и’ отров, таа ќе направи песна-лек од него. Дајте и’ злоба, таа ќе ви стокми заводлив ЕРА парфем. Секој удар кон неа, за неа е предизвик за да биде подобра, поуспешна, повеќе своја.

Нема да ви набројувам нејзини песни, успеси, појавувања на домашната и странската сцена. Тоа можете да го најдете на интернет со два клика. Нема да ви ја воспевам за да ви кажам какви гласовни можности и капацитети има. Тоа можете на youtube да го слушнете. Денес, ќе ви ја претставам Елена која јас ја знам и со која комуницирам. Жената која пее и тогаш кога и’ се плаче, жената која наоѓа убав збор за секој, дури и тогаш кога и’ е тешко сама себе да се искрепи. Денес, ќе ви ја претставам жената која лично многу ја сакам и почитувам, од која учам никогаш да не си ја потценувам внатрешната сила и која знае да ме насмее и тогаш кога мислам оти небото ми тежи над глава.

Елена, ти си една од моите жени-змејови, на кои им се восхитувам.

Ladies and gentlemen… Елена Ристеска

1.  КОЛКУ СЕ РАЗЛИКУВА “ДЕВОЈЧЕТО СО ЧОРАПЧИЊАТА” ВО 2002 ГОДИНА ОД ЕЛЕНА КОЈА ДЕНЕС ЈА ГЛЕДАМЕ И ЗНАЕМЕ. КОГА ВЕЛАМ “РАЗЛИКУВА”, ПРЕД СЕ’ МИСЛАМ НА ВНАТРЕШНИОТ РАЗВОЈ. ШТО НАУЧИ ЗА СЕБЕ ИЗМИНАТИВЕ 20 ГОДИНИ?

Карактерот и суштината на мојата внатрешна енергија никогаш не се променија. Јас сум истото тоа девојче со чорапчињата кое се’ уште верува дека сите луѓе се добри и дека имаат убави намери, веројатно дека тргнувам од себе и своето воспитување. Се’ уште наивно верувам дека можам многу нешта со мојата огромна волја и ентузијазам да променам на овој свет. Се’ уште безрезервно им помагам на луѓето без разлика дали заслужуваат или не. Сепак не е важно какви се тие, важно е дека не ме промениле и разочарале оние кои не ме заслужиле. Сепак, јас сум таа која е среќна кога помага. Но, се променија околностите во кои живеам и работам, па така и јас се променив во однос на принципите, многу сум покатегорична и цврста за разлика од порано. Држам до себе и своите правила. Нема жива сила, ниту пари кои би ме натерале да направам нешто кое не ме прави среќна, станав премногу пребирлива и во однос на пријатели и соработници, но и во однос на она што ќе сработам, а што нема. И да бидам искрена последните години ја сфатив мојата мисија на светов особено во време на короната, па малку го изгубив предизвикот за некои професионални нешта, а ја развив мојата цел да помагам и да променам некои работи со отворање на мојата хуманитарна организација ЕРА фондација.

2.  КОГА ГИ ГЛЕДАМЕ ЛУЃЕТО ОТСТРАНА, СЕКОГАШ НИ СЕ ЧИНИ ДЕКА ВО ЖИВОТОТ ИМ Е СЕ’ МЕД И МЛЕКО, ОСОБЕНО АКО СЕ РАБОТИ ЗА АТРАКТИВНИ ЖЕНИ КОИ ЗНААТ И УМЕАТ ДА ПЛИВААТ НИЗ ЖИВОТОТ И СИТЕ ПРЕДИЗВИЦИ КОИ ТОЈ ИМ ГИ НОСИ. КОИ БЕА ТВОИТЕ НАЈГОЛЕМИ ИСКУШЕНИЈА И КАКО ИСПЛИВА?

Таа тема е нешто што е повеќе поврзано со жените од јавниот живот, за кои секој си дозволува да даде мислење, како да имаат право над твојот живот. До толку мислат дека имаат право, дури и можат да креираат своја верзија на тоа кои и какви сме ние јавните личности, ко да сме канта за ѓубре, па се’ што не чини се фрла во неа, а тоа што не чини сме ние според нив. Но, поиритантно е тоа што без никакво размислување, жената (не само јавните личности) се става на тапет и се распнува на животниот крст, кој и така тешко го носиме на своите плеќи ние жените. А како во примитивните времиња, мажот се’ уште е на пиедестал без разлика колку е грешен, промискуитетен, порочен итн. Секогаш мора да се обвини жената во секоја конотација. Се’ уште моралот важи за жената како доблест, а не важи за мажите. Моите искушенија беа во поглед на лошите натписи, коментари и муабети за мене низ овие 20 години, на кои никогаш не потпаднав на провокација, а веќе и не ме допираат. Кога кажав искушение мислев на тоа дали да станам лош човек и да се одмаздувам или не, меѓутоа мојата верба во Бога и огромна трпеливост дочекаа да Бог им врати на неправедните и лошите, а никогаш јас. Верувам дека не е важен односот кон другите луѓе, туку односот кој го имаме кон Бога, не им грешиме на другите луѓе кога им правиме лошо, му грешиме на Бога и тоа е само наш грев. Нивен е гревот кога зборувале за мене невистини и ме клеветеле, а не мој. Особено лагите кои го смениле јавното мнение за мене поради нечија бујна фантазија и лоши намери. Ама пак, простено им е, сепак тргнуваат од себе кога зборуваат за другите. Кој што носи во себе тоа го зборува за другите, и лошо и добро.

3.  ГОДИНИТЕ МИНАТИ НА СЦЕНА И ПОД БУДНОТО ОКО НА ЈАВНОСТА ТЕ ИСЧЕЛИЧИЈА, ОСОБЕНО КОГА БЕШЕ ВО ПРАШАЊЕ ТВОЈОТ ИНТИМЕН ЖИВОТ (КОЈ СЕКОГАШ БИЛ ПРЕДМЕТ НА ИНТЕРЕС). КАКО УСПЕВАШ ДА СЕ СПРАВИШ СО “РЕКЛА-КАЗАЛА”, ОСОБЕНО КОГА ЧИТАШ/СЛУШАШ ЗА СЕБЕ РАБОТИ КОИ ДУРИ И НЕ ЗНАЕШ ДЕКА СИ ГИ МИНАЛА, А СПОРЕД ЧАРШИЈАТА СЕ СЛУЧИЛЕ?

После толку години, само ги пуштам глупостите да си течат како река која не запира. Имунитет создадов кон човечките “болести” да уништуваат туѓи животи, не читајќи ништо буквално. Кога велам ништо мислам на ништо за никого, а најмалку за себе. Во тој процес на моја “глувонемост и слепило” кон глупостите на социјалните мрежи, пропуштам разни информации дури и оние што се важни да ги знаеш од општа култура. Но, фала му на Господ, станав посреќна. Перцепцијата на другите за мене е само нивна работа. Тие нека стравуваат што јас мислам за нив. Со целата моја реализираност и успеси, важно е моето мислење за другите, а не нивното за мене. Нели, важно е и од кого доаѓаат муабетите. А пак јас, најважно е кога ќе се погледнам во огледало интроспективно што мислам за себе, која и каква сум, на оваа тема имам напишано неколку песни, па слушнете ги “Доста” и “Без шминка”, а најмногу опишува делови од мојот живот “Немаш право ти да ми судиш” алудирајќи на оваа тема и обраќајќи се на луѓето со лоши намери. Најчесто те судат оние кои се најгрешни. А само Бог има право да суди.  

4.  АКО ИМАШ МОЖНОСТ ДА СЕ ВРАТИШ НАЗАД ВО МИНАТОТО, БИ СМЕНИЛА ЛИ НЕШТО ИЛИ БИ ИЗИГРАЛА ИСТО?

Професионално да, би променила некои работи, на пример би имала повеќе големи концерти и албуми, би ги искористила приликите за пробив надвор од Македонија кои своевремено ги одбивав, би сменила доста нешта, меѓутоа и да не “чепнам” ништо од минатото, јас сум среќна од оваа перспектива кон целата моја кариера. Во поглед на приватниот живот, би почнала порано со чистење на “ѓубрето”, односно луѓето “цицачи на енергија”, погрешни пријателства и лажни маски во љубовта. Тие ми ја исцрпија енергијата и сега сум посебична за нови пријателства и љубови. Невидено пребирлива сум, што и не е коректно заради лошите искуства во минатото да не добие шанса некој од сегашноста.  

5.  “ЕЛЕНА, АКО ТЕ УДРАТ ПО ОБРАЗ, СВРТИ ИМ ГО И ДРУГИОТ” Е СОВЕТ ОД ТВОЈОТ ПОКОЕН ТАТКО. ГО ВРТИШ ЛИ СЕ’ УШТЕ ДРУГИОТ ОБРАЗ ИЛИ ВЕЌЕ ТИ Е СМАЧЕНО ТВОЈАТА ТОЛЕРАНЦИЈА КОН УДАРИТЕ КОИ ГИ ДОБИВАШ ДА БИДАТ ТОЛКУВАНИ КАКО СЛАБОСТ?

Така мислев и живеев по таа фраза додека не сретнав еден порелигиозен човек во мојот живот. Кога му спомнав: па нели да го свртам другиот образ, нели треба да сум добра и неодмаздољубива по секоја цена? Тој ми рече: не си ја запазила другата страна во Библијата, каде пишува: ако те нападнат, ќе се браниш! И онака рефлексивно ни доаѓа да кренеме рака да се заштитиме кога тргнува некој да не’ удри. Така што, веќе не дозволувам да ме напаѓаат.

6.  ПОСЛЕ 20 ГОДИНИ НА СЦЕНА, ХИТОВИ, УЧЕСТВО НА ЕВРОВИЗИЈА И ЕТАБЛИРАНА КАРИЕРА, КОЈ Е ТВОЈОТ СОВЕТ ЗА МЛАДИТЕ КОИ ГО БИРААТ ПАТОТ ПО КОЈ ТИ ВЕЌЕ САМОУВЕРЕНО ЧЕКОРИШ?

На оваа тема пишувам книга со сите мои искуства и совети за идните генерации. Помладите генерации се дел од мојата мисија за помагање на другите кои немале можност да научат, ниту да ја добијат шансата за да бидат чуени. Советите ми се секогаш да се остане скромен човек приватно, а да се доминира на сцената. Секогаш да се бават само со својата работа и цели. Па би им рекла: доколку знаеш дека треба да стигнеш од Скопје до некое место за саат време и таму те чека светски успех, дали ќе застануваш попатно по споредни улици или ќе побрзаш да стигнеш на време за да го зграбиш успехот? Секако дека нема да се бавиме со тоа кој каква песна и успеси има, ќе се бавиме само со својата цел и подвизи. Тремата пред настапи е нешто во нас самите како чувство, со кое можеме само ние да се избориме. Ако нема некој во себе чувство да помага никогаш од никој нема да му биде помогнато. Луѓето често се разочаруваат од оние на кои им помагале, најчесто им велам: не се важни другите, ако те искористиле тие губат, нема веќе да можат да те користат, но ти ништо не губиш кога даваш. Еден ден со големо трпение и на оние кои помагаат, ќе им биде помогнато. Во однос на муабетите и натписите за нив, ќе им кажам само да сфатат дека тие муабети се за некоја “друга” личност. Тоа што другите опишуваат некоја друга личност, а не ве опишуваат вас, е само нивен проблем. Кога сме кај истрајноста ќе напоменам една приказна која се вика на “метар од златото”, оној што се откажал со копање на еден метар од златото, ако бил поупорен и истраен ќе стигнел до истото. Никогаш не се знае кога ќе дојдат 5-те минути да засјаете, вашите 5 минути на сцената. Затоа треба да се работи макотрпно и посветено, но и упорно, без искушенија да се откажете.  

7.  ЕРА КОЗМЕТИКА Е ВЕЌЕ ПОЗНАТ БРЕНД НА КОЈ ЗНАМ ДЕКА СИ ГОРДА, БИДЕЈЌИ НАВЛЕЗЕ ВО НОВИ ВОДИ ВО КОИ СЕ ДОКАЖА ДЕКА МОЖЕШ ДА СИ ПОДЕДНАКВО УСПЕШНА КАКО И ВО МУЗИКАТА. РАЗМИСЛУВАШ ЛИ ЗА НЕШТО НОВО, НЕШТО ШТО ЌЕ ЈА ЗАСКОКОТКА ТВОЈАТА КРЕАТИВНОСТ?

ЕРА козметика е нешто што беше мој предизвик, да пробам после толку години во музиката да направам нешто свое, свој бренд кој би го продавала како заштитно лице, нешто што со години го правев за туѓи брендови и беше успешно. Па така фала му на Господ, иако се’ уште сум во реинвестирање на брендот, приказната е успешна. Соработката со официјалниот дистрибутер за салони за убавина, Златко од АС креатива и со Космо парфимерии ми даде огромен ветер во грбот дека и другите луѓе веруваат во мојата приказна и квалитетот на производите, па последна е и соработката со Натура Терапи кои имаат 20 продажни места низ Македонија, па радоста е голема дека ЕРА ќе биде достапна до секого. Онлајн продажбата почна во сред корона, но тоа беа и првите продадени производи и моите први успеси со козметиката. На други полиња би се испробала во иднина дефинитивно, бидејќи мојата креативност и идеи, а особено елан за иновативност се незапирливи. Ми се чини дека ќе работам и создавам дур сум жива.

8.  КОЈА Е ЕЛЕНА КОГА НИКОЈ НЕ ЈА ГЛЕДА. СЕ САКАШ ЛИ СЕБЕ ИЛИ СЕКОГАШ СИ НАОЃАШ ПРЕДИЗВИК ЗА ДА СЕ МЕНУВАШ И ДА СТАНЕШ УШТЕ ПОДОБРА, ПОУСПЕШНА, СВОЈА?

Не постои жена задоволна со себе, што е добро, бидејќи секогаш ќе се надградува и ќе се развива. Се’ уште читам, растам и учам за животот, се’ уште ја имам во душа онаа сократовата “Јас знам дека ништо не знам”- тоа е првото сознание на чекор до поголемо знаење. Во поглед на изгледот многу нешта би сменила, можеби ситници, но, не сакам да впливам во “морето” на едноличноста на оние кои се со видливи естетски корекции и каде сите ја изгубија својата автентичност. Не судам кога се другите во прашање, но стравот да го уништам она што Бог ми го дал со раѓањето е голем. Сепак Елена Ристеска е Елена, сакана од публиката и без набабрени усни и без истегнато лице. Среќа имам што мојата музика е она што ме направи денес таа што сум, не морам да се менувам екстремно да бидам прифатена.

9.  РАЗУМ ИЛИ ЧУВСТВА? КОГА БИ МОЖЕЛА СЕБЕ ДА СЕ ДЕФИНИРАШ ДАЛИ СИ ЧОВЕК ОД УМ ИЛИ СРЦЕ, ШТО БИ КАЖАЛА?

Она другото (се смее). Како во мојата прва песна отпеана во 2002-рата година кога победив на аудициите на М2 продукција. Дефинитивно треба да го избереме срцето во одлуките, или интуитивното. Иако во реалноста мораме да направиме баланс помеѓу разумот и срцето. Но, вистинскиот уметник секогаш се води по чувствата, си го слуша срцето.  

10.  СЕСТРА ТИ ДРАГИЦА Е ЛИКОВНА УМЕТНИЦА, ВНУКА ТИ ДЕЛФИНА НЕОДАМНА ОСВОИ ПРВО МЕСТО ВО ЛАТИНО ТАНЦИ СО СВОЈАТА ГРУПА. ОЧИГЛЕДНО ДЕКА УМЕТНОСТА ВИ Е ВО КРВТА. ОД КОГО ВИ Е ГЕНОТ ЗА УМЕТНОСТ?

Од двајцата родители ни е уметноста, а и пошироката фамилија е полна со уметници. Знаеш, кога си израснат во семејство на чесност и добрина, емпатијата и емоциите се секогаш присутни, ние секогаш ги претворавме во уметност. Татко ми совршено црташе, но од него имав видено само една слика. Немаше време за повеќе, поради работата како правник. Сестра ми е уметник од мали нозе и цел свој живот е креативна до максимум, нешто што ни е заедничко. Таа се погрижи и за дизајните во ЕРА козметика и за логото. Делфина е се’ уште мала да кажам во која уметност ќе се пронајде, бидејќи е многу слична на мене во темпераментот, хиперактивна е, танцува, црта, глуми, пее, дефинитвно е по уметностите. А пак мојата мајка, покрај тоа што на времето била пејачка со нејзината сестра, таа е екстремно талентирана за креации и за дизајн во модата. Ден денес се случува да сошие некоја идеја за мој настап и без да пробам и без да знам. Штета што никогаш не отвори студио за модни дизајни, нејзините креации кои ги носев секогаш беа најзабележани од публиката. Исто така и сестрата на татко ми пееше убаво, дедо ми свиреше на гајда, братучетките ми се многу креативни и способни. Уметноста е дел од нас.

11.  КОИ ТИ СЕ ПЛАНОВИТЕ ЗА 2023 ГОДИНА? ИМА ЛИ НЕШТО ШТО ИМАШ ЗАЦРТАНО ВО КАЛЕНДАРЧЕТО ИЛИ ОСТАВАШ ДА ТЕ ВОДИ ИНТУИЦИЈАТА?

И едното и другото, интуицијата ме води секогаш и оставам на спонтаност, меѓутоа имам желби за 2023-та да се посветам на кариерата повеќе. Голем концерт во Скопје за 20 години кариера, но и турнеја низ Македонија, на кои би им претходеле неколку песни или албум. За приватниот дел му оставам на Бог. Тој има најубави и најсовршени планови за нас.

12.  КОГА СИ ТАЖНА ИЛИ КОГА ИМАШ “ЖОЛТИ МИНУТИ” КАКО ИЗЛЕГУВАШ НА КРАЈ СО СЕБЕ? ДАЛИ СЕ ОПКРУЖУВАШ СО ЛУЃЕ ИЛИ СИ САМОТНИЧКИ ТИП НА ЧОВЕК КОЈ СЕ ВРТИ КОН СЕБЕ И ИЗБЕГНУВА ДРУЖБИ ДОДЕКА НЕ ЗАСТАНЕ НА НОЗЕ?

За жал јас сум од вториот тип на луѓе, се затворам во себе за да не ширам негативна енергија и за да не им ги наметнувам моите тегоби на другите. Меѓутоа е голема грешка, понекогаш убавиот збор од некој туѓинец може да ни ја смени перспективата кон проблемите и полесно ќе излеземе од кризата. Со оглед на тоа што толку сум изолирана последниве години, сепак не се чувствувам како интроверт, разговорот со мојата најдобра другарка, со мојата сестра, мајка или било кој од блиските луѓе успева да ме издигне од “калта” или да ме извлече од лошата состојба.

13.  ВАЖИШ ЗА НЕПОСРЕДНА И БЛИСКА СО ПУБЛИКАТА. ИМ ЈА ВОЗВРАЌАШ ЉУБОВТА КОЈА ТИ ЈА ДАВААТ И ОД ТВОЈОТ ИНСТАГРАМ ПРОФИЛ ЧИНАМ ДЕКА НИКОГАШ НЕ ОСТАНУВАШ ЗАТВОРЕНА И НЕМА НА УБАВИТЕ ЗБОРОВИ СО КОИ ТВОИТЕ ФАНОВИ ЈА ПОКАЖУВААТ ПОЧИТТА КОН ТЕБЕ. ТЕ ИСЦРПУВА ЛИ НЕКОГАШ ТАА ИНТЕРАКЦИЈА ИЛИ ТОА ТИ ГИ ПОЛНИ БАТЕРИИТЕ?

И те како го сакам тој дел од работата, публиката и јас во константна љубов и почит. Тоа е “шлагот на тортата, без кој ниедна торта не би изгледала убаво”. Комуникацијата со фановите и поддржувачите на мојата музика е резултат или последица на мојата музика и кариера. Не би можела да замислам да постојам на сцената без љубовта од моите обожаватели. Тоа е најголемиот благослов од Бога. Јавно им благодарам за тоа.

14.  АКО ИМАШ МОЖНОСТ НЕКОГАШ ВО ЖИВОТОТ ДА ОТПЕЕШ ПЕСНА СО НЕКОЈА ПОЗНАТА СВЕТСКА ЅВЕЗДА, КОЈ/А БИ БИЛ/А?

Имам повеќе кои ми се предизвик за дует од светската сцена, но ќе одвојам дел: Рита Ора и Дуа Липа поради модерната енергија и актуелноста, Алиша Кис поради емоцијата во изведбата, Џастин Тимберлејк поради уметноста која ја гаи, Адел поради сличната биковска цврстина која ја имаме и други.

15.  ЗА КРАЈ, ИМА ЛИ НЕШТО ШТО НИКОГАШ НЕ ТЕ ПРАШАЛЕ ВО НИТУ ЕДНО ИНТЕРВЈУ, А БИ САКАЛА ДА СПОДЕЛИШ СО НАС?

Често ќе чујам за себе зборови дека не можам да се реализирам на приватно поле, меѓутоа грешат, јас не сакам! Огромна е разликата, јас можам како јавна личност посакувана од илјадници луѓе да реализирам што сакам и со кого сакам, но, не сакам да влезам во просечни приказни. Исклучиво нешто што вреди може да застане рамо до рамо со мене, меѓутоа тоа што вреди по мои параметри, а не туѓи. Јас бирам, не ме бираат мене.

За крај, ова е песната која ја имам напишано за неа гледајќи ја како пее во сиот свој сјај, како да е од друга планета, како да нема грижи, како да е СЕГА и ТУКА само за публиката, за нас. Драга Елена, чест ми беше што те имавме во ТАА Е...

Жената што пееше

Излегува на сцената

поголтнувајќи ги солзите

кои ќе ги остави за подоцна,

кога ќе ја топли

само едната половина од креветот.

Излегува со самоуверен чекор

сигурна на високите потпетици

таа, жената што пее

заводлива и нежна,

со црвен кармин,

коса распуштена низ рамениците

на кои животот и’ тежи

и пее.

Пее секој пат како никогаш дотогаш

осветлена од силно светло,

голтана од погледи,

дишејќи туѓи здивови

и со секоја песна

душата и’ онемува

оглувена од силен аплауз и врескања за бис

за да се врати на сцената

со сјај во очите

за кој никој не знае дека од среќа не е.

И потем

во темнината се враќа

со раце натежнати од рози и стисоци

та седи под жешка вода

долго

за да го одмие секој допир

додека шминката не се одлее

и кожата не и’ се исчисти.

Припалува цигара

со поглед вперен низ прозорецот

гледајќи ги светлата во градот

во кој си сакан или омразен со истата страст

и легнува

покривајќи се преку глава

за да исчезне и последниот звук од песната

која не е за оној кој го љуби.

Таа жената која пее,

која пееше и тогаш

кога песната во неа умираше.

Ана Бунтеска

Фото на насловна: Стефан Николовски

Фотографии внатре во текстот: Стефан Николовски, Ани и Дими, Владо Георгиев, приватна архива