TAA E…Наде Молеровиќ: „ДОБРИТЕ НАСТАВНИЦИ ПРЕДАВААТ И РАБОТАТ СО СРЦЕ

Има една изрека која вели “погледни го детето и веднаш ќе знаеш какви му се родителите”. Децата се оние кои остануваат после нас, а нашата улога е да ги спремиме за сите предизвици кои им ги носи животот. Но, сето тоа мора и треба да е взаемна соработка со наставниот кадар кој е задолжен за нивната едукација. Тимската работа, без суети, натегања, докажувања а се’ во интерес на иднината на децата, е клучна.

Наде е жена со која веднаш имате КЛИК уште на првиот збор. Секогаш насмеана, со енергија која ве поткрева, со широки сфаќања и желба секогаш да учи и да се менува. На моја огромна радост прифати да разговараме за тема која е секогаш актуелна, образованието и развојот на децата..

Како да ги насочиме децата, не само дома туку и на училиште? Што е она што од нашите поколенија ќе го извади најдоброто и ќе бидат успешни? И кога велам успешни, најмалку мислам на финансиска моќ. Успешноста повеќе ја дискутиравме од аспект на создавање креативни, задоволни и среќни луѓе, кои ќе бидат најдобрата верзија од себе.

Не треба посебно да ви ја претставувам оваа жена-змеј, која има завидно искуство зад себе како наставник, но и мотивациски говорник. Само ќе ве оставам да го изголтате секој нејзин збор кој има тежина како планина.

Ladies and gentlemen… Наде Молеровиќ

*  КОИ ПРАШАЊА ИМААТ МОЌ ДА НИ ГО ПРОМЕНАТ ЖИВОТОТ (НАСЛОВ НА ЕДНО ПРЕДАВАЊЕ) И ЗОШТО ТОКМУ ТИЕ?

Поставувањето прашања е навистина чудесно корисна алатка, вештина или умеење што ми помогнале во надминување на многу непријатни ситуации во животот и наоѓање решенија.Сите поминуваме низ премрежја, непријатности, неуспеси, губитоци и  разочарувања. Но, како им пристапуваме, како се соочуваме, како ги надминуваме е клучното прашање. Најчесто бараме виновници. Дали дозволуваме тие да ни го обликуваат секојдневието, деновите, годините или едноставно ги прифаќаме како такви. Дали дозволуваме поради нив да се сожалуваме? Дали ќе се обвинуваме себе си поради тоа? Дали сметаме дека сме помалку вредни? Или глупави можеби? Или поради негативните емоции што ги имаме од овие ситуации се плашиме да продолжиме, да се истражуваме, да растеме и да се подобруваме во секој поглед како личност.Но, дали е тоа едноставно? Не е секако, бара од вас свесност дека животот е дар, дека ние сме тука на планетава да го живееме со радост. Токму поради ова прашањата се тие кои можат да те извлечат, да те разбудат, да те излекуваат, да те исчеличат, да ти го покажат патот.

Кога сме биле мали сме биле љубопитни  за се’ што не опкружува. Што? Каде? Зошто? Како? Така сме го осознавале светот. Кога сме пораснале веќе и да сме биле љубопитни ни било кажувано дека не треба да прашуваме многу. Во училиште дури и наставниците не ни дозволувале прашања. Веројато поради нивната неподготвеност да ги имаат одговорите. Не’ учеа во училиште да ги знаеме само одговорите, онака набубани, не не’ охрабруваa како да прашуваме. Никој не не’ научил да поставуваме важни и суштински животнни прашања. Ниту пак прашања кои би биле рефлектирачки за да во одреден животен период или искушение се преиспитаме себе си. Прашањата потикнуваат размислување, откриваат вистини, разрешуваат интерперсонални релации, несогласувања, помагаат да се донесат подобри одлуки.

Јас сум голем љубител на себеистражувачки прашања. Многу од нив ме разбудиле. Сум се запознала одобро. Сум се засакала повеќе. За некои не сум се чувствувала баш пријатно. Ми откриле многу длабоки нешта за себе. Ме дефокусирале од неријатности. На пример:  Како би изгледал мојот идеален живот? Тогаш почнувам да размислувам во кои аспекти од мојот живот би сакала да се сменам? Релации и врски, кариера, хоби, финансии, навики или верувања ?  Дали сум задоволна од себе каква личност сум? Дали неделава бев искрена со себе? За што во моментов сум среќна? Кои навики не ми се од корист?

Сите овие и уште многу провокативни суштински прашања ќе ви  го отворат умот и ќе почнете себе си и светот да го гледате од друга персектива. Тие прашања навистина можат да ви го променат животот, на подобро. Само ако сте подготвени и отворени да се менувате. Зошто само промените се вечни.

Како и ние и животот.

*  ШТО ЗНАЧИ АВТОРИТЕТ ЗА ДЕЦАТА? ДАЛИ ИСТИОТ СЕ ГРАДИ ПРЕКУ СТРОГОСТ ИЛИ ПОПУСТЛИВОСТ, ИЛИ МОЖЕБИ ТАЈНАТА Е ВО ИДЕАЛНИОТ БАЛАНС МЕЃУ ДВЕТЕ?

Совршен родител не постои. Колку и да се трудите секогаш ќе бидете за нешто критикувани од своето дете, од пријателите, околината дека сте можеле подобро. Има родители кои се движат од една во друга крајност, од премногу строги до премногу попустливи. Мајките и татковците кои на децата им обезбедуват многу љубов, подршка, јасни насоки и прецизни правила се во групата на авторитетните родители.

Авторитетот значи воспоставување ред, дисциплина, правила зачинети со многу љубов. Децата од родителите на ја добиваат само љубовта и грижата туку го оформуваат и мислењето за себе. Вредностите ( трпеливост, подршка, љубезност,љубов, емпатија, толеранција, искреност) се промовираат во семејството и треба да се почитувааат. На тој начин децата  имаат претставата и го доживуваат светот кој ги опкружува. Децата сакаат јасни правила. Доследност, правичност и одговорност. Заеднички треба да одлучат кои мерки ќе се превземат доколку некое правило не се испочитува.  Доколку е правило во домот, најпрво да се чита 30-45 минути книга па потоа да следува еден час игра на компјутер.Тоа треба да се почитува.  Ако не го направи, не му дозволувајте да игра.Заеднички сте се согласиле дека ќе се почитуваат правила, бидете доследни.

Ако вие се ставите во улога на однесување со помал отпор, сакате да си пиете кафе, да бидете на телефон, тогаш не го почитувате вашиот збор. Така не се гради авторитет. Секако дека детето со кршењето на правилата треба да научи и да прифати “казна”. Вие сте тие кои ја поставуваат границата на правила  и последици од непочитување на истите. Тоа што се почитува наградете го , а за тоа што не се почитува реагирајте соодветно. Доколку сте повеќе строги или попустливи отколку што треба, не е добар избор. Детето не е ваш другар, детето е ваше дете. Му требате како ментор и водич. Имате своја улога и тоа мора да се знае. Почитувајте ги и ќе ве почитуваат, тоа се вика авторитет. Да ги прифаќате и да ги контролирате, да им нудите топлина и блискост. Јасно покажете им ги границите, вашите црвени линии. И двајцата родители треба да ги имаат и застапуваат истите вредности, правила и граници. Ако едниот е принципиелен а другиот попустлив, детето секогаш ќе се обиде да го манипулира попустливиот и така ќе се наруши концептот на авторитетниот родител.

Денес од било кога една од најсложените и најтешки “професии” со кои се среќаваме во животот е да се биде родител. Вистина е дека за родителството не постои училиште, но мораме да имаме на ум дека сепак родителството се учи. Се’ додека сте нечиј родител од вас се очекува доживотно учење како и кои стратегии да се применат за да се биде најдобриот родител за своето дете. Има една мудрост која вели дека за да се одгледа и воспита едно дете потребна е помошта од цело село. Тоа само зборува колку труд, енергија, знаење, посветеност, мудрост се потребни за да се успее да се создаде здрава и самостојна личност за себе, за заедницата и за светот Приоритет на сите е детето да биде здраво, да биде сакано, да знае што е добро, а што не. Кога детето се воспитува со ќотек тоа ќе се чувствува понижено, посрамено, навредено и ќе се плаши да превземе било што само да не биде тепано. За жал, во Македонија  статистиките зборуваат дека секое второ или секое трето дете било дисциплинирано со примена на физичка сила.Тоа се поразителни показатели. Ако сакаме да сме држава во која децата ќе ни бидат најважниот капитал, ќе имаме стратегии како да ги едуцираме, да ја поткренеме свеста за тоа какви личности (со морално етички, човечки карактеристики) треба да се луѓето кои на било каков начин имаат допир со деца( родители, воспитувачи, учители, наставници, професори).

Методот на конструктивен начин да се воспитуваат децата подразбира учество на децата во донесување правила, одлуки, избори со сопствено мислење и идеи.Така детето ќе се учи на одговорност. Градењето доверба и време поминато во заеднички активности, дружби, разговори се највредната инвестиција во воспитувањето на детето. Кој стил на родителствување ќе го одбереме зависи многу од нас самите. Согласно нашиот емоционално-социјаленвредносен систем и отвореноста да се менуваме на подобро во согласност со современото  и позитивно родителство. На децата сме им потребни да им бидеме подршка , пример и ментор во процесот на нивното лично развивање, откривање на потенцијалите, дарбите и интересите.

ЧЕСТО ПАТИ, ЉУБОВТА КОН ДЕЦАТА СЕ ГРАНИЧИ СО НИВНО ПРЕКУМЕРНО РАЗГАЛУВАЊЕ КОЕ ВО ПОДОЦНЕЖНИТЕ ГОДИНИ СИ ГО ЗЕМА СВОЈОТ ДАНОК. КОЈА Е ТОЧКАТА КОЈА МОРА ДА СЕ СТАВИ, А СО ЦЕЛ ДА ИЗГРАДИМЕ ЛИЧНОСТИ КОИ ЌЕ ЗНААТ КАКО ДА СЕ ГРИЖАТ ЗА СЕБЕ И ТОГАШ КОГА НАС ЌЕ НЕ НЕМА?

Се’ се комплицира кога родителите не можат или не сакаат да си признаат дека децата им се разгалени. Таквите разгалени деца предизвикуваат многу невољи и претставуваат проблем за родителите. Тие се однесуваат непредвидливо, невоспитано и родителите не обрнуваат внимание за тоа. Така постепено стануваат мали диктатори и наместо родителите, тие го имаат главниот збор. Го гледаат само сопствениот интерес, себични се, постојано се жалат како нивните другарчиња имаат нови патики, нови тренерки, а тие не. Никогаш не се задоволни од тоа што го имаат и добиваат, па постојано бараат. Родителите често им ги исполнуваат сите желби, купуваат се’ што ќе им се побара, а кога нема да бидат во можност тоа да го исполнат децата стануваат груби, негативни и покажуваат агресија. Многу често ги манипулираат возрасните за да ја постигнат својата цел. Пари, нов мобилен, нов фудбал, компјутер. Разгаленото дете не прифаќа неуспех, па тоа јавно го демонстрира со излив на бес и лутина. Не води грижа, ниту има емпатија за чувството на родителите.

Кога за своето дете ќе направиме една работа наместо нив, веднаш се редат уште пет, шест други.

Разгалените деца ги задоволуваат само личните желби. Видливи проблеми и фрустрации доживуваат кога ќе пораснат. Сите ние како родители бескрајно  ги сакаме, обожуваме и им се воодушевуваме за се’ што ќе направат. Ги поштедуваме и правиме се’ наместо нив само за да не ги налутиме и да не мислат дека сме лоши родители. Тешко се излегува на крај со дете кое  е навикнато други да ги завршуваат неговите задачи ( домашна, цртежи, тестови, писмени, проекти,  домашни  активности) Дури и врвките на чевлите, патиките ги заврзуваме наместо нив. Ранецот го носиме до самата училница. Ги облекуваме до 12 години. Ние сме ги хендикепирале и од млади, здрави и прави деца создаваме разглени миленичиња на кои не им помагаме да се осамостојуваат туку им праќаме порака дека тие се неспособни сето тоа сами да го направат. Не сакаме да ги разочараме или да бидат тажни, па пропуштаме да ги научиме некои важни животни лекции кои ќе им користат. Децата во некој период од животот ќе мора да се соочат со последиците од постапките, одлуките и однесувањето. Ако постојано ги губат телефоните, облеката, ранецот, патиките не трчајте веднаш да им купите нови. Зошто? Затоа што нема  да ги вреднуваат работите, ниту вашиот труд и време како ги заработувате парите. Ако сакате да им направите услуга  да не бидат разгалени, упропастени и неподготвени за живот обидете седа го промените вашиот стил на родителствување. За да не ги разгалите до крај обидете се на пример да не ги будите наутро по 5-6 пати за да станат, нека навијат аларм и оставете ги. Не ја собирајте нивната валканадолна облека, туку научете ги каде треба да ја оставаат. Научете ги како да се грижат за своите лични работи. Дозволете им да ви помогнат околу поставувањето на масата за време на ручекот, не им купувајте  секогаш  нешто кога одите во продавница. Објаснете им дека одите во продавница да купите тоа и тоа и точка. Тие се мали манипулатори и умеат да  ве тестираат до каде сте емотивно подготвени да потпаднете под нивните солзи. Дозволете си да им кажете “нема”, “не може”, “не е време сега”.

Така се демонстрира љубов, со јасни објаснувања, со заедничко споделување на времето во кое ќе уживате и со радост ќе ги работите домашните и семејните задачи. Така им го зголемувате чувството на лична вредност и задоволство од завршените активности. Токму тоа треба да биде целта на секој родител, да го осособи сопственото дете се справува самостојно низ животот со здрав начин на дисциплинирање. Да се чувствуваат задоволни сами со себе, да умеат да ги контролираат своите однесувања и да бидат независни. Ова се учи со поставување на црвени линии и јасни граници кои однесувања не се во согласност со семејните,  етичките и општествените вредности.

КАКО МАЈКА НА ТИНЕЈЏЕРКА, СФАЌАМ ДЕКА Е НАЈВАЖНО ДА СЕ ВОСПОСТАВИ МЕЃУСЕБНА ДОВЕРБА И ДА СЕ РАЗГОВАРА ЗА СЕ. КАДЕ НАЈЧЕСТО КИКСНУВАМЕ КАКО РОДИТЕЛИ?

Животот со  тинејџери понекогаш може да е навистина возбудлив, стресен и непредвидлив,  во изблик  на бурни  реакции и емоции. Децата со кои сме биле некогаш толку блиски како преку ноќ да ни се претвориле во осамени странци опседнати со сопствени мисли, емоции, сменети ставови, вкусови и вредности. Најважно е да сте им тука кога ќе им требате, да имате разбирање и за работите кои не ги разбирате, да се согласувате и кога не се согласувате во целост. Така ќе ве почитуваат повеќе. Тие сакаат да бидат слушнати, да бидат разбрани и да бидат почитувани. Не секогаш треба да се водат длабоки разговори. Гледајте заедно некое интересно шоу, филм, документарец. Читајте заедно некоја книга и разговарајте за вашата и нивната перспективата на разбирање на ликовите, карактерите, ситуациите. Разговарајте!!!  Смејте се за тривијални работи, на сопствените искуства, на сопствените мали глупости.

Бидете им родител, не пријател.Тие си одбираат пријатели според сопствениот концепт, но вие сте им потребни како водич низ животот. Вие сте нивниот ментор кој треба да им ги почитува личните желби, интереси, визии и размислувања. Ваша е одговорноста тие да бидат среќни, да бидат искрени и да ви веруваат. Вие треба да им помогнете да ги подготвите да се донесуваат самостојно вистински одлуки, да избираат правилно и да решаваат роблеми. Како? Континуирана секојдневна комуникација со прашања кои не се досадни. Поставување исти и од навика повторувани прашања не нудат интерес кај детето да ви ги одговара. На пример со прашањето “Се’ е во ред денес?” праќате порака дека очекувате се’ да е во ред. Детето не сака да ве разочара и ве остава да мислите дека се’ е во ред, иако можеби и не е. Како беше денес денот? Ќе добиете одговор во еден збор,“добар” или “па не баш”. Од моето лично искуство можам да ви посочам прашања кои ја поттикнуваа взаемната комуникација со моите деца во која и јас се обидував да научам нешто за себе и да сменам  некои работи како родител. Тие беа воодушевени колку мене ми значеа нивните одговори, дека еве и јас учам  нешто од нив. Взаемниот респект и вистински прашања се клучот за успешна комуникација.

Што мислиш каков родител сум јас?

Што би променил/а во начинот на кој те воспитувам?

Во што мислиш дека можеби претерувам?

Што ми недостасува за да бидам совршен родител за тебе?

Има ли нешто за што не разговараме, а многу би сакала?

Како ќе ми помогнеш да те разберам подобро?

Во кои ситуации мислиш дека можев поинаку?

Слушнете ги одговорите. Ќе се замислите, барем така би требало. Најважно е да се обидете заеднички да се градите , да растете и да станувате подобар родител за сопственото дете, а тоа ќе учи од вас како се разговара. Ќе разбере дека не е цел да се игнорираат животните проблеми, туку да се ставиме себе си во подобри мисловни и емоционални состојби во коишто можеме да изнаоѓаме решенија и да остваруваме се’ што ќе посакаме во животот. Една голема вистина која можеме да им ја кажеме е дека можеби не можеме да го промениме ветерот, дождот, годишните времиња, но можеме да си ги поставиме едрата за да си ја обликуваме судбината и насоката на нашиот живот.Доколку во некои конфликтни ситуации се почувствувате фрустрирано во комуникацијата со вашето дете не си ги земајте работите лично. И понатаму за него сте херој и најсаканата личност на планетава.Фокусирајте си се на својата работа и кажете си дека сепак сето ова е дел од родителствувањето, како и секоја работа  всушност. Не критикувајте, не очекувајте постојано да се согласуваат со вас. Не барајте да биде по ваше. Вашите деца не се вие. Тие се посебни, уникатни, единствени и прекрасни. Ваша задача е да помогнете да ја извадат сета таа убавина и посебност на светлината на животот!

*  КОЛКУ Е ВАЖНО ДА ГИ ОСТАВИМЕ ДЕЦАТА САМИ ДА ОДБЕРАТ КОИ ЌЕ ИМ БИДАТ ДОПОЛНИТЕЛНИТЕ АКТИВНОСТИ, БЕЗ ДА СЕ ВМЕШУВАМЕ КАКО РОДИТЕЛИ И БЕЗ ДА НАСТОЈУВАМЕ (ДУРИ И ПОТСВЕСНО) ПРЕКУ НИВ ДА ГИ ОСТВАРИМЕ НАШИТЕ НЕОСТВАРЕНИ АМБИЦИИ?

Во зависност од ставот кон начинот на воспитување, има поделба во филозофијата на родителствување: прегрижливи,строги,презафатениродители,демократски и амбициознии родители. Многу осетливо прашање е како родителите да не ги уништат децата со своите лични амбиции? Тоа се родители кои своите сопствени желби од детството или младоста не успеале да си ги остварат и сега по секоја цена сакаат да ги реализираат преку своите деца. Не ја почитуваат нивната желба ниту пак нивните можности. Замислете само колку работата дополнително се комплицира доколку другиот родител си има свои исто така неостварени желби и го насочува детето на друга страна. Тоа се психолошки притисоци кои детето не може да ги издржи. Станува несреќно, незадоволно, луто или агресивно. Има родители кои ги следат интересите, активностите кои детето ги прави со необична, видлива страст и љубов. Се гледа радоста и уживањето во времето поминато низ овие процеси на креативност. Дали е спорт, уметност, дизајнирање или било што друго, родителот мора да следи. Но, за жал многу од нив не се свесни за своите претерани амбиции, ниту пак за последиците по своето дете кои можат да се одразат на неговото емотивно  здравје. Секој свесен родител ќе забележи кога детето некои активности не ги прави со некоја посебна воодушевеност, напротив дава отпор на притисокот кој тој упорно му го прави. Родителите мислат дека на таков начин вложуваат во своите деца а, всушност го живеат личниот неисполнет сон. Им го крадат времето за игра и  безгрижност. Така смо им се наметнува стрес со кој не можат да се справат и подоцна може да предизвика и менталнипроблеми. Точно е дека секое дете има скриен потенцијал за нешто и дарба која едвај чека да биде откриена. Но, најважно е да се следат желбите,интересите и задоволството од учеството во некои активности. Да се разговара, да се прашува детето за своите чувства при вакви активности и да се почитува неговата желба, избор и одлука. Децата на амбициозните родители кога ќе станат возрасни често ќе имаат исти очекувања од своите деца, односно и тие ќе станат амбициозни родители кои постепено ќе се претворат во прегрижливи кои ќе им создаваат фрустрации на сопствените деца.

*  НА ВРЕМЕТО, ВЕЛЕВМЕ ДЕКА НАСТАВНИЦИТЕ/ПРОФЕСОРИТЕ СЕ ВТОРИ РОДИТЕЛИ КОИ ИМААТ ГОЛЕМА УЛОГА ВО ФОРМИРАЊЕ НА ЛИЧНОСТА НА ДЕТЕТО. ШТО Е ПОТРЕБНО ЗА ДА СЕ БИДЕ ДОБАР УЧИТЕЛ/НАСТАВНИК/ПРОФЕСОР? 

Сите студии, истражувања и искуства за образование ќе се согласат дека најважниот фактор од кој зависи колку и како децата ќе ни бидат успешни, едуцирани, задоволни и среќни на училиште  зависи од наставникот/ професорот. Што значи тоа да се биде добар наставник? Кој е тој икс фактор што еден наставник треба да го поседува? Учењето, подучувањето деца е една од најкомплицираните работи денес. Се бара од наставникот одлично познавање на содржините што ги предава. Да биде ентузијаст, да има грижлив пристап кон сите деца подеднакво. Да демонстрира пред децата љубов кон сопствената работа и кон учењето како процес. Тоа не значи дека треба да поседува енциклопедиско знаење, не, знаењето е насекаде околу нас, на интернет. Добриот наставник ги учи децата да сакаат да учат, како да бараат одговори на секое прашање и дилема. Добриот наставник секогаш, во секое дете го бара најдоброто што го направил низ процесот на учење. Добриот наставник се восхитува и ги охрабрува децата да прашуваат, не им вели дека е срамно да не знаеш.Точно им објаснува зошто некои работи ги учат. Јасно и разбирливо им кажува како ќе стасаат до целта која е дадена во наставната програма. Добриот наставник со поглед ги разбира чувствата на децата, кога се тажни, кога се лути, кога се разочарани. Тој создава атмосфера во училница во која јасно се поставени правилата како треба да се однесуваат сите во тој простор. Дека треба да си помагаат меѓусебно, да учат едно од други, да решаваат несогласувања, да бидат љубезни, да си кажуваат Благодарам и Извини. За да демонстрираш наставнички авторитет пред децата треба да бидеш таков како што очекуваш и децата да се однесуваат. Велат, децата не учат многу од зборовите туку најмногу ќе научат од тоа што гледаат како вие се однесувате.Добриот наставник поставува високи стандарди и очекувања од сите ученици подеднакво. Тој не дискриминира, не навредува јавно, внимава на своите зборови и однесување. Добриот наставник е секогаш добро оргаизиран, држи до својот збор. Ако им вети на децата дека тестовите ќе ги прегледа за една недела, нека биде така. Децата/учениците очекуваат од наставникот јасно да им образложи зошто оценката која е добиена е таква каква што е, што треба да се подобри за да се постигнат повисоки резултати. Децата сакаат и почитуваат наставници кои умеат да се извинат доколку нешто не се случило како што треба. Добрите наставници предаваат и работат со срце. Тие на своите ученици (освен за реализирање на наставните програми) им зборуваат и ги воспитуваат за животни важни прашања низ искуства и примери на успешни и среќни луѓе.

ВЕЛАТ ДЕКА АКО ЧОВЕК ЈА НАЈДЕ ИДЕАЛНАТА ПРОФЕСИЈА, ТОГАШ НЕМА ДА РАБОТИ НИТУ ЕДЕН ДЕН ВО ЖИВОТОТ. КАКО НАЈДОБРО СЕ ОТКРИВААТ ПРЕДИСПОЗИЦИИТЕ КАЈ ДЕЦАТА И КОЛКУ Е ТОА ВАЖНО ЗА ДА ОФОРМИМЕ ЛИЧНОСТИ КОИ НЕМА ДА БИДАТ ИСФРУСТРИРАНИ ВО ТЕКОТ НА СВОЈОТ РАБОТЕН ВЕК?

Ова прашање е вистинското за мене (се смее). Јас навистина уживав со огромна страст во сопствената наставничка, па и директорска фунција. Секој ден поминат во училница со децата за мене беше инспирација, мотивација и прекрасно искуство. Низ професијата со децата, со колегите, со менаџирањето на училиштата како организации научив највеќе за себе. Научив за професијата и за професионалците. Гледав и колеги кои со таква тежина, стрес, неснаоѓање и притисок си ја завршуваат работата, едвај чекаа да дојде петок. Веќе во понеделник го чекаа наредниот петок. Ми беше жал за нив. Како ли ќе го дочекаат крајот на својот работен век? Исфрустрирани, несреќни, неисполнети и нереализирани. Учев и се дружев со колеги со кои ја делевме истата страст кон наставничката професија.Како да си помогнеме, како да се надградиме и стручно усовршиме, кои техники да ги примениме само  за да ги задржиме интересот, љубопитноста и желбата за знаења кај децата. Едноставно, целта ми беше децата на моите часови да доаѓаат со радост, без страв, опуштени и подготвени да учат, креираат, соработуваат и да се забавуваат. Каква трансформација, какво себеоткривање, какво растење низ годините беше тоа! Токму поради ова мое искуство бев инспирирана кога станав директор да се фокусирам на децата и да ги мотивирам да размислуваат за себе како личности пред кои стојат предизвици за откривање на сопствените личните потенцијали, таленти и дарби. Да размислуваат да си поставуваат цели и соништа за сопствениот живот и како да ги реализираат. Да се преиспитуваат кои активности им носат убави чувства на задоволство и би можеле да ги прават со часови. Поентата ми беше да ги разбудам низ запознавање со биографиите и достигнувањата на светски успешни луѓе, кои можат да им бидат инспирација. Да веруваат во себе, да не се обесхрабруваат ако некој им каже дека не знаат, не умеат, дека се глупави, никакви, дека никогаш нема да успеат. Затоа и вие родителите сте тука, да не им се потсмевате на соништата. Да им верувате дека можат да постигнат се’ само доколку знааат што сакааат! Давајте им крилја, бидете им ветер во грб и сигурно проистаниште после бурни бранови. Навистина е среќа или благослов во животот да го работиш тоа што ќе ти биде радост и кога низ професијата ќе се подобруваш како професионалец, човек кој ќе биде најдобрата верзија од себе.

Знаете, има една мудрост која вели каков ти е денот таков ти е животот.  Јас одбрав секој ден да ми биде ден поразличен од претходниот.


Фото: Каролина Ди и приватна архива

Интервјуто продолжува утре...