ТАА Е...АНГЕЛКА ПЕЕВА ЛАУРЕНЧИЌ: „МОЈОТ ЖИВОТЕН ФИЛМ - ВИРТУОЗНО СЦЕНАРИО И БРУТАЛНА РЕЖИЈА”
Паметам дека уште од мала црвениот кармин за мене беше многу повеќе од симбол на убавина или украс на женското лице. До денешен ден, токму таа боја на усните ми е одраз на силата на една жена, нејзината свесност за себе и својата храброст. Жените кои знаат како да го носат карминот со боја на крв, знаат како да го слават животот, но и како достоинствено да ја пречекаат смртта, да боледуваат и одболедуваат, да не застануваат дури и тогаш кога нозете им се тешки како олово. Тие знаат како се живее со полни гради, љубат безусловно, си заминуваат тогаш кога треба за да останат свои и попатно секогаш внимаваат главата да им е исправена, да не гледаат в земја и никому да не се извинуваат за тоа што се такви какви што се. Црвениот кармин не е статус, не е шмек или кокетирање. Не е дури ниту потребен да се стави на себе, доколку се носи во себе, однатре. Тој е енергија кој му вели јасно и гласно на животот “Дојди и донеси ми се’ што треба да се случи. Јас знам како да преживеам, како да се радувам и како да се исплачам...ама ќе те живеам и испијам до последната капка, оти така ми се сака и така ми се може”.
Денешната гостинка во ТАА Е... е жена која секогаш и засекогаш во моите мисли ќе биде со црвено накарминисани усни, иако на шега дури и ми испрати фотографија со нежно розов кармин. Кога ја видов фотографијата, само ми се потврди тоа што го знаев: црвениот кармин е страст која ја носи во себе, дури и тогаш кога е во друга боја.
Ladies and gentlemen… АНГЕЛКА ПЕЕВА ЛАУРЕНЧИЌ
АКО ТОКМУ СЕГА, ВО ОВОЈ МИГ НАПРАВИТЕ ЕДЕН ПРЕСЕК НА СЕТО ОНА ШТО СТЕ ГО ДОСТИГНАЛЕ, ПРОЖИВЕАЛЕ, ИСКУСИЛЕ, ОДБОЛЕДУВАЛЕ, ПРОСЛАВИЛЕ...ШТО БИ СТАВИЛЕ НА ХАРТИЈА? ИЛИ ЕТЕ, ДОКОЛКУ СЕЧИЈ ЖИВОТ БИ БИЛ СТАВЕН НА ФИЛМСКА ЛЕНТА, КАКОВ ЖАНР БИ БИЛ ВАШИОТ?
Динамичен трилер е жанрот што ми припадна да го играм во главна улога. Со брзина на светлината, без вовед, се менуваат кадрите во секоја животна фаза. Кога би сакала да го визуелизирам, најмногу ме потсетува на адреналински ролеркостер. Се качуваш, го врзуваш ременот и спремен си за искуството што следи. Некогаш си горе, во следниот миг долу. Срцебиењето е слично и кога леташ и кога паѓаш, емоциите се различни. Во еден миг љубов, радост, успех, среќа, во следен болка, тага, грижа, неизвесност. Најважно е да е ременот добро врзан. Да не одлеташ кога си на врвот. Еднакво исто, да не потонеш кога си на дното. Тоа е многу важно. Ременот да не го одврзуваш, секогаш да те приземјува.
Кој и да го режирал мојот животен трилер, добро го смислил. Му дал се’ што е потребно, многу боја, убави кадри на различни дестинации, динамика, заплет и кулминација кои траат. Има и перфектен кастинг, прекрасно семејство, деца, партнер од соништата, колеги на кои секогаш можеш да се потпреш, пријатели кои се тука и во добро и во лошо, кастингот дури водел сметка да ги одбере и тие што имаат негативна улога да бидат со интелигентен карактер.
Од оваа дистанца, кога ќе погледнам позади, виртуозно сценарио и брутална режија.
„ГОЛЕМИНАТА НА УСПЕХОТ НА НАШИТЕ КЛИЕНТИ Е РЕПЕР ЗА КВАЛИТЕТОТ НА НАШАТА РАБОТА“. ШТО ПРЕТСТАВУВА ЗА ВАС ImagePR И ШТО/КОЛКУ Е ПОТРЕБНО ДА СЕ ОСТАНЕ НА ВРВОТ ВО ОДНОС НА КВАЛИТЕТ И ПРОФЕСИОНАЛНОСТ?
Тимот на ImagePRе свесен дека сме секогаш во позадина на успесите на нашите ценети клиенти. Вистинските ѕвезди се нашите клиенти. Тие зборуваат за тоа што сме ние, професионално. Ако влезете на нашата интернет страница, ќе забележите дека не ги декларираме, затоа што нашата деловна задача е да ги поддржиме во нивната корпоративна приказна, која на крајот треба да остане само нивна. Од самото основање пред 22 години до денес, аналитичкиот ум на тимот на ImagePRосмислил, одработил и имплементиран над 400 проекти, најмалку 300 мини и мега настани, над 500 интервјуа, изјави и ставови за наши клиенти, над 1.500 соопштенија за јавност, немам проценка колку точно кампањи од помал и поголем размер. Многу работа, многу умствен труд, многу посветеност и професионалност, многу ноќи, викенди... Ете отприлика тоа е потребно да се остане на врвот. Добар и посветен професионален тим, кој го сака тоа што го работи и живее со тоа, секој ден, со цел да постигне што подобар резултат за клиентите. И сето тоа со дигнитет, интегритет и професионализам.
ImagePREПРВАTA МАКЕДОНСКА АГЕНЦИЈА КОЈА ВО 2016 ГОДИНАЈА ДОБИВА ПРЕСТИЖНАТА НАГРАДА „GOLDEN WORLD AWARD“ ДОДЕЛЕНА ОД ИНТЕРНАЦИОНАЛНАТА АСОЦИЈАЦИЈА ЗА ОДНОСИ СО ЈАВНОСТ – IPRA. НАГРАДАТА БЕШЕ ЗА ПРОЕКТОТ “ЕНЕРГЕТСКА МАТЕМАТИКА“ (ЗА ЕВН МАКЕДОНИЈА) НА ЧИЈА ПРОДУКЦИЈА РАБОТЕШЕ И ТИМОТ НА АГЕНЦИЈАТА „ИДЕА ПЛУС КОМУНИКАЦИИ“. ШТО ПРЕТСТАВУВАШЕ ЗА ВАС „GOLDEN WORLD AWARD“, СО ОГЛЕД НА ТОА ДЕКА БЕВТЕ И ПРВАТА АГЕНЦИЈА И ОД БИВШИТЕ ЈУ-ПРОСТОРИ КОЈА СЕ ЗАКИТИ СО ОВАА НАГРАДА?
Таа награда е врвот на професионализмот во сегментот на ПР-от во светски рамки. IPRAе Интернационална асоцијација на професионалци од областа на односите со јавноста, и како таква е консултативно тело при Обединетите нации. Во 2016 та се охрабривме да конкурираме и да си ја измериме силата во светски рамки со Проектот „Енергетска математика“ кој го работевме за ЕВН Македонија. Освоивме злато. Тоа беше потврда дека го следиме светот и трендовите и дека е неприфатливо да имаме комплекс дека некој е подобар само затоа што доаѓа од некој друг простор. Тоа злато особено ни значеше затоа што кога ја основавме Агенцијата занаетот го учевме во од, тогаш во далечната 2002 година, кај нас во Македонија, ниту се знаеше што е ПР, ниту некој го работеше како што треба, ниту пак постоеше образование за тоа. Не е нескромно ако кажеме дека сме основоположници на професијата кај нас, во нејзината изворна смисла, специјализирани за ПР и комуникациски менаџмент. ImagePRе расадник на кадри, но и голем дел од денешната конкуренција го учела занаетот токму кај нас. Тоа не’ прави особено горди.
ВИЕ СТЕ ЖЕНА КОЈА БИЛА ДОЛГО ВРЕМЕ ВО ПОЛИТИКАТА (УШТЕ ВО ВРЕМЕТО НА ЈУГОСЛАВИЈА - ВО ПРЕТСЕДАТЕЛСТВОТО НА СОЦИЈАЛИСТИЧКАТА МЛАДИНА, А ПОТОА ВО ЛИБЕРАЛНО ДЕМОКРАТСКАТА ПАРТИЈА). КОЛКУ ТОА ИСКУСТВО ВИ ИМА ПОМОГНАТО ВО “ЧИТАЊЕТО” НА КАРАКТЕРИТЕ КОГА Е БИЗНИСОТ ВО ПРАШАЊЕ ?
Во политиката влегов многу млада, со голем ентузијазам и идеализам. Имав либерални ставови и верував во моќта на поединецот, наспроти бирократијата. Така размислувам и денес. Мал и ефикасен државен апарат, моќни и силни граѓани. Мојот политички концепт не успеа. Навистина жалам за тоа. Секој ден се’ повеќе. Македонија ќе беше нешто сосема друго да не тргневме по колективистичките шеми. Но нема назад, тоа е тоа. На тој пат во политиката оставрив повеќе значајни политички функции скоро на сите нивоа. Како што денес се посветувам на работата, така тогаш на политичката либерална идеја. Тој период од животот го затворив во 2006 година, со завршувањето на пратеничкиот мандат. Политиката ме научи како да ја гледам јасно големата слика, многу е важно да можете да ја видите големата слика. Да знаете како да ги претпоставите чекорите и да ги балансирате деталите. Тоа во се’ што работитее клучно, без оглед дали е политика или бизнис.
ВО СОВЕТОТ СТЕ НА АЛИЈАНСАТА НА РОДОВАТА ЕДНАКВОСТ. ДО КАДЕ СМЕ СТИГНАТИ ВО ОДНОС НА СТЕРЕОТИПИТЕ КОИ ГИ СТАВААТ ЖЕНИТЕ (КОЛКУ И ДА СЕ УСПЕШНИ, АМБИЦИОЗНИ И ДА ЗНААТ ДА ЖОНГЛИРААТ СО СИТЕ УЛОГИ КОИ ИМ ГИ НОСИ ЖИВОТОТ) ЕДЕН ЧЕКОР ЗАД МАЖОТ ВО ОДНОС НА ИСКАЧУВАЊЕ НА СКАЛИЛАТА ВО КАРИЕРАТА И ВРЕДНУВАЊЕТО НА НИВНИОТ ТРУД?
Во едно интервју кажав, па еве уште еднаш и овде: Не си помалку женствена, помалку мајка, помалку домаќинка, ако си општествено и кариерно свесна за својата вредност и секојдневно ја остваруваш. Сакам да ги инспирирам особено помладите во овој правец. За среќа, се’ повеќе девојки и дами влегуваат прилично самоуверено во рингот. Ми се чини дека таа битка извесно ја добиваме. Не сум феминистка, далеку сум од тоа, верувам во женската енергија и емоционална интелигенција која може да даде поубав пејзаж со одлични резултати и во корпоративниот и општествениот сегмент. Добро напредуваме тука, мслам дека и водиме со голема разлика во однос на многу поразвиени земји од нашата.
“БРАВО СИНЕ” ЈА ТЕРА СВОЈАТА 11-ТА ГОДИНА И Е ПОТТИК ЗА КРЕАТИВЦИТЕ И СИТЕ КОИ САКААТ ДА СОЗДАВААТ ТРАЈНИ ВРЕДНОСТИ („БАЈКИ ОД МАКЕДОНИЈА“, „БАСНИ ОД МАКЕДОНИЈА“, „БАЈКИ ОД МАКЕДОНИЈА ЗА ЦЕЛА ГОДИНА“,„МИСТЕРИОЗНОТО ЈАЈЦЕ“, „СОВРЕМЕНИ БАЈКИ ОД МАКЕДОНИЈА“, „ДЕТЕЛИНКИ-БЕЛИНКИ“).ЗА ВОСХИТ СЕ БРОЈКИТЕ КОИ ВЕЛАТ ДЕКА НА ЈАВНИТЕ КОНКУРСИ НА “БРАВО СИНЕ”СЕ ПРИЈАВИЛЕ НАД СТОТИНА ТАЛЕНТИРАНИ ДИЗАЈНЕРИ-ИЛУСТРАТОРИ, НАД 300 АВТОРИ ДОСТАВИЛЕ ПОВЕЌЕОД 400 ТЕКСТА ЗА НОВИТЕ ЕДИЦИИ НА „СОВРЕМЕНИ БАЈКИ ОД МАКЕДОНИЈА“. ДАЛИ Е ИСПОЛНЕТ СОНОТ НА ПРЕРАНО ЗАМИНАТИОТ ИВО ЛАУРЕНЧИЌ? “ЗА ДА НЕ ПОТОНЕШ ВО ПРОСЕЧНОСТ, НЕКА ТЕ ПОНЕСЕ БРАНОТ НА КРЕАТИВНОСТА. ЌЕ ОТКРИЕШ НОВ ХОРИЗОНТ, ДОСЕГА НЕОТКРИЕНИ ПЕЈЗАЖИ. СЛОБОДА. КОГА ЌЕ ЈА ВИДИШ ГЛЕТКАТА, ТОГАШ СИ ЗАСЛУЖИЛ ЗА ЧУЕШ: БРАВО СИНЕ!”
Со Браво сине ја славиме креативноста, натпросечноста, убавото, нашето, поинаквото, уникатното. Денес, кога по десет години го сублимираме реализираното, со гордост можеме да кажеме дека нашите зацртани цели, на кои работиме со огромен ентузијазам, се постигнати. Нашата визија е да го одбележиме ова време, давајќи го својот генерациски придонес, а во чест на големиот креативец – Иво Лауренчиќ, да ја поттикнуваме креативноста, наместо просекот, да ја препознаваме и да ѝ дадеме облик на трајната вредност. Поврзувајќи го традиционалното творештво со новата естетика, од заборавените приказни и бајки веќе направивме препознатлив производ – „Бајки од Македонија“. Среќни сме со постигнатото досега, но ние не застануваме. Цела генерација млади креативци и автори излегоа на виделина и го најдоа своето професионално место. Убаво е да се види како најмладите веќе ги знаат своите омилени ликови токму од нашето поднебје. Последниве две години работиме на нови, современи бајки од Македонија, бајки од новото време. Овие дела ќе живеат подолго од нас, како влог за следните генерации.
БЕВТЕ ИЗБРАНА ЗА “ЖЕНА СО ТРАЈНИ ВРЕДНОСТИ” ВО 2019 ГОДИНА. ПРИЗНАНИЈАТА САМИ ПО СЕБЕ НЕ ЗНАЧАТ НИШТО, НО КОГА СЕ ПЕЧАТ НА СЕ’ ШТО ОСТАВАМЕ ЗАД СЕБЕ, ТОГАШ НИВНАТА ТЕЖИНА Е ГОЛЕМА. ШТО Е ЗА ВАС ЖЕНА СО ТРАЈНИ ВРЕДНОСТИ И КОЛКУ ВО НАШЕВО ОПШТЕСТВО ГИ ПРЕПОЗНАВАМЕ ИЛИ ВРЕДНУВАМЕ?
Квалификуваното жири и гласовите од јавноста ми ја доделија ценетата награда. Ми значи. Некоја потврда за се’ што сум изодела во животот. И уште си чекорам, понекогаш на појако и си газам. Дали се тоа трајни вредности, не би можела да знам со сигурност. Ќе бидат трајни ако живеат и после мене.
За вториот дел од прашањето, „колку како општество ги препознаваме и вреднуваме вредностите?“, дозволете да цитирам една остроумна мисла од сликарот Војо Станиќ: „Дијалогот се одвива на ниво на поглупавиот“. Мислам дека цитатот доволно објаснува. Секој ден тој дијалогот е помизерен и тривијален. Немам што повеќе да објаснувам. Само ќе се изнервираме и јас и читателите.
КАКО ЖЕНА КОЈА БЕШЕ ПРИМОРАНА САМА ДА ГО ПОМИНЕ ПАТОТ НА ОДГЛЕДУВАЊЕ НА ДЕЦАТА, НИВНОТО СОЗРЕВАЊЕ И ОБРАЗОВАНИЕ, КАДЕ СПОРЕД ВАС ГРЕШИМЕ КАКО ДРЖАВА КОЈА ДОЗВОЛУВА ПРЕМНОГУ МЛАДИ ЛУЃЕ ДА СИ ГО БАРААТ ЧАРЕТО НАДВОР ОД МАКЕДОНИЈА?
Судбината сакаше да го изгубам мојот животен партнер, партнер во најсуштинска смисла, и да продолжам со Вера и Ведран понатаму низ се’ што носи животот на две мали деца, неколку бизнис приказни и уште многу нешта наоколу. Скоро 11 години после тоа, мислам дека ние тројца научивме многу вредни лекции. Воспитанието доаѓа од дома. Нема школо за тоа. Образованието е друга работа. Како општество потфрламе во вредностите на двете страни. Го избираме полесниот пат, а полесниот пат, подоцна многу скапо чини. Денес ја плаќаме цената на таа површност, комплекс, неизживеаност и лажни вредности. Наместо најдобрите и највредните на пиедесталот, долги години на пиедесталот беа брендовите на патиките, маиците, лимузините, џиповите, врските, непотизмот, поткупот, корупцијата... Сами си ги избркавме децата. Не само децата. Луѓето си ги избркавме. Мислам дека полека се трезниме како општество. Јасно е. Царот е гол. Е сега, како да го облечеме од почеток? Е, тоа е долга тема.
ДАЛИ СЕ ПЛАШИТЕ ОД НЕШТО И АКО ЈА ГЛЕДАТЕ АНГЕЛКА ОТСТРАНА, КАКО БИ ЈА ОПИШАЛЕ НА ТИЕ КОИ НЕ ЈА ПОЗНАВААТ?
Сите имаме стравови. Прашањето е колку ќе им допуштиме да не’ окупираат. Нема бестрашни. Освен во бајките, нели. Имав еден период кога имав огромен страв дали ќе траам доволно долго за да ги изнесам децата на пат. Тоа помина. Сега ми остана само стравот од висина. Се шегувам. Некако научив како да не му дадам сила на било кој страв. Ментално да го надмудрам. Се снаоѓам во таа врвулица. Одбирам убави моменти секој ден. Одбирам да го живеам животот во полна динамика и убавина. Малите убави нешта, секој ден барем ситница, се убав мотор за таа философија.
Не знам како изгледа Ангелка од страна, ама знам дека многумина откако ќе ме запознаат одблиску најчесто го користат коментарот „е стварно не мислев дека си ваков човек“. На што мислат, не знам. Веројатно на нешто добро. Останува фактот дека ми треба малку повеќе време да остварам блиски пријателства. Но сите се вредни.
ВЕРА И ВЕДРАН СЕ ВАШАТА НАЈГОЛЕМА ГОРДОСТ. ЧИНАМ ДЕКА ВЕДРАН МЕСЕЦОВ НАПОЛНИ 19 ГОДИНИ, А ВЕРА Е 3 ГОДИНИ ПОСТАРА. КОЛКУ ВО НИВ УСПЕВАТЕ ДА СЕ ВИДИТЕ СЕБЕСИ И ДАЛИ КАЈ НИВ ИМА ЖЕЛБА ДА ПРОДОЛЖАТ ПО ВАШИТЕ СТАПКИ ИЛИ НИВНИТЕ ИНТЕРЕСИ СЕ СОСЕМ ДРУГИ?
Вера и Ведран ми се светлината, најтешките проекти, највредниот капитал, најголемата грижа, најголемата радост, најмногу ме нервираат и најмногу ме смеат. Со други зборови, како и секој родител, ги прилагодувам моите приоритети на нив. Мислам дека и двајцата истото го прават кон мене. Некако си правиме убава хармонија.
Вера избра да студира корпоративна психологија, во Виена на Сигмунд Фројд Универзитетот. Таа нова струка има допирна точка со секој бизнис и не само бизнис. Има уште доста да се вози Виена - Скопје и обратно, додека да ја добие дипломата. Изборот на образование, не ја исклучува можноста да се најде во мојата област на работа. Ќе видиме. Засега, сака да се врати во земјата. Ведран е матурант, одбира да студира менаџмент и комуникации во Белград. Но до уписот имаме уште некој месец. Ми се чини дека има големи шанси да влезе во мојата област. Но, рано е. Мојата родителска позиција е да има дадам ветер во грбот. Одлуките се на крај нивни.
КОЈА Е АНГЕЛКА КОГА Е САМА СО СЕБЕ, СО СВОИТЕ МИСЛИ И БЕЗ ЦРВЕНИОТ КАРМИН КОЈ ИЗВОНРЕДНО ВИ ПРИЛЕГА НА ЕНЕРГИЈАТА КОЈА ЈА ШИРИТЕ ОКОЛУ СЕБЕ?
Има две Ангелки (се смее). Кога сум сама се вклучуваат двете на најјако. Едната похрабра, другата посовесна. Убав е тој дијалог, некогаш победува едната, некогаш другата. Без оглед на победникот, ја почитувам и не се каам за ниту една одлука досега. Имало и многу ризични одлуки, тие се секогаш добра лекција. Сакам кога сум сама. Не се чувствувам осамено. Забавни се внатрешните дијалози, а ги има многу. Црвениот кармин ми е редовен придружник и во добро и во лошо и кога сум дома и кога сум надвор. Ми зрачи некоја енергија што е Моја. Ретко сум без него. Само кога од некоја причина не е пригодно да го ставам. Бидејќи со тебе Ана неколку пати ја коментираме темата „црвен кармин револуција“, во фотографиите ти доставувам и една без него, специјална за Тебе.
ЗА КРАЈ, ДАЛИ ИМА НЕШТО ШТО БИ САКАЛЕ ДА ГО СПОДЕЛИТЕ СО НАС, НЕШТО ШТО НЕ БИЛО КАЖАНО ВО НИТУ ЕДНО ИНТЕРВЈУ?
Во ниту едно интервју не сум кажала дека без оглед на се’, што и да се случило или се случува, и покрај отворените понуди, а во еден период и притисоци, никогаш не заминав и нема да заминам од мојата земја. Тука се моите луѓе, тука сум своја. Тоа нема цена.
За крај....драга Ангелка ми беше чест и задоволство, а воедно и инспирација за нова песна. ТАА Е...ТИ!
Поинакви се
Едноставно, како од овој свет да не се
Како попатно на земјата да дошле
За снага да одморат
И сила да зберат
Печат свој да остават
За навек запаметени да бидат
Ех....
Поинакви отсекогаш биле
Та и меѓу илјадници други
На нив окото ќе ти остани
Оти нешто во себе имаат
Нешто што никаде не се наоѓа
Магија и страст
Кревкост и железна волја
Поглед од кој часовник застанува
И збор од кој повторно заживуваш
Поинакви се
Таква судбата им била
Секогаш од другите да се двојат
И сами се’да изврват
Чиниш векови и векови
Тука, до тебе биле
А сепак сами
Сепак само свои останале
Поинакви се
Ах, тие поинакви жени
Кои реткост се, кои бесценети се
Кои црвен кармин на себе носат
Дури и тогаш кога усните безбојни им се
И кои со главата угоре
На животот му се смеат
А на смртта и’ пркосат
Па дури и подбив со неа тераат
И чекорат без да сопрат
Тие....тие таквите
Тие поинакви жени
Од кои земјата се тресе
И реки застануваат за да поминат
Кои знаат со насмев надеж да родат
И на кои душата на тазе искосена трева им мириса
Та зеленилото низ очите им го гледаш
Тие...таквите
На срцата отпечаток од црвен кармин носат
И кога љубат и кога пцости редат
И светат...
Светат и кога во нив црна темница има
Оти никојпат бело знаме не креваат
Ниту даваат умор да ги совлада
Тие, тие толку поинакви жени
На кои црвениот кармин им е во боја на крв
Која живот дава...која живот значи
Ана Бунтеска