ТАА Е...ДРАГАНА ЛЕВЕНСКА! “СÈ Е ОНАКА КАКО ШТО ТРЕБАЛО ДА БИДЕ”
Првото нешто што ќе го забележите кај неа се крупните очи
како на срна, со поглед во кој ви се чини оти се сместени неколку животи,
искуства, болки и радости. Потоа, насмевката од која се озарува и осветлува
секоја просторија во која ќе загргори нејзината смеа. Потем, гласот во кој има
толку нежност и женственост, што напати се чини како да е нестварен. Жената со
која ќе се дружиме денес е жена која ме остава без збор кога читајќи поезија се
внесува сета во зборовите и за која тврдам дека си корне парче душа за
зборовите да добијат живот и сјај. Жената која е наша денешна гостинка нема да
ви ја претставувам преку суви информации кои можете да ги најдете за неа на
интернет страниците, туку овде ќе ви ја дадам есенцијата на нејзиното
битисување.
Денешната гостинка во ТАА Е... е жена без која не минува ниту една моја промоција, чиј глас и перформанс даваат една длабочина, кревкост, но и сила на секоја песна која ја одбрала како “своја”.
Ladies and gentlemen… ДРАГАНА ЛЕВЕНСКА
ПОСЛЕДНА ПРЕТСТАВА ВО КОЈА ТЕ ГЛЕДАВ БЕШЕ “ЛАГАТА”, КОЈА НА ЕДЕН МАЕСТРАЛЕН НАЧИН ГИ ПРИКАЖУВА СИТЕ ПУКНАТИНИ ВО МЕЃУЧОВЕЧКИТЕ ОДНОСИ. КОЛКУ Е САМАТА ПРЕТСТАВА ОДРАЗ НА ОНА ШТО ГО ЖИВЕЕМЕ ДЕНЕС?
Лагата е работена по текстот на современиот и мошне актуелен француски писател Флоријан Зелер во режија на Бесфорт Идризи. Тоа е текст кој говори за тоа колку можеме да бидеме искрени пред сé на себеси, а потоа и во интимните односи. Оттука доаѓа и прашањето колку е дозволено да се лаже. Во текстот Лагата акцентот е ставен на брачните односи и неверството но, всушност во ова денешно време кое го живееме и сведочиме, лагата се издигнува како феномен восите сфери од нашето живеење. Лажното претставување на социјалните мрежи,лажни вести, лажни политики, лажни ветувања, лажни пофалби, лажни пријателства. Едноставно, дали ние сакаме да прифатиме или не секојдневно смеизложени на лаги од нај различни размери. Лагата сама по себе е одраз на нашетосекојдневие.
ИМАШ ИГРАНО ВО МНОГУ ПРЕТСТАВИ, НО И ФИЛМСКАТА УМЕТНОСТ НЕ ТИ Е НЕПОЗНАТА. КАДЕ СЕ ЧУВСТВУВАШ ПОВЕЌЕ СВОЈА, НА “ДАСКИТЕ КОИ ЖИВОТ ЗНАЧАТ” ИЛИ ПРЕД КАМЕРАТА?
Театарот и филмот носат различни записи и форми но, суштината им е иста, а тоа е да создаваа приказна и живот. Своја сум и во театар и пред камера.
ВЕЛАТ ДЕКА АКТЕРИТЕ ПОЛЕСНО ВЛЕГУВААТ ВО ЛИКОТ ОТКОЛКУ ШТО ИЗЛЕГУВААТ ОД НЕГО. КОЛКУ ИМА ВИСТИНА ВО ТОА ДЕКА НЕКОГАШ Е ТЕШКО ДА СЕ РАЗГРАНИЧИ КАДЕ ЗАВРШУВА ЛИКОТ ОД ТЕАТАРОТ?
Секој актер креира еден жив лик на сцена, му создава своја биографија и карактерна црта. Ликот се гради постепено природно, емоцијата и конфликтот кој што го носи ликот треба да се играат однатре , а не показно во облик на форма. Кога се гради еден лик, многу е важно филозофските наративи да се тргнат на страна, битна е конкретноста и точната намера на самиот лик. И секако, многу е важно кој жарн се игра и каков е театарскиот јазик на претставата . Факт е дека не сме создадени за секоја улога, а исто така и не секоја улога ни доаѓа во право време.
ИМА УЛОГИ ЗА КОИ АКТЕРИТЕ ВЕЛАТ ДЕКА НЕ САМО ШТО ИМ ГО СМЕНИЛЕ ЖИВОТОТ, ТУКУ И ДЕКА ГИ ДЕФИНИРАЛЕ КАКО ЛИЧНОСТИ. ДАЛИ ИМАШ ТАКВА УЛОГА ЗАД СЕБЕ ИЛИ СЕ’ УШТЕ ЈА ЧЕКАШ ТОКМУ ОНАА КОЈА ЌЕ Е ОЛИЦЕТВОРЕНИЕ НА ТВОЈОТ СОН?
Моето мислење е дека улогите може да те дефинираат како актер но, не како личност.
ЉУБОВТА БЕШЕ АКТЕРСТВОТО, НО ПРИЛИКИТЕ НАЛАГАА ДА СТУДИРАШ И КНИЖЕВНОСТ. СЕ ЧИНИ ДЕКА СТРАСТА КОН КНИЖЕВНОСТА ТИ ОСТАНА И ПОКРАЈ ТОА ШТО СИ ВЕЌЕ ДОКАЖАНА АКТЕРКА. ЗА ВРЕМЕ НА ПАНДЕМИЈАТА ЧЕСТОПАТИ НА ТВОИТЕ ПРОФИЛИ НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ ИМАШЕ МИНИ ПЕРФОРМАНСИ СО ЧИТАЊЕ ПОЕЗИЈА. КОЛКУ ЈА НАОЃАШ КНИЖЕВНОСТА ИСПРЕПЛЕТЕНА ВО ТВОЈАТА ЛИЧНОСТ?
Да зборував за книжевноста со страст и со сјај во очите како што зборувам за мојата професија, сигурно ќе останев во неа (се смее). Студирањето книжевниост ме описмени, ме направи поздрава и богата личност и ми помогна да спознаам што точно сакам. Ми даде една цврстина и структура. Таму поминав прекрасни години и сум благодарна за тој поминат пат за кој често сум раскажувала. Прво се вљубив во Артур Рембо и Бодлер, па потоа во поезијата. Секако и нашиот Петре М. Андреевски, Гане Тодоровки, Блаже Конески. За мене поезијата е возвишен стимул кој гали сечија душа. Поезијата треба да се негува, чува, едноставно да биде жива. Таа ни е дар и поезијата за мене секогаш ќе биде во мода. Во моето срце има посебно место за неа.
ИМАШ ЛИ НЕКОИ РИТУАЛИ ПРЕД ПРЕМИЕРА КОИ ГИ ПРАКТИКУВАШ И КОИ ТИ ПОМАГААТ ДА ОСТАНЕШ ПРИБРАНА, ДА НЕМАШ ТРЕМА ПРЕД ПУБЛИКАТА?
Се одјавувам и исклучувам мобилен телефон. Чувството пред секоја премиера носи со себе една стегнатост, нешто што тешко се опишува со зботови. Јас имам во себе една голема одговорност и нормално онаа убава трема што ја чувствувам пред да излезам на сцена. Голема тремаџика не сум, сцената е моето сигурно тло на кое едвај чекам да играм.
ДА СЕ ГОВОРИ ИСКРЕНО ПРЕД СЕБЕ И ЈАВНОСТА ЗА АНКСИОЗНОСТА И ПАНИЧНИТЕ НАПАДИ Е ЧИН НА ГОЛЕМО СОЗРЕВАЊЕ И ХРАБРОСТ. ЧИНАМ ДЕКА КОГА ЈАВНИТЕ ЛИЧНОСТИ ЗБОРУВААТ ОТВОРЕНО НА ОВИЕ ТЕМИ, ЈА РАЗБИВААТ ТИШИНАТА ВО КОЈА СИТЕ СЕ НАОЃАМЕ ВО ОДРЕДЕН ДЕЛ ОД ЖИВОТОТ. КАКО ПРЕПОЗНА ДЕКА НЕШТО ТИ СЕ СЛУЧУВА И КОИ БЕА ЧЕКОРИТЕ КОИ МОРАШЕ ДА ГИ НАПРАВИШ ЗА ДА ИЗЛЕЗЕШ ОД ТОЈ ЛАВИРИНТ?
Храброст е да го поминеш тој пат, храброст е да сакаш да се соочиш со себеси, храброст е да го пуштиш својот глас и своите потиснати емоции, а потоа е сé одлука дали сакаш да го споделиш тоа искуство во јавноста. Уф Ана драга, навистина имам што да раскажам на оваа тема но, сé уште не е време за тоа. Во тој период сосем случајно се создаде еден дневник по име Сара, во тој дневник е мојата приказна. Се надевам дека еден ден ќе биде издаден.
СИ ЉУБЕЛА, ТЕ ЉУБЕЛЕ, СИ ОСТАВАЛА, ТЕ ОСТАВАЛЕ. ВПРОЧЕМ, СЕКОЈ ОД НАС БИЛ НА ПО ЕДНА СТРАНА ОД ЉУБОВТА. ШТО Е ОНА ШТО СЕГА ЗНАЕШ ДЕКА НИКОГАШ НЕ БИ ГО ТОЛЕРИРАЛА КАЈ ПАРТНЕР?
Повеќе не толерирам ништо што ми прави дисбаланс и ми го нарушува мојот мир или пак ми ја смалува мојата автентичност.
АКТЕРСТВОТО ПОДРАЗБИРА И НЕКОИ ПОМАЛКУ ДОПАДЛИВИ АСПЕКТИ, КАКО ШТО СЕ БУДНОТО ОКО НА ЈАВНОСТА, КОМЕНТАРИ ЗА ОДРЕДЕНИ УЛОГИ ИЛИ СЦЕНИ ВО КОИ ИМА ГОЛОТИЈА. КОЛКУ СМЕ НИЕ КАКО ПУБЛИКА СОЗРЕАНИ ДА ЈА ГЛЕДАМЕ УМЕТНОСТА ПОКОМПЛЕКСНО, А НЕ САМО ОД АСПЕКТ НА ПЕРЦЕПИРАЊЕ НА ЖЕНСКОТО ТЕЛО КАКО ОБЈЕКТ?
Талентот е најубавиот подарок што можеш да го добиеш. Можеби не е едноставно и не е бајковито но, привилегија и чест е да си жена актер. Што се однесува пак до голотијата, емоционалното соголување е тема кое лично мене ми е предизвик да ја разговарам. И кога ќе земете да ги разгледувате социјалните мрежи ќе наидете на поголема голотија отколку што има застапено во мојата професија. Иако во мојата професија станува збор за уметнички чин. Живееме во општество кое за жал е полно со предрасуди и осуди и тоа воопшто нема врска со ниедна професија. Но, за среќа имаме и доста созреана публика која што ја гледа уметноста покомплексно, без предрасуди и осуди.
ТЕ ЧИНИ ЛИ СКАПО ТОА ШТО СИ СВОЈА И ШТО ЗАСТАНУВАШ ЗАД СЕБЕ БЕСКОМПРОМИСНО СЕКОГАШ КОГА Е ТОА ПОТРЕБНО?
Ме чинело скапо само тогаш кога не сум застанувала цврсто зад себеси и кога сум се оттуѓувала од тоа што сум навистина јас и мојат природа. Со текот на годините научив не само како да бидам своја, туку и да си бидам најголема поддршка сама на себе.
ИМАШ ЛИ НЕКОГАШ ОДБИЕНО УЛОГА, ИЛИ ДАЛИ БИ ОДБИЛА УЛОГА КОЈА БИ СЕ КОСЕЛА СО ТВОИТЕ СТАВОВИ, УБЕДУВАЊА, МОРАЛНИ НАЧЕЛА И НОРМИ?
Да, имам одбиено улога и секако дека би одбила повторно ако сметам дека улогата не ми припаѓа мене.
ТЕ ПОЗНАВАМ КАКО СКРОМНА, НЕНАМЕТЛИВА, НЕПРЕТЕНЦИОЗНА ЖЕНА КОЈА ЗНАЕ ЗА СЕКОГО ДА СТОКМИ УБАВ ЗБОР, НАСМЕВКА И РАЗБИРАЊЕ. ТЕ ПОЗНАВАМ КАКО ЖЕНА КОЈА Е КРЕВКА, А СЕПАК СИЛНА, КОЈА СЕ ОБЛЕКУВА И ОДНЕСУВА ТОКМУ ОНАКА КАКО ШТО СЕ ЧУВСТВУВА БЕЗ НИКАКВА СУЕТНА ПОТРЕБА ДА ОТСКОКНУВА ИЛИ ДА ПРИВЛЕКУВА ВНИМАНИЕ. НО СЕПАК, КОЈА Е ДРАГАНА КОГА СЕ ГЛЕДА СЕБЕСИ ПРЕД ОГЛЕДАЛО?
Ти благодарам Ана на убавите зборови. Убаво ми доаѓа кога ќе слушнам убави комплименти од еден прекрасен човек и жена како тебе. Она го што знам со сигурност е дека, не сум совршена жена и како и секој човек имам свој маани и доблести. Во суштина сум ранлива личност и имам среќа што храброста и цврстината ги имам научено од својата мајка. Тие ми помогнале да се издигнам во одредени животни ситуации.
“ДА МОЖАМ НАЗАД ДА СЕ ВРАТАМ
ЕТЕ, В РАКА ВРЕМЕНСКО ДАЛЕЧИНСКО ДА ИМАМ
И НА REWIND ДА СТИСНАМ
ЌЕ СЕ ВРАТАМ НА ПОЧЕТОКОТ
ЌЕ ВРТАМ НАЗАД ДО МИГОТ КО ТЕ СРЕТНАВ
И ВО СЕТА НАША ПРИКАЗНА
САМО ЕДНО НЕШТО ЌЕ СМЕНАМ…”
ОВА Е ДЕЛ ОД ЕДНА МОЈА ПЕСНА СО НАСЛОВ “ЕТЕ ТАКА НИЗ ЖИВОТОТ СЕ ОДИ ДРАГА МОЈА”. ПОСАКУВАШ ЛИ НЕКОГАШ ДА ИМАШ ВРЕМЕНСКО ДАЛЕЧИНСКО? ШТО БИ СМЕНИЛА...ИЛИ БИ ОСТАВИЛА СЕ’ ИСТО?
Ако би променила многу работи, тогаш никогаш нема да бидам тоа што сум денес. Колку и да било тешко понекогаш и некои работи да изгледале безизлезни, јас сепак стојам на ставот дека тешкиот пат е најдобриот. Не би менувала апсолутно ништо. Не можеме да избегнеме некои судбински пишани кодови. Сé е онака како што требало да биде.
И ЗА КРАЈ...ДАЛИ ИМА НЕШТО ШТО САКАШ ДА НИ КАЖЕШ, А НЕ СИ ГО КАЖАЛА ДОСЕГА ВО НИТУ ЕДНО ИНТЕРВЈУ?
Никогаш немојте да тагувате за оние работи кои не сте ги добиле, затоа што универзумот секогаш ви го дава тоа што ви е навистина потребно.
За крај...Драгана моја, ова е песната која ја читаше на последната промоција која ја правев. Среќа е што нашата приказна е една од оние кои се бескрајни...без твојот глас моите песни се само букви. Ти благодарам за одвоеното време и честа да си дел од ТАА Е...
Најтешки се нераскажаните приказни
тие најмногу болат
како онаа за тебе што во мене лежи
која одамна се токмам на хартија да ја ставам
еве ме...
со чаша бело вино
прашинки тивка музика
облечена во фустан
со високи потпетици
небаре тука си
до мене
небаре ме гледаш
со поглед вперен во накарминисаниве усни
и телово вкочането и исправено
погледот отсутен
сета сериозна
како којзнае за каде спремна
еве ме...
се обидувам да раскажам нешто
за двајца кои како да не ги познавам
па ја префрлувам косата од една на друга страна
го збрчкувам челото
ги гризам ноктите
до бол, до крв
дишам забрзано и плитко
како риба на суво
со гради кои со секој здив болат
ги стегам усните
лепливиот кармин на забите ми останува
како во живо месо да сум ги зарила
еве ме...
станувам
се тетеравам на потпетиците
боже, колку го мразам фустанов
и секој обид да те напишам
е само борба во себе
со себе
со крвави прсти и размачкани усни
растечена шминка и кловновско лице
скаменет полунасмев
стиснато срце
згужвани листови
празна постела и пробдеани ноќи
еве ме...
во када полна жешка вода
го одмивам лицето
телото
мислите
ги залекувам прстите
ги затворам очите
умот ми замолчува
црвенава грива ми плови
а кожата ми се смежуравува
станува нестварно бела
топла
а во мене уште е зима
еве ме...
со мисла
дека некои приказни
е подобро нераскажани да останат
како оваа, како нашата.
Ана Бунтеска