ТАА Е...ВЕСНА МИЛЕНКОСКА! - „НИКОЈ НЕ СЕ ОСИРОМАШИЛ ОД ДАВАЊЕ! ДАВАЊЕТО Е БЛАГОСЛОВ!“

Добивај вести на Viber

За неа велат дека е хероина на денешново време-невреме...за мене е мојата Весна, жената која треба да е урнек за секој од нас, жената која со својата широка насмевка ги руши сите препреки за да ја оствари својата мисија ЗГОТВИ И ПОДАРИ. Прочитајте ја Весна, мене ме трогна, ме расплака и ми даде надеж дека сепак...сепак човечноста и љубовта секогаш победуваат.

Ladies and gentlemen…ВЕСНА МИЛЕНКОСКА!

БАБА МИ ОТСЕКОГАШ ВЕЛЕШЕ ДЕКА ЧОВЕК МОРА ДА СИ ГИ АНГАЖИРА РАЦЕТЕ ЗА ДА НЕ МУ ЗАБЕГА УМОТ. ОД КАДЕ ЉУБОВТА КОН ГОТВЕЊЕТО, А ПОСЕБНО ОНАА КОН ТЕСТОТО ОД КОЕ ИЗЛЕГУВААТ ВОЛШЕПСТВА КОИ СЕ НЕ САМО УБАВИ ЗА ОКО, ТУКУ И ВЕЌЕ НАДАЛЕКУ СЕ СЛУША ЗА НИВНИОТ ВКУС?

И мојата баба го велеше истото, дека нема срамота од работа, да плеткаш со рацете за да врти умот, плетеше цели чаршафи на седумдесет години. Кога некогаш работата ќе запне, знам да се пошегувам со нејзината мисла “џабе работи, џабе не седи”. Потекнувам од битолски крај,  а според брашново Пелагонија ја имам во секоја пора. Од крај  каде што брашното понекогаш била една од ретките состојки кои ги имале за да приготват оброк за семејството. Така настанувaле вкусните зелници полнети со кромид, мазници со праз, тиква, едноставно од тоа што имале засадено по нивите. Мајка ми ја продолжи таа традиција, јас само и’ дадов друга димензија.  Истражувајќи за стартерот и киселото тесто, се открив новата јас. Открив како е да работиш на себе и за себе, како сам да си го менаџираш времето, самата изработка ме научи на трпение и посветеност. Хобито може да стане средство со помош на кое ќе се засакате себеси, влијае на развојот на личноста. Ве дефинира, станувате препознатливи. За вкусот на лепчето нема да дискутирам, тоа е индивидуално, тука зборува фактот дека надалеку се слуша, нели?  Бескрајно сум благодарна  што мојата посветеност и љубов која му ја давам, ја гледате во секоја трошка, ја конзумирате и раскажувате за неа. Единствениот начин да разбереш дали можеш да постигнеш нешто е да се обидеш повторно, вложувајќи ја целата своја душа. Зошто не би можела, ако тоа е она што сакам да го работам.  И.......ми се допаѓа!


СО ГОДИНИ ТРАЕ ТВОЈАТА ТРАДИЦИЈА СЕКОЈ ПОСЛЕДЕН ЧЕТВРТОК ОД МЕСЕЦОТДАЗГОТВИШ И ДОНИРАШ ХРАНА ЗА СЕМЕЈСТВО НА КОЕ ТОА МУ Е ПОТРЕБНО,СЕЕДНО ОД КОИ ПРИЧИНИ. СЕГА ВЕЌЕ СТАНУВА ЗБОР ЗА ГОЛЕМА АКЦИЈА ВОКОЈА СЕ ВКЛУЧУВААТ СÉ ПОВЕЌЕ ЛУЃЕ КОИ ДАВААТ СВОЈ ПРИДОНЕС. ШТО ТЕМОТИВИРА ЗА ДА ЈА ОДРЖУВАШТРАДИЦИЈАТА БЕСКОМПРОМИСНО И СОИСТАТА ПОСВЕТЕНОСТ И ЉУБОВ КАКО НА ПОЧЕТОКОТ?

Овој Ноември се четири години откако започна приказната за Фудџој и #зготвииподари. Идејата дека сакам да готвам и подарувам оброци на ранлива категорија на семејства траеше  подолг период. Кога беше доволно зрела се појави и профилот на инстаграм, преку кој најчесто комуницирам за сите донации.  Станува збор за една многу обична иницијатива, која има убава енергија и се пренесува од еден на друг. Колку мои сограѓани заразив со ова? Многу (се смее). Секој поминал низ кризи во животот, но не треба кога ќе застанете на нозе да заборавите дека има и други кои пливаат во длабокото.  Едноставно сум човек што знае што значи да се нема. Кога ќе се договорам со семејството, обично една недела пред да ги посетам, објавувам на социјалните мрежи за нивните потреби. Секогаш тие објави се анонимни, така собирам донации по нивни потреби, се растрчувам цела недела од едни кај други, кој можел денес, кој утре, се слушаме се договараме, пазарам, на крај готвам и се што сум собрала за нив им носам. Тогаш се создаваат моментите што ме мотивираат за понатаму, секоја нивна солза радосница, секоја воздишка, секоја прегратка, нивните среќни лица, задоволството што им го гледам во очите, сите тие незаборавни моменти кои ме туркаат напред. Истите тие моменти знаат да ме здрмаат така јако, да сама себе си велам доста е, колку беше толку, ова е претешко. Но не знам како пак собирам сила, во некој таков момент ќе се јави некој и ќе праша “каде ќе донираме следно” и приказната продолжува, секој последен четврток во месецот.

ПАНДЕМИЈАТА НИ ЗЕДЕ МНОГУ, НО И НИ ДАДЕ ПОГОЛЕМА СВЕСНОСТ ДЕКАМОРА ДА СМЕТУКА ЕДНИ ЗА ДРУГИ. ВСУШНОСТ, ТВОЈАТА ХУМАНИТАРНААКЦИЈА ЗАПОЧНА ЗА ВРЕМЕ НА КОРОНАТА. ШТО НАУЧИ ЗА СЕБЕ И ОПШТО ЗАЛУЃЕТО КОГА ВО УСЛОВИ НА СТРАВ И НЕИЗВЕСНОСТ РЕШИ ДА ИЗЛЕЗЕШ ОДРАМКИТЕ НА БЕЗБЕДНАТА ЗОНА И ДА ПОМАГАШ ОНАМУ КАДЕ ШТО Е ПОТРЕБНО?

Пандемијата сите нѐ удри од земја, толку измешани чувства не сум имала никогаш. Мора да признаам дека преовладуваше стравот од непознатото, грижата за најблиските, за сите роднини и пријатели. Ги слушаш, а си толку немоќен да помогнеш. Кога веќе стана малку полабаво, желбата за помагање кај мене се дуплираше, набргу потоа започнав со мојата хумана мисија.

“СРЕЌАТА СЕ МНОЖИ КОГА СЕ ДЕЛИ” И ”РАКА КОЈА ДАВА НЕ СЕ СУШИ” СЕ САМОДЕЛ ОДНАРОДНИТЕ МУДРОСТИ КОИ ТИ НЕ САМО ШТО ГИ КОРИСТИШ ВОСЕКОЈДНЕВНИОТ ГОВОР, ТУКУ И ГИ ЖИВЕЕШ СО СЕТА СЕБЕ. ШТО ЧУВСТВУВАШ ПОЗАМИНУВАЊЕТО, ОТКАКО ЌЕОСТАВИШ ЗАД СЕБЕ СРЕЌНИ ЛИЦА КОИ И НЕОЧЕКУВАЛЕ ДЕКА ТОКМУ ТОЈ ДЕН ЌЕ ИМААТ ПРИСТОЕН ОБРОК?

Една друга поговорка вели-Никој не се осиромашил од давање! Давањето е благослов!  Низ годиниве има многу случки за раскажување, највозбудени и најискрени се децата. Кога би можеле само да слушнете барем едно од нив како и со кој тон во гласот извикува :”Леле колку јадење има!“ тогаш можеби ќе ме разберете. После секое заминување од кое било семејство, мене душава ми е партал. Тогаш се враќам право дома, оставам хаосот од готвењето, си правам кафе, седнувам и си премотувам филмот, тука има хаос од емоции. Да имам многу, не знам каде би била границата на давање, зошто јас едноставно не знам за доста.


ЉУБИТЕЛ СИ НА КНИГИ, ЈОГА, НАСТОЈУВАШ СЕКОЈ МИГ ДА ГО ПОСВЕТИШ НАСЕМЕЈСТВОТО И ПРИЈАТЕЛИТЕ, НО ИСТОВРЕМЕНО ИМАШ И НЕВЕРОЈАТЕН ЕЛАНЗА ДА БИДЕШ ЦЕЛОСНО АНГАЖИРАНА СО ХУМАНИТАРНИ НАСТАНИ. ОД КАДЕ ИОД ШТО ЈА ЦРПИШ ТАА ЕНЕРГИЈА КОЈА ЧИНАМ ДЕКА ТИ СЕ ЧИТА И НА ЛИКОТ?

Го знаеш она? Ако мрачиш, мрачно ќе е, ако зрачиш....епа зрачи! Колку побрзо сфатиш дека твојата среќа зависи само од тебе, толку поубаво ќе ти врви денот.  Сакам да читам, години наназад не поминува ден со барем една страница прочитана во ден, како се зголемува работата така се намалува бројот на прочитани книги, ама не се може без нив. Јогата е исто љубов од пандемијата, вежбам секогаш кога можам. И она без кое не се може во денот е кафе муабет со друшка моја, сакам да излегувам, сакам дружби, сакам забава. Само така се полнат батерии на максимум.

“ПОНЕКОГАШ МИСЛАМ ДЕКА ТАПКАМ ВО МЕСТО, ДЕКА НЕМА НЕКОЈА ПРОМЕНА,ПОНЕКОГАШ МИСЛАМ ДЕКА ГАСАМ ПОЖАР СО ЧАША ВОДА. ВИСТИНАТА Е ТАА,НО ЗНАМ ШТО МИ ТЛЕЕ ВО ДУШАВА, КОЛКУ САКАМ ДА ПОМОГНАМ, ЗНАМ ДЕКАИМА ЛУЃЕ ШТО ГИ ИНСПИРИРАМ, И ДЕКА НЕШТО Е МНОГУ ПОДОБРО ОДНИШТО”.

КОЛКУ ТЕ СМЕНИ КАКО ЧОВЕК #ЗГОТВИИПОДАРИ, ИЛИ ПОТОЧНО, КОЛКУСАМАТА АКЦИЈА ДОНЕСЕ ПРОМЕНИ ВО ТВОЕТО ОПКРУЖУВАЊЕ?

#зготвииподари само ме дефинира како човек, едноставно дојдов во години кога јасно знам што сакам, со кого сакам да го трошам моето време, на што да се вложувам. Сакам да учам, да работам, да истражувам. Сакам да помагам, да гледам среќни луѓе. Тоа е нешто што не може да се скрие и едноставно, не може позитивно да не влијае на тие околу мене. Бидејќи не престанувам да зборувам за се ова (се смее).


НЕОДАМНА ИЗЛЕЗЕ СТАТИЈА ЗА ТВОЈАТА ПАСИЈА КОН ЛЕБОТ ОД КИСЕЛО ТЕСТО И НА ПОЗНАТИОТ СРПСКИ ПОРТАЛ PEKARIPOSLASTICAR. КОИ СЕ ПРИДОБИВКИТЕ ОД ОВОЈ ВИД ЛЕБ И ДАЛИ ТРЕБА ПОСЕБНА ТЕХНИКА ЗА НЕГОВОТО СПРЕМАЊЕ?

Искрено се изненадив на нивното барање да има статија за мене во списанието. Се израдував, ми значи што има луѓе и надвор од нашава земја кои ме пратат и го ценат ова што го работам. Sourdough  или кај нас познат како  леб од кисело тесто  е специфичен, не само по начинот на изработка, туку и по вкусот и големите придобивки од неговото консумирање. Самата изработка трае дваесет и четири часа, единствени состојки се брашно, вода и сол. Содржи природни ензими и пробиотици кои помагаат во подобрувањето на варењето на храната. Благодарение на природната ферментација има подолг рок на траење.

СИОТ ПАТ КОЈ ГО ИЗОДЕ, ГО ИЗОДЕ САМА И БЕЗ ПОМОШ ОД НИТУ ЕДНА ИНСТИТУЦИЈА. ДАЛИ НИЗ ЦЕЛИОТ ПЕРИОД НА ТВОЈАТА АКТИВНОСТ СО #ЗГОТВИИПОДАРИ, НЕКОЈА ДРЖАВНА ИНСТИТУЦИЈА ТЕ КОНТАКТИРАШЕ ИЛИПОКАЖА ИНТЕРЕС ЗА ОВАА АКЦИЈА И ОД АСПЕКТ НА СОЦИЈАЛЕН МОМЕНТ, НО ИЗА ПОМОШ ПРИ РЕАЛИЗАЦИЈА НА АКТИВНОСТИТЕ?

Точно е дека големиот пат го изодев сама, но тука се моите поддржувачи, мои сограѓани, следбеници на социјалните мрежи, познаници, пријатели, другари  и пред сѐ моето семејство. Моите деца секогаш кога се во можност, во зависност од школските обврски ми помагаат,  заедно да однесеме сѐ, да се запознаат со луѓето, да знаат за една друга реалност. Сурова, за жал.  Кој сака да донира, знае како да ме најде(се смее). Никогаш, во ниту еден момент не сум тропнала на некоја врата да побарам донација. Секој кој донирал, донирал доброволно.


КАДЕ СИ ЗА ПЕТ ГОДИНИ ОТСЕГА? МОЖЕБИ ВО СОПСТВЕН РЕСТОРАН ИЛИ ПЕКАРА ИЛИ ОСТАВАШ ВРЕМЕТО ДА ТИ ГО ПОКАЖЕ ПЛАНОТ ШТО УНИВЕРЗУМОТ ГО ИМА ЗА ТЕБЕ?

Вербата во универзумот мора да биде посилна од стравот дека нема да го добиете тоа што го сакате. Подеднакво е важно да веруваме дека сме неверојатни, колку што е лесно да веруваме дека не нѐ бива за ништо. До овој момент не форсирав апсолутно ништо, се сѐ случува полека и спонтано. Така да, за пет години да  ме држи кичмава, да и’ докажам дека годините се само број, да верувам повеќе во себе и од работа да не можам глава да кренам. Скромни некои желби (се смее).



ЗА КРАЈ, ДАЛИ ИМА НЕШТО ШТО БИ САКАЛА ДА СПОДЕЛИШ СО НАС ИЛИМОЖЕБИ ДА НИ КАЖЕШ НЕКОЈА ТАЈНА ОКОЛУ МЕСЕЊЕТО ЛЕБ?

Љубовта е најважната сосотојка, без неа нема среќа. Работете со љубов, ќе ви донесе радост! Бидете упорни и истрајни, бидете свои, стојте цврсто на нозе, издржете ги сите бури. Научете да станете кога ќе паднете, не да се откажете. На крајот, не може да не може!

За крај...Весна, ти си мојата хероина и пример. Ти благодарам што беше дел од ТАА Е...душава ми пее после интервјуто.

Да дајш љубов

Ко храна за најблиските да спремаш

За оние кои се од твоето цело-откорнати

Ете, ними храна да им спремиш

Или душата на тацна да им ја послужиш

Со часови в кујна затворена си

Ама спремаш

Оти тие ти се

Оти за љубов е и со љубов мора да биди

Та клаваш престилка на себе

Бела, побела од снег

Испеглана за на рабојте прсти да си исечиш

Ја врзуваш вешто и енергично

Ко војник пушката пред бој што ја спрема

Ја врзуваш косата силно, до бол

Собрана горе на темето

Се расфрлаш со брашно

Како мислите низ глата ко си ги чачкаш

Потпевнуваш во себе малку поднасмеана

Потпевнуваш нешто шо си го чула одамна

Ама ти влегло во глата и никако да излези

Готвиш пиле

Љубов готвиш

Тураш прстофат магија

Неколку филџани кревки љубовни нишки

Готвиш во себе, ама од себе

Душата како порција за сиот свет

Еве, вкусен леб нека биди

Кој мириса како рај

И не си уморна

Оти љубовта не уморува

Со ќеф сервираш

Иако душата не е за најаска

Ама со неа...со љубов ќе нахраниш


ФОТО: Бобан Стојаноски