“TAA E…Ирена Јакимова” - “НИЕ, ЖЕНИТЕ, СМЕ ПРОГРАМИРАНИ ОД ОПШТЕСТВОТО И КУЛТУРАТА ПОСТОЈАНО ДА ЧУВСТВУВАМЕ ВИНА”

Добивај вести на Viber

Фото: Тања Џон 

Ирена Јакимова е магистер по деловна економија (MBA на Универзитетот на Шефилд), со долгогодишно менаџерско  искуство, со специјалност во маркетинг, комуникации, односи со јавноста, продажба, претприемништво. Пред да ја изгради својата кариера како тренер (од 2011 наваму), таа работела во канцеларијата на ООН, а пред тоа има значајна кариера во областа на маркетинг, односи со јавноста. Илјада лица биле учесници на обуки за менаџмент, комуникација и (специјалноста) јавен настап. Стотина сопственици на бизниси или менаџери во компании го однеле своето менаџирање и лидерство на повисоко ниво. Стотина жени добиле обука, поддршка, менторско (или коучинг) водство за својот личен развој или за растот на бизнисот/професијата.Работи со тимови и поединци на инспирирање, охрабрување и зајакнување на нивните капацитети преку пренесување нови вештини, знаења и јакнење на нивните внатрешни ресурси.

Честопати за неа сум слушала дека е оној неопходен клик и мотив, кој ги тера луѓето да проникнат во себе, да се спознаат и да станат свесни за своите можности и капацитети. ТАА Е жена која е инспирација за многу жени...и да не должам, нашата денешна гостинка е жена на која и’се восхитувам и од која знам дека можам многу да научам, за себе.

Ве оставам да уживате во интервјуто!

Ladies and gentlemen… Ирена Јакимова!

ПОЧНУВАЈЌИ ОД МАЛИ НОЗЕ, ЖЕНИТЕ СЕ СООЧЕНИ СО ПРЕДРАСУДИ ОД ВИДОТ ЖЕНА Е, НЕ ЗНАЕ ДА ВОЗИ, ТРЕБА ДА СЕ РАЗМИСЛУВА МАШКИ, ЖЕНА Е ЗА ДОМА, НЕРАЗУМНА СИ, МОРА ДА СИ ВО ПМС И НИЗА ДРУГИ ФРАЗИ КОИ НИ ЈА ПОТКОПУВААТ САМОДОВЕРБАТА. ДО КАДЕ Е СТАСАН РАЗВОЈОТ НА НАШАТА КОЛЕКТИВНА СВЕСТ ДЕКА ЖЕНАТА Е РАМО ДО РАМО СО МАЖОТ?

Драга и почитувана Ана,

Пред се’ – ти благодарам за оваа можност да си позборуваме преку пишан збор, да претресеме заедно теми на коишто и двете, на свој начин, им се посветуваме... И нашево разговарање е едно скалило нагоре кон менување на таа свест, колективна или поединечна.

Има различни примери за развојот на нашата колективна свест, а она што е точно е следново:

-  Жените низ целиот свет, а особено кај нас (на овие простори) се оптоваруваат со многу обврски, задачи, грижа и чувства на вина, на несоодветност, на недоволност... Голем број жени бараат многу од себе а малку од другите, се грижат за другите а малку за себе. Ова го велам и во деловен и во приватен контекст.

-  Културата многу влијае на верувањата и на однесувањето (зборуваме за начин на зборување, однесување, градење стандарди што е „вистинска“ или „добра“ жена, мајка, ќерка, сестра, професионалец и др.) Она што го слушаме, она што ни се кажува – го усвојуваме како вистинито, правилно и единствен избор.

-  Не сме рамо до рамо. Погледнете го бројот на жени на раководни, одлучувачки позиции, жени во политиката, жени сопственички на бизниси или на имот. Тој е далеку помал од бројот на мажи што ги имаат тие позиции. Можеби сме глава до глава, по умност, знаење, едукација, способности, но, не сме рамо до рамо.

Поради сето ова, ние жените од нашиве генерации имаме задача, имаме мисија – да го менуваме ова без да ја изгубиме женственоста и женската креативна енергија. Без да се присилиме да се однесуваме како мажи.

НЕ ПОСТОИ ФОРМУЛА ЗА УСПЕШНОСТ ВО КОЈ БИЛО СЕГМЕНТ ОД ЖИВОТОТ. НЕ ПОСТОИ НИТУ ВОЛШЕБНО СТАПЧЕ КОЕ ЌЕ НЕ ОДНЕСЕ ОНАМУ КАДЕ ШТО САКАМЕ ДА БИДЕМЕ. СЕПАК, КОЈ Е ПРВИОТ ЧЕКОР ИЛИ ПРВОТО СКАЛИЛО КОЕШТО МОРА ДА СЕ ИСКАЧИ ЗА ДА СЕ ТРГНЕ НАПРЕД?

Првиот чекор е свесноста дека има скалила. Првото скалило е откривањето каде сакаме да бидеме, попрецизно КОЈА сакаме да бидеме, каква жена, каква личност. Нареден чекор е освестувањето каде сме сега, понатаму што ни е потребно за да стигнеме каде што сакаме, што уште треба да знаеме, да бидеме, што да смениме, што да задржиме, што да зајакнеме.

Наредно скалило е – да побараме помош. Кој ќе не’ води, кој ќе не’ подучи, кој ќе не’ бодри и навива за нас. И, низ сите тие скалила, да ја носиме со себе вербата дека она што сме го посакале е МОЖНО.
Можно и за мене. Затоа и дошло како желба, повик, пасија, визија...

ВЕЛАТ ДЕКА ПРЕГОЛЕМАТА САМОУВЕРЕНОСТ Е ИСТО ТОЛКУ ДЕСТРУКТИВНА КАКО ШТО Е И СЕБЕПОТЦЕНУВАЊЕТО. БАЛАНСОТ ПОМЕЃУ ВЕРБАТА ВО СЕБЕ, НО ИСТОВРЕМЕНО И ДА СЕ БИДЕ ШИРОК ВО СФАЌАЊАТА ЗА ДА СЕ УЧИ ПО НЕШТО НОВО СЕКОЈ ДЕН Е КЛУЧЕН. КАДЕ ГРЕШИМЕ И КАДЕ ВСУШНОСТ СЕ САБОТИРАМЕ САМИТЕ СЕБЕСИ?

Ова е одлична констатација. Ние жените некогаш сме премногу самоуверени дека можеме и затоа товариме многу на грбот, а некогаш се потценуваме себеси зашто некој резултат од некој потфат/ситуација го изедначуваме со своите способности и со својата вредност. Се саботираме од корен, затоа што имаме некои верувања за себе, длабоко во себе, а тие најчесто се: „Не сум доволно добра“, „Сама сум, морам се’ сама“ , „Не вредам“, „Невидлива сум“ и ред други...

ИНСПИРИТ КОУЧИНГЕ КОМПАНИЈА ЧИЈА ОСНОВНА ЦЕЛ Е ЛИЧНОСТА ДА СЕ ПРОНИКНЕ ВО СЕБЕ И ДА СТАНЕ СВЕСНА ЗА СВОИТЕ КВАЛИТЕТИ И МОЖНОСТИ. КОГА СЕ СЛУЧИ КЛИКОТ КОЈ БЕШЕ ПРЕСУДЕН ЗА ДА СЕ ОСНОВА ОВАА КОМПАНИЈА?

Да, покрај ова што убаво го опиша, ние понатаму нудиме програми (за групи или поединечни, за организации или за лица) коишто преку водење и коучинг, преку подучување одредени вештини – ќе помогне на луѓето да се надградат и започнат поинаку да размислуваат и да се однесуваат за да ги живеат своите квалитети и можности.

Ова го работев и пред ја основам компанијата, којашто е само поинаква форма на живеење на мојата мисија и креирање допринос. Одложував заради приватни предизвици со растење на помалото дете. Веројатно коцките се сложија, се создадоа услови, а, пред се’, јас се сменив во умот. Па, така, таа година и отворив фирма пролетта и испраќав прваче есента. Не сакаш да слушнеш каков ми беше тој септември... Ќе треба цело ново интервју (се смее). 

ДА СЕ БИДЕ СОВЕТНИК, МЕНТОР, ПОДУЧУВАЧ Е ПРЕДИЗВИК КОЈ СО СЕБЕ НОСИ И ГОЛЕМА ОДГОВОРНОСТ. ИНСТАНТ РЕШЕНИЈА НЕМА, ИЛИ БАРЕМ НЕ ФУНКЦИОНИРААТ НА ДОЛГ РОК. КОЛКУ ТРЕБА БУДНОСТ И ВНИМАТЕЛНО СЛЕДЕЊЕ НА СИТЕ ТРЕНДОВИ, ЗА ДА СЕ БИДЕ ВО ЧЕКОР СО НОВИТЕ МЕТОДИ КОИ ЌЕ ИМ ПОМОГНАТ НА ЛУЃЕТО ДА ВЕРУВААТ ВО СЕБЕ?

Еден професионален обучувач или тренер (coach) од светска класа треба добро да го знае процесот, да ја познава човечката природа и психологија, специфичноста кај жените (во мојот случај, бидејќи тоа ми е специјалност), да има на располагање лепеза од методи, алатки и техники што ќе ги употреби зависно од случајот и, најважно од се’, треба постојано себеси да се следи и да се развива. Ако ме прашате – не ме направиле годините мудра и искусна, туку едукацијата и коучингот на себе, што сум го инвестирала кај водечки светски имиња. Но, од друга страна, забележувам дека покрај моите знаења, во работата со луѓето многу ми помага мојата интуиција и богатото работно и животно искуство. Полесно е да водам некого до увид и исчекор, ако веќе сум поминала низ слични ситуации, знам како е и имам пример да споделам. Особено во бизнисот и менаџирањето.

И КОГА СМЕ ВЕЌЕ КАЈ МЕТОДИТЕ, МОРА ДА ЈА СПОМНЕМЕ АЛАТКАТА “POINTS OF YOU”, КОЈА ЈА ПРИМЕНУВАТЕ ОД 2016 ГОДИНА И ЗА КОЈА СТЕ СЕРТИФИЦИРАН ЕКСПЕРТ ТРЕНЕР. ПО ШТО ОВАА АЛАТКА СЕ ИЗДВОЈУВА ПО СВОЈАТА УСПЕШНОСТ И ПРИМЕНА? ДАЛИ И ВАМ ВИ ИМА ДОНЕСЕНО НОВИ СОЗНАНИЈА ЗА СЕБЕ?

Оваа алатка и методологија навистина ми се погоди заради се’ што нуди (картички со слика, збор, приказни како физички алатки, а и процеси кои на некој начин сами по себе работат). Се издвојува зашто е практична, лесна, колоритна, а сепак е толку длабока и моќна. Дава увиди и нови идеи на мозокот. Среќна сум што обучив голема бројка луѓе (како за мала земја) да ја користам, а најмногу сум горда на сите фасилитаторки што веќе обучуваат други. Македонија беше меѓу првите неколку земји што организираше онлајн обука за фасилитатори (повисоко ниво од корисници) и така бевме лидери во светското семејство.

Мене ми има донесено многу сознанија, увиди и идеа преку користење на алатката на себе, а најголемото сознание ми беше кога бев на обуката во Израел (од таму потекнува методата) колку сум јас „жителка на светот“ и професионалец од светски ранг. Така, со сите понатамошни интеракции, тоа чувство и пракса се’ повеќе го зголемував, за потоа да поминам и други светски (онлајн) академии за лидери и за потенцијалот на жените, што ми помогнаа денес да работам за странски компании и со жени-поединки од разни земји.

НЕКОЈПАТ НЕ СЕ НИ ОБИДУВАМЕ ДА ОТКРИЕМЕ КАКВИ СЕ НАШИТЕ ПОТЕНЦИЈАЛИ ИЛИ ЌЕ ЗАПОЧНЕМЕ СО ПРОЦЕСОТ НА УЧЕЊЕ, ПА ЌЕ СЕ ОТКАЖЕМЕ. СЕ ПЛАШИМЕ ОД ПРОМЕНИ ИЛИ СЕПАК, НАЈГОЛЕМИОТ СТРАВ Е СТРАВОТ ОД НЕУСПЕХ?

Ние, луѓето имаме различни стравови, но точно е дека најчесто се сведуваат на следниве: страв од успех или од неуспех, страв од напуштање или останување сами... Многу често луѓето не се истрајни зашто бараат брзи промени и резултати или се споредуваат со некого којшто е во друга фаза од животот/работата. Многу често луѓето не се истрајни зашто не веруваат. Дека е можно, дека е можно за нив, дека заслужуваат таков успех.

НЕСПОРНО ДЕКА Е ГОЛЕМА РАДОСТ И САТИСФАКЦИЈА КОГА ЌЕ ВИДИТЕ КАКО ВАШИТЕ КЛИЕНТИ ИМААТ БЕНЕФИТ ОД ОБУКИТЕ КОИ ГИ ОРГАНИЗИРАТЕ. ЧИНАМ ДЕКА ВО ТИЕ МИГОВИ НАЈГОЛЕМОТО ЗАДОВОЛСТВО ЛЕЖИ ВО СОЗНАНИЕТО ДЕКА СТЕ УСПЕАЛЕ ДА ГИ СВРТИТЕ КОН СЕБЕ. КАКО И НА КОЈ НАЧИН УСПЕВАТЕ НИВНОТО НЕ МОЖАМ, ДА ГО ПРЕНАСОЧИТЕ ВО МОЖАМ?

И на обуките и на индивидуалните сесии (коишто ги доживувам како еден вид вајарство – заедно ја вајаме новата личност на клиентот/ката) често пати работиме на освестување на реалноста, на промена на некои верувања (во што веруваат длабоко во себе), а потоа на пронаоѓање на пречките – што е тоа што до тогаш ги уверувало дека не можат нешто. Со различни техники (разговор, специјални прашања, вежби и задачи) доаѓаме до чинот на правење на тоа нешто. Откако ќе го направат, најголем број клиенти веќе веруваат дека можат. Од тука расте и самодовербата.

ВО ЕДНО ВАШЕ ИНТЕРВЈУ ЗА ЖЕНСКИ МАГАЗИН ИМ ПОРАЧУВАТЕ НА ЧИТАТЕЛИТЕ  ДА ВЕРУВААТ ВО СЕБЕ, АМА ДА НЕ СИ ВЕРУВААТ НА СЕ ШТО МИСЛАТ ЗА СЕБЕ. ДАЛИ ОВА, ИМАЈЌИ ГО ПРЕДВИД И НАШИОТ МЕНТАЛИТЕТ, БИ МОЖЕЛЕ ДА ГО ПРОШИРИМЕ И СО ИЛИ НА СЕ ШТО ДРУГИТЕ МИСЛАТ ЗА ВАС?

Еден од шокантните и пресвртни моменти во мојот развој беше кога слушнав и разбрав дека 98% проценти од нашите мисли и не се воопшто наши. Ние собираме како лепак, и тоа уште од мали, разни изјави, верувања, мисли од другите. Тоа се случува преку родителство, на училиште, преку медиуми, книги и сл. Па, така сме „присвоиле’ многу туѓи мислења за нас, а и за што е воопшто можно, дозволено, прифатливо.

Другите можат што сакаат да мислат за нас, тоа е нивна работа. Наша работа е да знаеме дека со нашето битисување и дејствување правиме добро за некого и повратните информации како тоа го правиме, дали сме на прав пат, дали допринесуваме – можат да бидат корисни.

НОВИТЕ ГЕНЕРАЦИИ ЖЕНИ СЕ МНОГУ ПОСВЕСНИ ЗА СЕБЕ И ПОЧЕСТО ЗАСТАНУВААТ ЗАД СВОИТЕ СТАВОВИ. АКО РАБОТЕЊЕТО СО НИВ Е ПРЕТЕЖНО ОДРЖУВАЊЕ И НАДГРАДБА НА НИВНИОТ ВЕЌЕ ВОСПОСТАВЕН КОНТАКТ СО СЕБЕ, КОЛКУ Е ГОЛЕМА БОРБАТА ЗА ДА СЕ ПОЧНЕ ОД НУЛА КАЈ ЖЕНИТЕ КОИ ГЕНЕРАЦИСКИ СЕ РАСТЕНИ И ВОСПИТУВАНИ ДА БИДАТ ПОСЛУШНИ?

Дали ќе ми верувате ако кажам дека голем број освестени жени со свои ставови исто така немаат контакт со себе? Голем број си поставуваат големи внатрешни пречки и плафони. И јас бев една од нив и се’ уште ги барам со детектор (секако и ги пробивам) моите внатрешни плафони. Се’ уште се фаќам како сум умна и послушна како добра ученичка, а бизнисот (па, и животот) бара нешто друго. Бара одважност. Бара да влегуваме во енергија што е подеднакво избалансирана меѓу женската и машката енергија. Да не одиме ниту во преголема послушност, ниту во преголема бунтовност и нападност. Архетипот на свесна, стабилна, одважна, силна, но и нежна жена (тнр. кралски или Queen) е она што го будам и развивам кај жените со моите обуки и индивидуална работа. Од таа позиција и внатрешна енергија, многу работи се поизводливи и подобар е односот со себе и со другите.

БРЕМЕТО ОД ВЕРУВАЊЕТО ДЕКА ЖЕНА КОЈА ИМА УСПЕШНА КАРИЕРА И Е НА ВОДЕЧКА ПОЗИЦИЈА Е СО ЗНАК РАВЕНСТВО ДЕКА НЕ Е ПОСВЕТЕНА МАЈКА, Е ПРОБЛЕМ НА МНОГУ ЖЕНИ. НЕКОИ СЕ ОТКАЖУВААТ, НЕКОИ ОПСТОЈУВААТ, НО ЧИНАМ ДЕКА СИТЕ ПОТСВЕСНО СЕ ПРАШУВААТ КОЛКУ Е ТОА НАВИСТИНА ТАКА. КАКО ДА СЕ ПОСТАВИ ГРАНИЦАТА КОЈА ЌЕ ГИ ОСЛОБОДИ ЖЕНИТЕ ОД ЧУВСТВОТО НА ВИНА ДЕКА ГО ЖИВЕАТ ТОА ШТО ГО ЖИВЕАТ МАЖИТЕ (КОИ НИКОГАШ НЕ СЕ ОСУДУВАНИ ЗА СВОЈАТА АМБИЦИОЗНОСТ)?

Ние, жените, сме програмирани од општеството и културата постојано да чувствуваме вина. Речиси за се’. Исто така, наметнато ни е да бираме. Или семејство или работа (кариера). 

Еден од начините да се ослободуваме од ова е да бидеме ЈАС во секоја наша улога, да се увериме дека можеме и имаме право на ДВЕТЕ и на друго што сакаме (спорт, хоби...), но и дека не мора во секој момент, секој ден, во сите улоги да сме подеднакво успешни. Самите си задаваме високи барања и очекување, самите се „казнуваме со камшик“ ако не ги постигнеме. Промената на очекувањата и мерилата започнува од нас и од поддршката на другите жени. Од женската солидарност.

ДАЛИ НЕКОГАШ СТЕ ИМАЛЕ ИСКУСТВО КОЕ ВИ ПОКАЖАЛО ДЕКА И ПОКРАЈ ГОЛЕМАТА ЖЕЛБА, СЕПАК НЕКОЈ КЛИЕНТ ЕДНОСТАВНО НЕ Е СПРЕМЕН ДА ГО ПРИМЕНИ ТОА ШТО ГО ВОСПРИЕМИЛ КАКО ЗНАЕЊЕ НА ОБУКИТЕ? КАКОВ Е ВАШИОТ ПРИСТАП ТОГАШ?

Кога се работи за обуки, реално и не знаеме со 100% сигурност што и колку клиент(к)ите, учесниците применуваат. Кај коучингот е поинаку, бидејќи работиме еден-на-еден или во мали групи. Затоа коучингот во бизнисот дава до 6 пати поврат на инвестицијата. Мојот пристап е да ги отстраниме пречките или да усвоиме знаења (промена на верувања и однесувања) што се доволни и усвоиви за таа фаза во која што се наоѓа клиентот/ката.  

КОЈА Е ИРЕНА ПРИВАТНО? КАКО САКАТЕ ДА ГО ПОМИНУВАТЕ СЛОБОДНОТО ВРЕМЕ И КОЈА Е ВАШАТА ДВИЖЕЧКА СИЛА И ИНСПИРАЦИЈА?

Јас сум истата секаде. Затоа сум избрала таква професија во којашто можам да бидам јас и да уживам и кога работам. Со мојата работа и со мојот приватен живот јас се трудам да го следам правилото: Walk Your Talk. Talk Your Walk. Живеј го она што го подучуваш. Зборувај за она што го работиш/живееш.

Сакам мојот живот да биде пример, вежба, идеја, мотивација. Низ животот, уште од детството и младоста, сум поминувала големи предизвици, потешкотии, неповолни околности. И денес се развивам и растам преку предизвиците на мојот син со потешкотии во развојот. Времето ми е мешавина или како торта – ред работа, ред родителство, ред партнер, ред тешко, ред убаво, ред фокус, ред опуштање. Немам хоби и затоа од работата црпам, но и од најблиските црпам двојна радост. Исто така и од спиритуалноста, вербата во енергијата, поврзаноста со поголемото...
Сакам да читам, да пешачам, сама вежбам дома по малку, зашто се’ уште не можам да одам некаде редовно...

ЗА КРАЈ, ДАЛИ ИМА НЕШТО ШТО БИ САКАЛЕ ДА СПОДЕЛИТЕ СО НАС ИЛИ НЕШТО ШТО НИКОГАШ НЕ СТЕ ГО КАЖАЛЕ ВО НИТУ ЕДНО ИНТЕРВЈУ?

Има, и нека биде како писмено даден збор. Особено пред тебе, Ана, ќе има голема тежина (се смее). На интервју не ме прашале, ама ме прашуваат во живо: кога ќе напишам книга? И признавам дека ја започнав. Сакам да оставам траги и насоки и кога не сум присутна – како да се расте, да се прифатат околностите, да се живее живот со полни бели дробови, да се срка со голема лажица, со сите негови вкусови, да се истрајува и да се стане се’ што можеме да станеме, а не сме ни сонувале.

Ќе ми биде корисно и ќе ценам ако добијам насоки за кои теми најмногу им е потребно на жените да прочитаат, да добијат увид од некоја жена како мене, што е тука од кај нас, до нив, а е жителка на светот.

За крај, песната која чинам дека соодветствува со нејзината енергија, храброст и питомост. Драга Ирена, чест ми беше што те имавме во ТАА Е.... Инспирација си и љубов!

Има луѓе покрај кои цутиш

Во чија сенка твојата удобно ќе се смести

Како по калап да ви се напраени

Како стар чоек на омилената фотеља ко ќе залегне

За да дремне напладне дур радиото зуе во позадина

Ко расфрлано цвеќе во градина

Навидум без ред, а во совршена хармонија

И цутиш

Ете баш така, цутиш

И со таквите луѓе поинаку животот ти мириса

Спокоен си и не говориш многу

Токму толку колку што душата ти сака

Без да се стегаш и без да се напрегаш

Се’ си е некако тамам

Ко да си нашле место во срцето твое

Та ги гледаш често или не, сеедно е

Тука ти се

Арни ти се

И ти покрај нив поарен стануваш

Има луѓе, убај луѓе

Кои од тебе најубавото го вадат

Без да се трудат и без ти напор да вложиш

Едноставно, ко грнче и капаче

Ко лажичка шеќер во кафето

Без ниту едно зрнце блажина отпојќе

Без да знаеш и без да знаат

Несвесно

Ко да си ги барал сиот живот

Или неколку животи наназад

Па еве, во овој ги среќаваш

И твои ти се

Тука ти се, дури и кога сам си

И црното во тебе обелува покрај нив

А белото уште појќе ти блеснува

Та светиш однатре

И огреваш околу однадвор

Ама налет

Има луѓе кои сакаш да ги љубиш

Ама пусто не оди

На сета желба и добра волја

На прав пат се препнувате

Ко нозете фатени да ви се

Ко два остри камени што се абат

Ко зејтин во чаша вода

Едно со нив не стануваш

И немаш ниту ти убост

Ниту пак убост ним им даваш

А сакате и едниот и другиот

Ама не оди, ете не оди

И тогаш умен да си и збогум да кажиш

Оти малку век на земјава имаме

Многу малку за да го арчиме

Со насила љубов истерана

Оти таквата љубов, нељубов станува

Та дури и сенките една од друга бегаат

И белото во чоек посивува

А црното на тешка земја замирисува

Има луѓе

Има такви со кои животот и од смртта полош е

И такви со кои смртта со насмев се дочекува

Такви кои за рака ќе те држат

И ти нивната не ќе ја испушташ

Кои во срцето ти спијат

Уште долго откако ќе те нема

Или ако тие пред тебе заминат

Луѓе-љубов

Луѓе-лек

Луѓе-цут


Фото: Тања Џон и приватна архива