TAA E…Ивана Хаџиванова: Привилегија е некој да ти даде доверба и да си ја „соголи’’ душата пред тебе во најранливите мигови

Добивај вести на Viber

Човекот е совршен механизам, кој беспрекорно функционира само доколку има баланс меѓу физичкото и менталното здравје. Во ова време-невреме во кое повеќе трчаме (кој по подобра животна егзистенција, кој по моќ и слава) отколку што си даваме амин да се посветиме на себе, некако како да си ја ставаме психата во втор план. Да се отиде на психолог треба да биде исто како да сте тргнале на козметичар, забар, масажа. Негувањето на душата е несомнено многу поважно отколку што нам ни се чини. Секојдневниот стрес знае подмолно да си ја наплати цената тогаш кога најмалку очекуваме.

Ивана не ја познавам, но ја знам. Сега ќе си речете како можам да го кажам ова, но ете, можам. Не само што сум и’ ги исчитала можеби сите интервјуа кои ги дала, туку за неа сум слушала и од луѓе кои откако и’ се обратиле за помош, станале многу посвесни за себе. Сите некако кубуриме со признанието дека не можеме секогаш се’ сами. Некогаш кога ни е тешко и кога се наоѓаме во безизлезна ситуација, не сме способни да излеземе вон себе и објективно да согледаме не само што не’ мачи, туку и како да го најдеме решението. Токму затоа, тука се психолозите. Нема осуда, нема ц’цкање зошто и како сме се довеле до ова или она дереџе. Има само барење чаре и согледување на замките заради кои сме се вплеткале во лавиринтот и тоа само со една цел...да знаеме да ги препознаеме сите знаци и скриени аларми кои првенствено сме ги игнорирале.

Ивана Хаџиванова е искусен професионалец од областа на менталното здравје, со повеќе од десет годишно работно искуство. Основач и директор е на НЕОКОРТЕКС – Центар за психотерапија, психодијагностика тренинг и едукација во Скопје, каде предводи тим од стручни лица. Во секојдневната практика применува Гешталт психотераписки пристап, низ индивидуални, партнерски и семејни психотераписки сесии и психолошко советување, а во едукација е и за втор психотераписки пристап Семејна-Системска психотерапија, која активно ја применува со клиентите. Има завршено ЕМДР тренинг, техника за работа со трауми, под водство на Изабел Фернандез претседател на ЕМДР Италија, како и едукација за Клиничка невропсихологија со невропсихолошка дијагностика. Поседува искуство и сертификати и за работа со родители на деца со посебни потреби, како и за „Прва психолошка помош’’- (Johns Hopkins University). Долгогодишен соработник е на Домот за деца без родители „11 Октомври’’, како  и „Центар за обука на пилоти’’ – касарна Петровец, каде врши скрининг и селекција на кандидати за воени пилоти за хеликоптерските единици на Армијата и Полицијата. Во 2019 година ја започнува и соработката со Здружението на граѓани со ретки болести “Живот со предизвици’’ и од тогаш активно работи на превенција и третман на менталното здравје на оваа сензибилна категорија на клиенти/пациенти. Поседува посебна лиценца за вршење психолошка дејност во областа на Психологија на здравје-Психотерапија. Сертифициран член е и на ЕАГТ-Европска асоцијација за Гешталт психотерапија. 

Ladies and gentlemen… Ивана Хаџиванова

* КОЛКУ СМЕ БЛИСКУ ИЛИ ДАЛЕКУ ВО ГРИЖАТА ЗА МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ ОД ОНА ШТО Е ВЕЌЕ ОДАМНА ВОСПОСТАВЕНА ПРАКСА ВО СТРАНСТВО?

-Среќна сум дека и нашиот народ веќе се „ослободи’’ и бара стручна помош за своето ментално здравје од психолог/психотерапевт. Во најголем процент, луѓето веќе ја надминуваат стигмата и предрасудите, свесноста е многу зголемена и се’ повеќе и посериозно ја сфаќаме потребата за грижа за менталното здравје, како и за физичкото. Посетата на психолог/психотерапевт и работата на себе за многумина веќе не се тајна, напротив забележувам дека луѓето споделуваат меѓусебно совети, препораки и лични искуства и тоа прави поле кое ослободува.

* КОИ СЕ ПРВИТЕ АЛАРМИ КОИ УКАЖУВААТ НА ТОА ДЕКА ЧОВЕК ТРЕБА ДА ПОБАРА СТРУЧНА ПОМОШ КОГА Е ВО ПРАШАЊЕ ПСИХАТА?

- Сите ние некогаш се соочуваме со стрес, анксиозност или емоционален дебаланс во некој дел од животот. Животот не е „розов’’ за никого, тој е линија полна добивки и загуби и животни предизвици. Во најголем дел од нашето живеење, ние со своите лични снаги и одбранбени механизми, како и поткрепата од системот на поддршка околу нас составен од семејството и пријателите, ги надминуваме тешките периоди и кризи. Но, во сечиј живот има период кога стручна и адекватна помош од професионалец е добредојдена, па и неопходна.

Некогаш лесно ќе ги препознаеме алармите и тие се очигледни, а некогаш долго ќе останат недетектирани или несвесно скриени дури и од себе. Кога личноста ќе добие чувство дека нема сила да се справува со секојдневието, ја губи енергијата, забележува пад во својата продуктивност и функционалност на било кое поле (професионално, релациско, семејно, здравствено и слично), има интензивно чувство дека работите и’ „излегле од рака’’ и се’ потешко се справува со стресовите и животните предизвици, треба да се побара стручна помош. Психотерапијата и психолошкото советување не се само за лицата со ментални растројства, туку и за секој кој чувствува голем стрес, се чувствува емоционално преплавен или минува низ некаква транзиција и животна/развојна промена.

Дел од силните аларми на кои треба да внимаваме се: личноста се чувствува подолг период тажно, празно и потиштено со значаен пад на расположението и губење на задоволството во секојдневните интереси; има потешкотија да ги регулира своите емоции и има значајни бихевиорални промени; се соочува со потешкотии во учењето или работниот перформанс;  има промени во апетитот и спиењето; се бори да ги задржи релациите и комуникацијата со околината и се соочува со иритабилност, или пак тенденција за изолација; се случил некаков трауматски настан во насока на насилство во било која форма или e доживеан друг интензивен стресор кој го нарушил интегритетот; или можеби станува збор за процес на загуба и тагување на некаква релација – развод или смрт на близок. Тука е секако и нарушеното соматско здравје кое допринесува за нарушување на менталното здравје, па треба да го имаме во предвид и психолошкиот аспект кај личноста која се соочува со болка, адаптации и процес на прифаќање на некаква здравствена состојба. Аларм што силно трешти и не смее да се изостави е и злоупотребата и зависноста од психоактивните супстанци.

* НЕОКОРТЕКС-ЦЕНТАРОТ ЗА ПСИХОТЕРАПИЈА, ПСИХОДИЈАГНОСТИКА, ТРЕНИНГ И ЕДУКАЦИЈА РАБОТИ УШТЕ ОД 2017 ГОДИНА. АКО СЕ ПОВЛЕЧЕ ЕДНА ЛИНИЈА МЕЃУ ТОГАШ И СЕГА, КАКО БИ ЈА ОЦЕНИЛА ОПШТАТА СОСТОЈБА НА ЛУЃЕТО ОД АСПЕКТ НА ТОА ШТО НАЈМНОГУ ИМ ПРЕДИЗВИКУВА ГРИЖИ?

- Ова е тешко прашање, бидејќи има многу работи кои на луѓето им причинуваат грижи. Влијаат околните фактори и тоа како живееме во нашето општество, влијаат светските глобални случувања, а секако и личните. Споредбено со 2017-та мора да кажам дека ситуацијата со менталното здравје и животното задоволство отиде значајно во надолна линија, а за тоа допринесе Ковид пандемијата како масивен стресор, од кој се’уште ги живееме последиците. За жал, веднаш потоа, сите ние сеуште „незакрепнати’’, се соочуваме со почеток на нова воена криза, која иако далеку од нас, го внесе светот во следен стрес и индиректно предизвика финансиска криза која влијае на општата и психичката состојба на луѓето како во светот, така и кај нас.Здравјето и егзистенцијата се големи грижи за многу луѓе би рекла периодов, меѓу другото.

* ДА СЕ ПОБАРА ПСИХОЛОШКА ПОМОШ Е ГОЛЕМ ЧЕКОР ВО БОРБАТА ПРОТИВ ДЕПРЕСИЈАТА И АНКСИОЗНОСТА. КОЛКУ Е ВАЖНА УЛОГАТА И ПОДДРШКАТА НА СЕМЕЈСТВОТО. ШТО ДОКОЛКУ ИМА ОТСУСТВО НА СПРЕМНОСТ ДА СЕ СОГЛЕДА ПОТРЕБАТА ОД СТРУЧНА ПОМОШ НА ОДРЕДЕН ЧЛЕН ОД СЕМЕЈСТВОТО?

- За жал, отсуството на разбирање на сериозноста на измачувањето од овие психолошки состојби и растројства кај личноста го слушам често, а истово нагласувам  дека може да биде и многу опасно. Отпорот спрема третман, особено за депресијата знае да направи продлабочување на симптоматологијата до мера на најнепосакуван исход по животот на засегнатата индивидуа. Поплаките на блиските не смее да ги потценуваме и да не ги валидаризираме. Дали нешто е реално проблем или не, стручното лице треба да направи професионална проценка. Неопходна е поддршката и разбирањето од семејството за лицето кое страда и отвореност на границите за стручни лица. Негацијата дека постои проблем кај некој семеен член и неприфаќањето на реалноста, го зголемува страдањето и треба да се замени со активно учество и навремен третман поддржан од целото семејство. Тоа крајно позитивно влијае на прогнозата и менталното здравје на лицето со симптом. Семејната поддршка и соработка кај лица со психолошки потешкотии е огромен протективен фактор и семејството треба да е отворено за тоа!

* ОРГАНИЗИРАТЕ И ОРГАНИЗАЦИСКИ И КОРПОРАТИВНИ ОБУКИ ВО РАМКИТЕ НА НЕОКОРТЕКС АКТИВНОСТИТЕ. КОЛКУ СТЕ ПОТОЧНО АНГАЖИРАНИ ВО ОВАА ОБЛАСТ И ДАЛИ ФИРМИТЕ И КОМПАНИИТЕ ГИ СЛЕДАТ ТРЕНДОВИТЕ ЗА НЕГУВАЊЕ НА МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ НА СВОИТЕ ВРАБОТЕНИ?

- Голема чест имам што ја добивам довербата од македонските компании, здруженија и интернационални организации во земјата, кои се грижат за своите вработени, членови итн. Имаме долгогодишни соработки низ кои одржувам тренинзи, работилници и обуки на многу теми во насока на превенција на менталното здравје, како и подобрување на перформансот, организациските и комуникациските вештини и останати полиња за развој. Покрај ова, компаниите овозможуваат и бесплатни психотераписки сесии за своите вработени кои ги овозможуваме со тимот психолози, и кои најпозитивно се прифатени како компаниски бенефити, а се значајна грижа за менталното здравје и личниот раст и развој.

* ИНДИВИДУАЛНО Е ВРЕМЕТРАЕЊЕТО И ПОТРЕБАТА ОД ПСИХОТЕРАПИЈА ЗА СЕКОЈ КЛИЕНТ. НЕСОМНЕНО ДЕКА БАРА ГОЛЕМА СТРУЧНОСТ ВО ОДРЖУВАЊЕТО НА ЛИНИЈАТА ПСИХОЛОГ/ПСИХОТЕРАПЕВТ-КЛИЕНТ. КОИ СЕ МЕХАНИЗМИТЕ ЗА ДА НЕ СЕ ПРЕЧЕКОРИ ТАА ЛИНИЈА И ДА НЕ СЕ ДОЗВОЛИ КЛИЕНТОТ ДА ВЕ ТРЕТИРА КАКО ПРИЈАТЕЛ?

- Покрај универзитетската едукација за психолог, механизмите ги учиме и низ дополнително долгогодишно остручување и едукација за психотерапевт која трае минимум 4 години, а секако и низ искуството и праксата. Професијата психотерапевт бара постојана едукација, супервизија и лична работа на себе. Вашето прашање се однесува во насока на одржување на професионални граници за кои одговорноста ја има психотерапевтот и тоа треба да го прави со цел клиентот да има бенифиција од процесот. Народски би рекла дека психотерапевтот не треба да биде ниту премногу блиску, ниту премногу далеку од клиентот. Одговорност на психотерапевтот е да го води и контролира терапевтскиот процес, меѓу кои и границите, а тоа се прави низ вербалните тераписки интервенции, невербалната гестикулација, ставот, односот, содржините и многу други работи кои се прават со целосна свесност во секој миг од терапевтската сесија. Придржувањето до етичкиот кодекс, начелата во психотерапијата и придржување до теоријата и насоките, се работи што секој психолог/психотерапевт треба да ги почитува.

* СЕКОГАШ КОГА СЕ ОБИДУВАМЕ ДА СЕ ОПРАВДАМЕ ЗА НЕКОИ ПОСТАПКИ ВЕЛИМЕ ЕТЕ, ТОА СЕ ТРАУМИ ОД ДЕТСТВОТО. КОЛКУ ИМА ВИСТИНА ВО ТОА ДЕКА СИТЕ СМЕ (ГРУБО РЕЧЕНО) РОБОВИ НА НАШЕТО ДЕТСТВО И ОНА ШТО СМЕ ГО СОБРАЛЕ ПОПАТНО КАКО ПОЈДОВНА ТОЧКА ЗА НАШЕТО ФОРМИРАЊЕ КАКО ЛИЧНОСТИ?

- Вистина е дека детството со раните искуства и раната семејна динамика многу влијае на тоа кои сме ние и во формирањето на личноста. Но, не поддржувам дека треба да се правдаме со истото, бидејќи никој околу нас не е должен да не’ толерира ако се однесуваме неадекватно поради тоа. Сите имаме лична одговорност и можност да ги испроцесираме раните случувања, да ги освестиме и смениме обрасците на однесување и механизмите кои тогаш биле функционални и создадени, но можеби во возрасната животна фаза ни се дисфункционални и ни прават потешкотии со себе, и во релациите кои ги имаме. Психотерапијата го помага овој процес.

* ВО ЕРА НА ЕКСПАНЗИЈА НА РАЗВОДИ И КОГА ВЕЌЕ ТОЈ ЧЕКОР Е НЕМИНОВЕН, ШТО Е НАЈВАЖНО ДА СЕ НАПРАВИ ДОКОЛКУ ДЕЦАТА СЕ ВО НИВНИТЕ КРИТИЧНИ ГОДИНИ, ОДНОСНО КОГА СЕ ВО ПУБЕРТЕТ?

- Пред се’ да им се објасни дека се разведува бракот, но родителството останува до крајот на животот, дека се сакани и дека тие не се виновни што возрасните одлучиле да се разведат. Да се разговара со нив отворено за тоа што се случува и кои се промени да ги очекуваат, неоптоварувајќи ги со претерани детали во врска со брачните потешкотии. На децата и адолесцентите треба да им се направи поле да го изразат стресот и сите емоции кои ги чувствуваат и да им се амортизираат, иако можеби ги кријат со цел да ги заштитат родителите. Никако да не се ставаат во улога на медијатори во нарушената комуникација на родителите и да не сведочат меѓусебни обвинувања и минирања во процесот на развод. Многу е важно да не им се поттикнува „конфликтот на лојалност’’, односно да им се даде непречена слобода и поддршка да одат и комуницираат со другиот родител растеретени од чувство на вина дека некого предаваат со постапките. Потребно е многу внимание, љубов, грижа и контрола со будно следење на сите промени кај нив, во и така тешката пубертетска фаза.

* ПРЕД ИЗВЕСНО ВРЕМЕ НАПИШАВ ЕДНА КОЛУМНА ВО КОЈА ЗБОРУВАВ ЗА ПРЕКУМЕРНАТА ГРИЖА НА РОДИТЕЛИТЕ КОЈА ГИ СТАВА ДЕЦАТА ПОД ИЛУЗИЈА НА СТАКЛЕНО ЗВОНО. ГЛАВНИОТ ПРОБЛЕМ Е НАЈЧЕСТО КОГА РОДИТЕЛИТЕ ЈА ГУБАТ МЕРКАТА. КАКО ДА СЕ ВОСПОСТАВИ ЗДРАВ ОДНОС РОДИТЕЛ-ДЕТЕ, БЕЗ ГУШЕЊЕ НА ДЕТЕТО?

- „Гушењето’’ на детето може негативно да влијае на неговиот раст и созревање, самодоверба, индивидуалност, јакнење на сопствените снаги и отпорност кон стресорите. Таков родителски стил може да го оддалечи од неговите развојни задачи, а ова станува особено голем предизвик при почетокот на адолесценцијата. Односот на родителот кон детето треба да се менува според возраста и тоа што е типично и потребно за детето во адекватната развојна фаза. Постојат два психолошки процеси, а тоа се емоционална сепарација и диференцијација кои не треба да се спречуваат со претерано заштитнички, претерано близок-умрежен однос со детето. Препорачувам да се прави добар баланс помеѓу слободата и довербата од родителот, и контролата и грижата.

* НЕ ПОСТОИ ВОЛШЕБНО СТАПЧЕ СО КОЕ ЌЕ ИСЧЕЗНАТ ПРОБЛЕМИТЕ КОИ НЕ МАЧАТ. КОЛКУ ПОМАГА КРЕАТИВНОСТА И ФИЗИЧКАТА АКТИВНОСТ ВО РАЗБИСТРУВАЊЕ НА УМОТ И МЕНУВАЊЕ НА АГОЛОТ ОД КОЈ ГИ ГЛЕДАМЕ ТЕШКОТИИТЕ СО КОИ СЕ СООЧУВАМЕ?

- Премногу помагаат, секој треба да ги практикува и треба да се стимулираат и да се вградат навиките за спорт и креативни активности и вентили, уште од најрани години кај децата. Јас сум целиот мој живот спортист и на „своја кожа’’ ја чувствувам и користам моќта на физичката активност за моето психофизичко здравје. Спортот како и престојот во природа и патувањата, се моите главни, здрави начини за справување со стресот, грижа и љубов кон себе кои ме чуваат и регенерираат, меѓу другите работи.

* КОЈА Е ОСНОВНАТА МОТИВАЦИЈА ШТО ЈА ИМАШ ЗА ДА РАБОТИШ СО КЛИЕНТИТЕ И ОД КАДЕ ЖЕЛБАТА ТОКМУ ЗА ОВАА ПРОФЕСИЈА?

- Привилегија е некој да ти даде доверба и да си ја „соголи’’ душата пред тебе во најранливите мигови. Душата не ја гледаме, не е видлив орган, но се чувствува, и е најкомплексното нешто да се истражи, допре и зацели. Главен мотив ми е да помагам и да знам дека сум направила човек во најтешко да го промени чувството за себе или насоката во животот на подобро за него. Сакам луѓето да се среќни и мирни во душата и да го живеат животот со полни гради, а кога ќе дојде тагата и болката да не се сами.

Водејќи го тој спроти мене по патот на себе-спознавањето и закрепнувањето во најтешките животни предизвици, е истовремено учење и раст и за мене. Мојата работа е белегот кој сакам да го оставам, и голем дел од смислата на мојот живот. Зборовите имаат моќ да зацелуваат, да издигнат, или да уништат. Предизвик е да се смисли добро прашање/интервенција кое ќе остане врежано во умот и ќе му се врти во мисли долго време после завршување на сесијата. Предизвик е и да се емпатизира со огромни болки и да се даде поддршка.  Премногу е убаво и исполнувачко  чувството (и истовремено  огромна награда), благодарноста и насмевката на лицето на клиентот кое претходно било долго време влажно од солзи.

Отсекогаш сум сакала да знам што луѓето мислат, како се чувствуваат, од млада сум аналитичар и набљудувач, кој сака да чита. Ако на тоа ги додадам и своите предизвици во адолесценцијата, психологијата и психотерапијата беа и се вистинскиот избор за мене.

* ДАЛИ НЕКОГАШ СЕ ЧУВСТВУВАШ НЕМОЌНА ДА ПОМОГНЕШ НА КЛИЕНТ КАЈ КОЈ ШТО ГЛЕДАШ СЕБЕ- САБОТИРАЊЕ? СИ ИМАЛА ЛИ НЕКОГАШ ТАКВО ИСКУСТВО?

- Чувството на немоќ ми беше почесто на почетокот на мојата кариера, меѓутоа стекнувајќи го искуството и самодовербата,и се’ поголемата стручност со текот на годините, тоа е исклучително ретко. Научив дека трпението и истрајноста, како и вербата во снагите на клиентот  и терапевтскиот процес се неопходни. Јас можам да го доведам клиентот до реката, но тој сам мора да се напие вода. Се трудам да сум свесна и разграничувам што е во моја моќ, а што не е, како и што е моја одговорност како психотерапевт, а која е одговорноста на клиентот. Знам дека давам се’ од себе и не се откажувам, а ако и клиентот е со тој став и капацитети, прогресот е неминовен.

* ВО ПОСЛЕДНОТО ИНТЕРВЈУ ЗА ЖЕНСКИ МАГАЗИН ЗБОРУВАШЕ ЗА ЗАВИСНОСТА НА ДЕЦАТА ОД СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ И КАКО ТОА СЕ ОДРАЗУВА ВРЗ НИВ. СО ОГЛЕД НА ТОА ДЕКА ИНТЕРВЈУТО Е ОД 2020 ГОДИНА, ДАЛИ ИМАМЕ СЕГА УШТЕ ПОГОЛЕМ ПРОБЛЕМ КОГА СТАНУВА ЗБОР ЗА РЕЛАЦИЈАТА ДЕЦА-ЛАЈКОВИ-САМОДОВЕРБА?

- За жал, забележувам се’ повеќе загрижени родители, кои се трудат се поактивно да воспостават контрола врз своите деца и граници во однос на оваа тема.

* ВЕЛАТ ДЕКА СЕКОЈ ПСИХОТЕРАПЕВТ СИ ИМА ПСИХОТЕРАПЕВТ. ДАЛИ Е ТОА НЕОПХОДНО ЗА СИТЕ ЧИЈА ПРОФЕСИЈА Е ПСИХОТЕРАПИЈАТА, КАКО СВОЕВИДНО ПРОЧИСТУВАЊЕ ОД СОПСТВЕНИТЕ ПРОБЛЕМИ, НО И ОД ЖИВОТНИТЕ ПРИКАЗНИ СО КОИ СЕКОЈДНЕВНО СЕ СООЧУВАТЕ?

- Имаме задолжителен голем број на сесии индивидуална и групна работа на себе во процесот на едукација и непосредно по завршувањето. Имаме и задолжителна супервизија која ни е потребна. Јас лично и покрај одамна завршените задолжителни обврски за станување психотерапевт, често се враќам себе во процес со својот психотерапевт. И тогаш кога имам свои потешкотии и дилеми, но и кога немам, за да се преслушам себе на глас. Мојот континуиран психотерапевтски процес ми помага никогаш не заборавам какво е чувството на клиентот пред психотерапевтот, секогаш да ги имам предвид двете позиции. Работејќи на себе, ги обработувам и своите лични емоционални и животни доживувања, но и паралелно учам од стручен аспект за терапевтскиот процес кој е бескрајно големо поле кое ме фасцинира.

* ЗА КРАЈ, ИМА ЛИ НЕШТО ШТО НИКОГАШ НЕ ТЕ ПРАШАЛЕ ВО НИТУ ЕДНО ИНТЕРВЈУ, А БИ САКАЛА ДА СПОДЕЛИШ СО НАС?

- Прашањата беа многу инспиративни, интересни и сеопфатни и не би додала ништо. Ти благодарам на честа!

За крај, песната која има за цел да ве потсети да не молчите ако ви е тешко, зборувајте, викајте, закажете кај Ивана...само не збирајте. Драга Ивана, чест ми беше што те имавме во ТАА Е...

Јас па и неќам силна да сум

Ниту да ми е душава ко бунар

Та фрлај се’ внатре демек бери

Оти и бунарот крај има

Полни, полни и ќе прелее

Исто ко и чоечката душа

Та после си отишол чоекот

Ама арен беше со здравјето

Шо така наеднаш горнион го земал?!

Е не бил!

Само молчел и во себе збирал

Голтал и се давел во чемер

И се с’клетисувал за ова и за она

Дур не му пукнало срцето

И болести го навјасале

Неќам

Еве јас да се прашувам

Сосем поинаква би била

Би пуштала солзи за секоја болка

Би ја исплакала секоја неправда

Море би се удајла во сопствениот плач

За се’ што сум одмолчила

И за се’ за што сум се насмевнала

А ми идело да вриштам

И не

Појќе не мислам оти е сила

Очите суви со децении да ти бидат

Дур еден ден не ти пресушат како езера во жега

И не

Не мислам оти да си ја чуваш болката е храброст

Оти чоек треба да вика

Ама до небо да се слуша ко не му е арно

Да се изнавика и изнапцуе

И ништо во себе да не држи

Да плукне и на силата

Да плукне на божемното достоинство

Врескај!

Врескај колку гласот те држи

Дур не ти попукаат гласните жици

Дур не засипниш та до деној после збор да не прогоориш

Ама врескај ко мака ти е

Ко те боли душата

Ко ти крвари срцето небаре некој за вечера ти го спрема

Та со ножот парче по парче откинува за да го зготви на пареа

Викај чоек!

Викај толку силно шо ќе се вџашат комшиите

И ич гајле да не бериш

Тие и онака те озборуваат за нешто

Викај за да не ти се наталожи пелин во тебе

За да не изрти во болест

Да не ти метастазира до умот

Да не биди после оти “арен беше, ама ете така си отиде”

Оти најбрзо си одат тие кои молчат

И кои тагата во себе ја чуваат

Во срцето

Во душата

Во телото

Во тој музеј на тага

За Женски магазин, Ана Бунтеска

Фото: Бојан Стоилковски и приватна архива