“ТАА” не е подобра од тебе!

Нема жена која не била изневерена или оставена барем еднаш во животот. Нема ниту една од нас која не ја почувствувала горчината на прељубата или заминувањето на саканиот. Тие што имале среќа го минале тоа еднаш или двапати максимум, иако тврдам дека сеедно дали било еднаш или 5-6 пати, таа болка или чувството на пораз (за кое ќе зборуваме подолу дека е нереално) не се намалува и не, не се навикнува човек на тоа. Нема универзален лек, иако првичниот шок е горе-долу кај сите нас ист. Но, она кое треба да го знаете е следново: ТАА не е подобра од било која од вас/нас, затоа што тука нема ривалство какво што го бараме за да си ја објасниме ситуацијата во која сме се нашле.

Ок, ајде отпочеток. Функционирате сами, вака-така сте си го наредиле животот онака како што вам ви чини. И добро ви е, не дека можете да си го ставите секојдневието во жанрот авантура, ама па среќа не е хорор или трилер. И како што тоа секогаш бива, кога најмногу свикнувате да сте сами со себе и да ги подредите сите нешта според вашиот распоред, ви се случува љубов. Бам-бам, непоканета, непосакувана, малку ненадејна и непријатна оти ве начекува неспремни. Не е тоа како кога сте биле млади и зелени, па сте излегувале со ниет да најдете дечко. Не, ова ви е како кога од грмушка ќе ви излезе некое животно....на пример, срна и не знаете дал да припаѓате од уплав или да се восхитувате колку е убава. И така, љубов со големо Љ, каква што одамна не сте почувствувале или сте заборавиле како е да се осети. Љубов каква што читате по песни и книги, гледате во оние романтични комедии (за кои тврдам дека се намерно правени за да ги збрлават и збунат жените, оти такво нешто во реалноста НЕ ПОСТОИ) или слушате на песни.

Јас сум жив уплав кога ми се случува љубов, можеби затоа што и премногу ретко ми се случувала. Не уживам и не сум опуштена, седам на штрек и сум една од оние кои премногу анализираат и секогаш имаат црно сценарио како прва опција. До толку не уживам во процесот на брусење табиети, што кога го прочитав она “ако може некој да ми ја почне врската, а јас само да ја продолжам” ми беше како создадено за мене. После сум ок, ама првично знам да бидам неподнослива. Ако е вака, зошто е вака а ако е така, зошто е така. Умот ми работи без престан и да, напорна сум и за себе и за другиот. Со време се опуштам и почнувам да функционирам сосем нормално, да не речам, дури и сум со надеж дека ќе биде љубов која ќе трае и остане. Тие два пати кога бев таков оптимист, си заработив тахикардија и општ колапс на системот. Нејсе, два пати сум била изневерена и оставена...не од ист човек (сепак, ми иде ум).

Првиот пат беше на младост и нема баш да се навраќам толку наназад, иако многу патев и многу ми беше тешко. Тогаш си ветив дека нема никогаш повеќе да дозволам да бидам во таква состојба и тоа ме држеше долго. Во меѓувреме се омажив, родив, се разведов и бев спокојна. Вториот пат ме начека понеспремна од првиот, оти нели, веќе бев возрасна (да не речам, жена во години) и не очекував дека ќе се лизнам на истиот мраз. Е да, годините врват ама она што не сме го научиле кога требало, ќе си го повториме малку подоцна. Вториот пат бев извозена од професионален манипулатор. Дали е виновен? Ич! И не се зезам, тој беше таков каков што беше....туку кај ми беа мене очите и сите сетила кога ги гледав знаците. Ме остави за друга жена. Не генерализирам (или барем се обидувам да не генерализирам), но ми се чини дека секогаш мажите оставаат жени за други жени, додека жените оставаат тогаш кога се длабоко несреќни, без притоа да имаат некого во резерва. Ова го имам долго време вртено низ глава, заедно со мал милион примери околу себе кои ми потврдиле дека во над 70% случаи било така.

Значи, ме остави за друга жена...која во случајов ич немав ниту потреба ниту желба да откријам која е (како што тоа беше првиот пат) и дали е помлада или поубава од мене (не дека нешто ќе смени во фактот дека сум била изневерена). Интересно е дека кога сме изневерени, секогаш сакаме да знаеме дали ТАА која ја доживуваме како најголемо зло (а не дека ни е ТАА виновна за нешто) отскокнува во нешто и е подобра од нас во било што. Читав еден психолог кој велеше дека најчесто љубовниците и “другите” жени дури и малку наликуваат на жените со кои мажот бил подолго време. Дали е така или не, не сум сигурна. Она во што сум сигурна е дека и ТАА заради која сме биле оставени, вака или онака ќе ја снајде истото. И тоа од истиот маж.

Дали желбата да ја знаеме ТАА е заради чувството на пораз? Погоре ви кажав дека тоа чувство е сосем нереално, оти во суштина, да го спознаете вистинското лице на некој е победа а не пораз. Не е до тоа дека ТАА е поубава или позгодна, посекси исто како што не е до вас дека не сте ги исполниле неговите очекувања. ТАА не е непријателот, ниту е соперничка. ТАА е само следната во низата која ќе биде за некое време на ваше место...и во неговиот живот и во патењето кога ќе се појави некоја нова ТАА. ТАА е ВИЕ, а ВИЕ сте некогаш ТАА. Баш така!

За разлика од првиот пат кога не само што дознав која е, туку и потоа знаев се’ за неа (не се гордеам со ова, ама па имав дваесет и нешто-ако е тоа воопшто оправдување) сега со прст не мрднав, ниту почувствував ронка желба или перверзна потреба да дознаам која е. Ми беше криво дека за некое време и ТАА ќе се чувствува мизерно, како мене. Да се разбереме, сега можам многу разумски и трезвено да постапувам или да се воздржам од постапување. Но, во никој случај не значи дека сум ги надминала вообичаените емоции кои напаѓаат отпосле. Ми беше стрес, шок, болка, гнев (кон него, не кон неа), па уште поголем гнев (овој пат кон себе, оти Ано кај ти беа очите и ушите), па една тага која траеше и траеше и траеше.

На крај, ми помина. Сфатив дека исто лошо ќе се чувствував и ако ТАА беше (по некакви ривалско-безвезни критериуми) во ништо поарна од мене, оти не ме погоди нејзината убавина или ум или шодае, туку неговата лага и нелојалност. Ме погоди дека изневерувањето е одземање на правото на избор да си со некого, доколку знаеш што би направил. Ме погоди сознанието дека партнерот кој требаше пред се’ да ми биде пријател, ми беше полошо од непријател.

ТАА не е поарна, ниту полоша, ниту иста како вас. Таа е едноставно новиот предизвик, како што можеби сте биле и вие претходно. Таа е од крв и месо и има чувства кон него, исто како и вие. За разлика од вас, таа ќе пати тогаш кога вие ќе сте потполни излечени.

Сега, сега ми е шубе да помислам на љубов...а уште поголемо шубе ми е што знам дека како и Животот и Смртта, така и таа знае да се поигра и да се појави токму кога не треба, како за инает.

Да сте ми живи и здрави.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

 Не ме боли што сме разделени,

ниту пак кога замислувам

како продираш во друга

и сеедно ми е што се будам сама,

не ми пречи што дланките

празни ми се дур чекорам.

Не ме боли што мирисот ти избледува,

ниту гласот твој ми недостасува,

не ми се стега утробата

од секој што наликува на тебе

и не, не ме боли

што никој не ми шепоти дека ме љуби.

Не ме боли што ме нарекуваш проклета,

ниту пак ме болат вљубени по улица,

срцето ми е мирно

дур им ги гледам бакнежите

и не забрзувам за да ги одминам.

Не ме боли што сум ти дала,

ниту ме боли што си ми зел,

не чувствувам ништо

кога твои дребулии по станов ќе најдам,

ниту кога скриена порака

од некоја книга ќе падне.

Не ме боли што ме болеше многу,

впрочем така пишано беше,

ниту телово, твоето го бара повеќе,

а и вкусот не ти го помнам веќе.

Не ме боли што сум осамена,

виното можам и сама да го пијам,

одамна танцувам

без да сум во нечија прегратка,

а неретко и сама со себе си зборувам.

Некако....ништо не ме боли,

ништо од она што бевме заедно,

од она што посакувавме,

а знаевме дека не можеме да бидеме.

Ама ме боли што ми умре љубовта,

што те отсакав ме боли,

ме боли што ми свена се’

што со тебе ми цутеше,

како дел од себе со тебе да закопав.

Ете,

тука ми е болката,

тука ми е немоќта ,

тука тагата ми преспива

што те отсакав.

И се прашувам...што сега?!

сега ширум ќе го отворам прозорецот,

некако како да чувствувам

насетувам,

надвор ми мириса на среќа!