Тања Лазаревски и Новица Василевски ја исполнија мисијата во Македонија и летнаа за Австралија
Со солзи во очите и грутка во срцето брачната музичка двојка Тања Лазаревска и Новица Василевски со двата сина, летнаа за Австралија. Тања посочува дека иако во Мелбурн изградија ново семејно гнездо и се навикнаа на тамошниот живот, разделбата со најблиските, пријателите секогаш е тешка.
- Последните денови постојано бевме на гости кај најблиските. На муабетите им нема крај.Се надеваме дека наскоро повторно ќе се видиме во нашата мила татковина и ќе се дружиме – вели таа и дополнува дека среќна е што оваа посета на Македонија била музички продуктивна.
- Ја исполнивме мисијата и на публиката ѝ подаривме две нови нумери, кои цврсто верувам дека ќе допрат до неа. Едната е „Љубов ни е име“ на авторите Сејхан Мемедов ( музика) и Горан Тодоровски (текст). Ја изведовме со Новица на „Охрид фест“ и ја освоивме новинарската награда. Таа е приказна за нашата врска и брак. „Жена хероина“ е поп фолк балада. Кога ја добив песната се воодушевив и се расплакав. Текстот на Орце Зафировски е со многу моќна порака и сигурна сум дека секоја жена ќе се пронајде во стиховите „Пуста среќа, судбина е чиста и за секој таа не е иста. Стегам срце кога не ми оди, нова надеж утре ќе се роди. Јас сум жена херина и за љубов можам сѐ да сторам, силно како лавица се борам“ – посочува Лазаревска.
За двете песни снимија и спотови на неколку локации во Охрид во „ИН ТВ“ Продукција. Брачната двојка откри дека по враќањето ги очекува набиена агенда со настапи во неколку држави каде што ќе ја промовираат македонската музика.
(С.А.Н)