Татјана Петровска: Љубовта ми се случи подоцна во животот, но во миговите кога ми беше најпотребна
Со многу љубопитност и со големо нетрпение со својот колега Орце Гелевски, чекаат да влезат во реновираното студио на МТВ и да ја започнат седмата сезона на емисијата „Фолк Џубокс“. Водителката Татјана Петровска открива дека февруари е месецот кога ќе влезат во нивниот втор дом - студиото, природната средина од која се големи зависници.
Седум години како водителски пар на „Фолк Џубокс“, а околу 20 години и како дел од други проекти, со гостите од естрадата, како едно вистинско сложно семејство ја обликуваат емисијата со содржини достоинствени на богатиот македонски фолклор. Остануваат доследни на своите правила - нема место за т.н. инстант песни со сомнителен призвук создаден под некои други влијанија, но и за вокали кои не ги задоволуваат критериумите на националниот медиум.
Секое отсуство од ангажманите во телевизија го доживувам... како нешто што едвај чекам да помине и да ме одмине што побрзо. Во мојот професионален работен век од 26 години немам ни еден ден работен стаж надвор од МТВ. Моето прво работно место, прва професионална љубов, омилена навика и насушна потреба. Неделата кога нема да влеземе во студио да снимаме емисија, секогаш ја доживувам ненадополнета, како нешто да ѝ недостасува. Цело е кога има сѐ, па така отсуството од студиските снимања, рефлекторите, камерите, телевизиската магија го прават моето функционирање половично. Отсуството од телевизиските ангажмани не го доживувам туку го преживувам.
Без оглед на тоа што посакуваат, без оглед на тоа колку далеку одат, луѓето не можат да бидат ништо друго освен себеси. Моите особини кои останаа исти сум среќна поради тоа се... искрениот пристап кон секого и антиталентот да одглумам дури и кога е потребно нешто што не го чувствувам со срцето. Чесниот пристап кон сите луѓе и добрата мисла на која ме научија родителите. Да не газам преку никого за личен интерес, за личен просперитет. Да го одбирам секогаш потешкиот пат, зашто на крајот на денот само тој носи мирен сон. Тие што ме познаваат повеќе, знаат дека тоа што ми е во мислата, тоа и ми е на јазикот, недвосмислено дали во некој момент би било подобро барем да премолчам. Можеби понекогаш баш тоа ми се удрило од глава, но после сѐ знам дека никому не сум наштетила и секого можам да го погледнам во очи. Во ниту една релација со било која личност кај мене нема пресметки и математика.
Битен елемент за целокупниот визуелен впечаток на жената е нејзината посебност, бидејќи секоја од нив има нешто свое, што ако го негува може да стане препознатлива и интересна. Посебна сум по... кога започнував со работниот век, една мисла ми стана животно мото и во професијата и во приватноста. Секоја копија е полоша од оригиналот. Сите ние имаме свој белег, свој дух и секоја извештаченост е препознатлива. Некому му се допаѓам многу, некој има индиферентно мислење, некому воопшто. Важно ми е да се претставам каква што сум, а потоа сродните луѓе се наоѓаат. Со оние другите можеме да останеме и само на учтив, културен, пристоен однос. И да не бидат само фалби. Мојата полоша страна од карактерот е избувливоста. Кога ќе се почувствувам многу повредена, ете не научив да бројам до пет. Сѐ што чувствувам од мене излегува, па макар изгубила. Професионално, еден од првите совети кои ги добив во МТВ беше, пред камера зборувај со очите, замисли си дека ги гледаш гледачите во очи. И не само што ги гледам, не само што им зборувам со очите, туку секогаш од мене кон нив е упатена првата мисла што ја имам во моментот. Без подготовки, без потсетници, листови, напишани текстови. Подготовката за темата во емисијата се случува пред да започне снимањето, после тоа е сѐ спонтано и природно. Мислам дека ова е мојата посебност во сите овие години работа пред телевизиските екрани.
Концептот на емисијата, соговорниците и популацијата на која се обраќате се еден вид и „креатори на вашиот имиџ“ пред камерите. Во мојот случај... и јас сум дел од ова поднебје, овој народ. Секоја чиста емоција длабоко ја доживувам и среќна сум кога самите за себе правиме нешто убаво. Музиката е дефинитивно најдобриот лек против тага, нелагодност, нервоза, безидејност, обесхрабреност. И сѐ друго што не посакуваме, а го добиваме понекогаш од животот. Среќна сум што можам да афирмирам музика, квалитетни пејачи и автори, песни кои носат позитивни вибрации во секој дом. Со работните задачи, емисиите поврзани со музиката јас сум своја на своето. Истото се случи и со визуелниот дел од имиџот. Отсекогаш сум сакала да носам елегантна облека, високи потпетици, фустани. Ме привлекувала убава шминка, сјај и помалку гламур. Секако дека ако водев емисија на пример со социјална тематика, сето ова ќе го оставев само за зад камерите. А, вака задоволството е мое.
Фолк музиката ја засакав... уште како дете, кога одев во Кичево кај мојата баба по мајка. Радиото Александар Македонски беше постојано пуштено, а таму и ден денес може да се слушнат македонски песни, кои се многу малку или воопшто непознати за пошироката популација. Кој е паметен од нашава естрада, добро би било малку таму да преслуша, да пребара и да препее нешто. Како новинар во забавната програма на МТВ, поминав низ разни форми на контактни емисии – семеен магазин, ноќна програма, неделно попладне, утринска и многу други, во кои беше застапена фолк музиката. Но, мојот прв настап во некогаш многу популарната емисија „Иселенички Џубокс“, значеше и љубов за цел живот и со македонската фолк музика и со македонската дијаспора. Музиката нѐ обедини, а таму слушнавме и помогнавме да се слушнат, да се решат многу човечки судбини.
Моето животно мото, со кое успевам секогаш да ја сочувам насмевката препознатлива во емисијата е... насмевказа сите, солзи за многу малку луѓе. А мојата душа само за оние кои вредат. Професионално имав среќа да имам публика што ме сака и ме почитува. Имаше и периоди кога бев тргната од екранот, а мојата публика не ме заборави. Така, уште повеќе таа моја публика ми се приближи до срцето. Најдобро што можам да им возвратам е да го почувствуваат тоа во мене дека ми се од срце драги, дека сакам да им пренесам убави чувства. Насмевката е неизбежна и најискрена. Навистина, многу си ја сакам мојата многубројна публика.
По падовите во животот успеав да се кренам... штом ќе паднеш, мора и да станеш. И да не знаеш точно како, Бог дава некоја сила и патоказ. Ниту еден човечки живот не е составен само од убави случувања, па ни мојот. Имав и приватни, а истовремено и професионални премрежија. Имало и солзи, но и немоќ. Денови кога сум се чувствувала беспомошно, злоупотребено. Првото нешто кое треба да се исфрли во такви моменти, за да почне станувањето, е желбата за одмазда. Сега, после сѐ, знам дека во такви животни периоди треба да работиме на сопствената рамнодушност. Кога ќе дојдеме до таа фаза, работите сами почнуваат да се решаваат.
Најсреќна сум кога... се среќни луѓето што ги сакам. Не им недостасува ништо неопходно, не ги боли ништо, немаат проблеми што ги оптоваруваат. Уште повеќе, кога ќе направам нешто со кое ќе ги израдувам, пријатно ќе ги изненадам. Среќна сум и кога имаме колективна радост, а тоа е најчесто некое спортско случување или национален успех. Среќна ме прават многу обични нешта. А најсреќна, кога сите свои сме си на број.
Љубовта е работа на чувството, а не на волјата. А мојата љубов се случи... малку задоцнето во животот, но Господ ете имал таков план. Можеби се случи кога ми беше најпотребна. Кога ќе пронајдеш во партнерот свет сличен на твојот, тогаш започнува магијата. Кога од првата мисла, од првиот поглед знаете дека не можете и не сакате еден без друг понатаму. Еве, веќе петта година сме заедно со мојот партнер, некогашниот фудбалски репрезентативец Љупчо Марковски – Калц. Години исполнети со најубавите денови во мојот живот.
Живеам со маж кој за мене е... гордост. Првата мисла во набројувањето што Љупчо предизвикува кај мене беше гордост. Стабилен, правичен, чесен и што е најважно, мое мирно пристаниште. Уште од првиот ден, кај него немаше изговори, калкулации, договарања. Сѐ што требаше, направи веднаш. Со него сум спокојна и се чувствувам среќна и сакана. Горда сум и на неговите професионални способности, сега веќе како фудбалски тренер. Еден од ретките кој умее да го пронајде максимумот на теренот. Еден од многу ретките кај кој нема привилегии, подмитувања, матни игри, политички влијанија. Еден од ретките кој се базира само на својата способност, неуморна работа и искрен критериум.
Особини со кои најмногу ме привлече... искреноста, посветеноста, вниманието што ми го даде. И тој како мене е многу отворен и директен во комуникацијата со луѓето, па можеби затоа и се разбираме. Едноставно, чувството дека сме создадени еден за друг.
Односот со синот почива на... чиста родителска љубов. Неговата среќа е гарант за мојата. Среќна сум што е добар професор по шпански јазик во приватно училиште. Што има одличен однос со повозрасните слушатели и прекрасен однос со помалите, со дечињата. Доволно ми е што знам дека воспитав културно и чесно и правично дете. Отворени сме еден кон друг, имаме родителско другарски однос. Веќе е возрасен и се трудам секогаш да верувам дека одлуките што ги носи се добри.
Мојот најголем успех е... тоа што забележувам дека има многу повеќе луѓе што ме почитуваат и сакаат, од оние другите. Тоа што знам дека не постои човек кого намерно сум го повредила или не дај Боже сум му наштетила. Дури ни оние кои го направиле тоа со мене. Секако, што имам покрај себе добро воспитан син и партнер кој е вистинска среќа во животот.
Соња Алексоска Неделковска