„Татко ми секогаш ќе го паметам полн со живот, за жал живееше кратко, но остави премногу зад себе, ги препознаваше вистинските вредности на животот“: Интервју со Нина Маџиров
Нина Маџиров, инспиративна уметница – актерка и продуцент, десет години живее и твори во Лос Анџелес, каде го живее актерскиот сон. Отсекогаш ја привлекувал Холивуд и филмската уметност, па така се запишала на студии за актерска игра на Њујоршката филмска академија во Лос Анџелес.
Секогаш во портфолиото ќе биде подвлечено нејзиното потекло, дека е Македонка и горда ќерка на виртуозот и музички амбасадорот Зоран Маџиров, кој на светската јавност ѝ беше познат како „Ботлмен“ – човекот кој свири на шишиња.
Во негова чест Нина режираше краткометражен филм, каде ги „истури“ сите емоции и сеќавања за нејзиниот татко. „Стакло“ македонската премиера ја имаше во 2019 година на „Синедејс“, а беше прикажан на 23 фестивали, а помеѓу значајните награди кои ги освои се најдобра актерка, режија, оригинална приказна.
За Женски
магазин одблизу со Нина Маџиров …
- Живеам во Лос Анџелес веќе десет години. Од Македонија најмногу ми недостасува фамилијата, топлината, културата и љубовта на Македонскиот народ, и се разбира јадењето.
Од кога памети за себе ја сакала филмската уметност, па затоа не е ни случајно што се одлучила нејзината професионална определба да биде актерството и режијата.
- Мојата актерска приказна беше започната од кога паметам за самата себеси. Се сеќавам на мој неполни 2-3 години гледајќи го Волшебникот од Оз (Џуди Гарланд) и сонувајќи дека и јас како Џуди еден ден ќе бидам дел од легендарна филмска продукција.
Потекнува од семејство во кое уметноста е еден вид религија. Нејзиниот татко Зоран Маџиров беше одличен перкусионист кој свиреше на шишиња, додека нејзиниот чичко, Игор извонреден актер. Па така само по себе се наметнало и таа да се занимава со она што е денес.
- И до ден денес уметноста на мојата фамилија има влијание над мене. Слушајќи ја музиката на татко ми и гледајќи ги филмовите на чичко ми (Пред Дождот, Во Светот на Бајките), јас сè уште учам како да сум уметник како нив двајцата. Мислам дека отсекогаш сум знаела дека сум актерка и никогаш немало „ПЛАН Б“ за мене. Имав голема среќа што се родив во семејство кое ме охрабруваше секогаш да ги бркам моите соништа.
Како мала бунтовник, а музиката ја обожувала. Посебно клавирот кој во тој период и бил омилен.
- Татко ми секогаш ми кажуваше дека од мала сум била залепена до клавирот. И до ден денес се сеќавам свирејќи разни ноти и потоа викајќи по сите како таа е мојата композиција. Музиката секогаш била дел од мене. За тинејџерка и самата може да ви кажам дека бев малце бунтовнички настроена. Се сеќавам дека бев опседната со филмови и серии, па и така се роди љубовта спрема Холивуд и филмската индустрија. До ден денес мајка ми, брат ми се смеат дека со саати без престан може да изгледам безброј епизоди на серија во краток рок.
Нејзиниот татко Зоран Маџиров, извонреден уметник почина во 2017 година во сообраќајна несреќа. Во моменти на тага и гнев, Нина го создавала „Стакло“. Филм кој е синтеза на од емоции преточени во уметност. „Стакло“ беше филм кој го посвети на нејзиниот татко. Беше претставен на многу филмски фестивали и освои голем број награди. Нина се потпишува како сценарист на филмот, а воедно се глуми себе си во филмот.
- „Стакло“ за мене беше еден вид како катарза. Чувствувајќи огромна количина на тага, седум месеци после сообраќајката, сакав таа тага да ја претворам во уметност и да ја инспирирам публиката. Никогаш нема да заборавам додека ја снимав последната сцена каде што ја свирам „Moonlight“ Бетовен на шишињата, како да знаев и почувствував дека тој е до мене.
„Земи го своето скршено срце и претвори го во уметност“, успеа ли овие изминати години без твојот татко да го оствариш ова со кое ја започна интимната приказна?
- Цел живот сум сакала да го направам мојот татко горд на мене. И додека беше жив цело време потенцираше дека е многу горд на мене и брат ми Љубен. Но, најдоброто допрва доаѓа така да се надевам дека еден ден, барем и во сонот, ќе го слушнам неговиот глас и ќе ми каже дека е сè уште горд на мене.
Споменот на нејзиниот татко го чува љубоморно, не дозволува времето да ги избледи сите сеќавањата кои и се поврзани со него, но и животни лекции за кои ден денес му е благодарна.
- Татко ми секогаш ќе го паметам полн со живот. За жал живееше кратко, но остави премногу зад себе. Тој ги препознаваше вистинските вредности на животот, и беше исполнет со многу радости, љубов, уметности, смеја до солзи, патувања. Засекогаш ќе му бидам благодарна за сè што ме научи.
Нина во моментов е дел од „СК Менаџмент“ компанија која стои зад успешни актери кои се оствариле во познати филмови и серии.
- Тие ме претставуваат како актерка во Лондон и САД. Засекогаш ќе и бидам благодарна на мојата прекрасна менаџерка Шарон Кинг, што често ме праќа на големи аудиции. Штотуку потпишав со агенција во Белград „Slavic Artists Management“. Они се голема и успешна агенција коишто претставуваат успешни актери на Балканот и Европа. И исто така сум и благодарна на мојата агентка Мина Стојадиновиќ што верува во мене.
Нина имаше можност да учествува на аудиција за актер за Нетфликс и HBO. Процесот на целата постапка бара навистина многу труд. Надежта дека еден ден ќе бидеш на големото филмско платно во некој филмски блогбастер е присутна, исто како и желбата, но како што вели Нина „филмската индустрија е полна со луѓе кои ти велат, не“.
- Обично добивам кастинг, сценарио, синопсис на ликот. Потоа, имам 24-48 саати да го запаметам сценариото (најчесто мора да спремам две до три сцени, зависи до проектот и ликот). И потоа забавата почнува со творештвото на ликот. Кога знам дека конечно сум го создала ликот, ја снимам сцената. Откако ќе завршам, го ставам сценарио во шкафот и се обидувам да заборавам на аудицијата. Филмската индустрија е полна со луѓе кои ти велат не, така да научив да не размислувам нонстоп на која аудиција ја немам добиено, туку да се спремам и бидам подобра за следната аудиција. Понекогаш работите се случуваат со причина и знам дека мојата улога којашто треба да ја играм ќе се појави.
Горда е на тоа што го постигнала досега и како сценарист, продуцент и како актерка, но краткометражниот филм „Стакло“ е нешто посебно за неа.
- Дефинитивно „Стакло“, секогаш ќе има посебно место во моето срце. Исто така сега започнав продукција на мојот втор краткометражен филм „The Laundromat“ (Пералната). Се работи за два лика „Ром“ и „Џули“ што се запознаваат и заљубуваат во перална за алишта во Холивуд. Јас сум сценарист, продуцент и ќе ја играм Џули.
За животот во Лос Анџелес ќе каже дека е прекрасен, бидејќи таму живее десет години, веќе го доживува како нејзин втор дом.
- „Градот на Ангелите“ за мене е прекрасен, живеам блиску до „Warner Brothers“ i „Universal Studios“. Секогаш навечер кога поминувам од таму, чувствувам некој вид на надеж дека и јас еден ден ќе снимам таму. Лос Анџелес го доживувам како вид дом, но како што велат во Волшебникот од Оз-„Нема место Како Дома“, а Македонија секогаш ќе биде дома за мене.
Габриела Додевска Глигоровска