Техничкиот проблем не можеме да го санираме со сопствени сили: Драмски театар со соопштение по протекувањето на покривот
Драмскиот театар ги откажа вечерашната и претстојните претстави, поради протекување на покривот. Од „Драмски“ објавија соопштение на Фејсбук страницата, каде што посочија дека ќе направат сè што е во нивна моќ за побрзо да се санира штетата.
Во продолжение ви го пренесуваме целото соопштение:
„Ви соопштуваме дека вечерашната претстава „Мојот маж“ се откажува. Поради протекувањето на кровот над сцената и проток на вода во близина на струјните кола кои се наоѓаат во овој дел од театарот проценивме дека е небезбедно да не се изведуваат претстави додека истото не се санира. Водата може да предизвика сериозни проблеми, пожар, струен удар и слично, за што мора да консултираме експерти кои би дале дозвола за понатамошна работа.
И покрај нашите планови да ги вратиме на репертоарот претставите кои не беа изведувани поради кризата со пандемијата, и навистина големиот напор на актерите и вработените во Драмски театар во многу кратки рокови да ги вратат претставите на сцената, за жал техничкиот проблем не можеме да го санираме со сопствени сили. Се надеваме дека ова во еден догледен рок ќе се санира и ќе можеме да продолжиме со нашите предвидени активности.“ - стоеше во Фејсбук објавата на Драмскиот театар.