Сите ние сме создадени за големи работи: Интервју со Коста Петров
Неговото прво печатено дело „Се гледаме на врвот“ сѐ уште е најпродаваната книга од македонски автор во земјава. Тој е ко-основач и директор на креативната агенција „Пи Ворлд“ која за осум години постигна импресивни резултати. Работи на четири континенти, a при крајот на минатата година со неговиот тим го организираше првиот настан во Јужна Кореја. Коста Петров е и ко-автор на стиховите на евровизиската Proud со која Тамара Тодевска по шест години ѝ донесе евровизиско финале на нашата земја. Секогаш искрен соговорник, Петров во јануари годинава за Женски Магазин зборуваше за неговиот пат до успехот, но и за стравот и депресијата кои му помогнаа да стане подобар човек.
* Кога ќе направите една рекапитулација на Вашиот професионален пат, кој ивент за Вас лично бил најголем предизвик? Кога Ви било најтешко?
- Во овие осум години колку што постои „Пи Ворлд“, сме организирале над 200 настани во 40 различни земји низ светот. Од нашите скромни почетоци тука на Балканот, до нашите први настани во Северна Америка, секој настан со себе носел одредени тешкотии, предизвици, по неколку нервни сломови и финансиски загуби, но и многу позитивни искуства и лекции кои ни помогнале да бидеме тоа што сме денес. Меѓутоа, постои еден настан што некако за првпат ме мотивира вистински да ја согледам големината на работите што ги правиме а тоа е нашиот прв настан во Техран пред три години. До тој момент, на ниедна глобална компанија не и беше дозволено да организира интернационален настан во Иран од Исламската револуција во 1979 година. Ни беа потребни две години нашиот сон да го направиме наша реалност. Се соочивме со милион предизвици, религиозни правила што дотогаш не ни беа познати, со закони кои не постојат во ниедна друга земја, но на крај нашиот сон стана наша реалност. Никогаш нема да го заборавам денот кога ѝ се обратив на публиката на првиот глобален маркетиншки настан во Иран во Шахид Бехешти Универзитетот во Техран. Се сеќавам дека во еден момент се свртев, си реков во себе – wow, ние ова го направивме. Компанија од Македонија го организира првиот глобален маркетишки настан во Иран. Тоа што не им успеа на десетици други агенции, ни успеа токму нам. И ден денес, кога се соочувам со некој предизвик, си велам самиот на себе, ајде, крени се, организираше настан во Иран, ќе го направиш и ова!
„Настан што некако за првпат ме мотивира вистински да ја согледам големината на работите што ги правиме е оној во Техран пред три години“* Со кои стереотипи и предрасуди
најмногу се соочувавте низ годините додека ја градевте кариерата?
- Сиот мој живот сум се соочувал и се соочувам со стереотипи, но како што стареам престанав да трошам енергија на вакви работи. Се сеќавам на 11 години кога се преселив од Гостивар во Скопје, сите ми се смееја што зборував со гостиварски акцент. На факултет во Прага, од другите колеги секогаш бевме гледани како некоја дива банда од Македонија. Кога се преселив во Дубаи, во компанијата во која работев повеќето беа Британци и секогаш нив им беа давани најголемите проекти. Кога ја отворивме „Пи Ворлд“, никој не веруваше дека компанија од Македонија организира такви настани низ светот. Дури и ден денес, има луѓе кои не веруваат дека нашата компанија навистина постои. Не можат да поверуваат дека компанија од Македонија може да работи во 40 земји и да организира настани на четири континенти.
Како што одминуваат годините научив дека моја должност не е да објаснувам некому што сум, кој сум и од каде сум. Моја должност е да го давам максимумот во сѐ што правам, а резултатите секогаш говорат самите за себе. Најчесто, оние што најмалку верувале во тебе, со тек на време стануваат твоите најголеми поддржувачи.
* Со години сте најпродаваниот македонски автор. Вашите книги како инспиративни водичи за лична промена претпоставувам дека охрабриле многу луѓе да ја погледнат другата страна од проблемот каде најчесто и се наоѓа решението. Сте имале ли со некои од нив директна комуникација, кои се најголемите туѓи стравови што сте ги слушнале?
- Ни во моите најлуди соништа не верував дека моите книги ќе доживеат таков успех. Да продадеш над 35.000 примероци во земја во која многу малку се чита е навистина голема работа и нешто на што навистина сум горд. Силно верувам дека секој од нас има должност да го сподели наученото бидејќи нашите приказни имаат моќ да ги променат животите на луѓето околу нас. Се сеќавам на мојот прв разговор со мојот издавач. Му се допаѓаше приказната во „Се гледаме на врвот“, но не веруваше дека многумина ќе ја купат книгата. Денес, „Се гледаме на врвот“ е продадена во над 13.000 примероци и е најпродаваната книга од македонски автор во земјава. И токму тоа им го велам на сите што секојдневно ми пишуваат - не дозволувај мислењата на другите да те дефинираат. Ти чекориш на својот пат и ако силно веруваш во себе, ако си подготвен да продолжиш да веруваш во себе и тогаш кога сиот свет е против тебе, тогаш нема шанси твојата цел да не биде твоја реалност.
Секогаш наоѓам време да им одговрам на моите читатели бидејќи сите ние поминуваме низ истите проблеми и предизвици. Секогаш имаме луѓе околу себе кога ни се случуваат убави работи, но кога треба да споделиме наш страв или проблем, кругот на луѓе околу нас се намалува.
Она што сите ние треба да го сфатиме е дека не постои инстантно решение за нашите проблеми. Сѐ е процес и некогаш тој процес е болен, многу болен. Но важно е да го започнеме процесот. Важно е да ги согледаме работите такви какви што навистина се, а не така како што нашето его ги презентира. Сите ние сме создадени за големи работи, но за да стигнеме до нив најпрвин треба да погледнеме во нашето ѓубре.
И да, важно е да ги имаш вистинските луѓе околу себе, и важно е да имаш кому да се довериш и со кого да разговараш за твоите проблеми, но треба и да сфатиме дека битките за големите работи во нашиот живот ги водиме сами. Никој, никогаш не може да биде во наша кожа ниту да ги почувстува работите така како што ние ги чувствуваме.
Мојот учител кој ми помогна да ги совладам некои од најголемите животни предизвици, кога и и да го прашав нешто поврзано со некој проблем, ми велеше: „Ако јас го имав истиот проблем и дојдев до тебе со ова прашање, што ќе ми одговореше?“
„Секогаш наоѓам време да им одговрам на моите читатели бидејќи сите ние поминуваме низ истите проблеми и предизвици“
* Големите промени во нашиот живот се случуваат кога сè почнува околу нас да се руши. Вие ја добивте битката со стравот, анксиозноста, депресијата и преку јавно соголување на таа Ваша мрачна животна фаза успеавте да стигнете до врвот. Која е најлошата работа што Ви се случила, од кои животни премрежја сте ги извлекле најголемите поуки?
- Темната страна секогаш ќе биде дел од нас. Не верувам дека некој може целосно да го победи стравот. Фокусот е најважен. Секојдневно си го поставувам ова прашање: „Дали ќе се фокусираш на проблемот или ќе се фокусираш на лекцијата и ќе продолжиш да чекориш?“ И ден денес, првото нешто што го слушам во мојата глава е малиот глас кој ми вели дека не сум доволно добар, дека денот ќе ми биде исполнет со проблеми, дека јас сум создаден само за неуспех. Јас сум секој ден на работ да паднам во депресија и да се удавам во проблемите што самиот ги креирам во мојата глава, и секој ден, одново одлучувам да не го направам тоа. И ова не е лесна битка зошто многу полесно е да седиш и да се сожалуваш себеси, но знам дека јас не сум создаден за таков живот, знам дека сум создаден да го живеам животот до максимумот. Мислам дека и стравот и депресијата веќе го знаат тоа.
* Како Вие ја дефинирате среќата? Што значи за Вас живот без ограничувања?
- Среќата ја има во изоболие во животите на секој од нас, но не е таква каква што ние ја замислуваме. Најчесто среќата за нас е фикс што трае неколку секунди. Како некоја работа што очајно ја сакаме и во моментот кога ќе ја добиеме губиме интерес и почнуваме да се фокусираме на нешто друго. За мене среќата е можноста да се радувам на тешките моменти во мојот живот бидејќи знам дека тие ќе ме однесат на вистинскиот пат. Како настанот ви Иран за кој никој не веруваше дека ќе се случи. И во моментот кога се случи, почувствував што навистина значи да се радуваш на предизвиците. За мене среќа е и сите падови што сум ги доживеал и јас и моето семејство и сите благодети што сите тие падови ги донеле во нашите животи. Животот навистина нема граници. Границите ние сами ги поставуваме и ние сами можеме да ги срушиме.
* Во една прилика изјавивте дека еден од омилените настани на кои сте работеле е оној во просториите на престижниот Вог. Како одблиску ја доживеавте целата фама која со децении се создава за највлијателното модно списание на светот? Што најмногу Ве фасцинираше?
- Нашиот прв настан во Њујорк во јуни 2017 година е вториот најзначаен бизнис момент во мојот живот. Има нешто во тој Њујорк што го нема во ниеден друг град. Баш како што вели Френк Синатра - ако успееш тука, си успеал секаде.
Настанот во Њујорк беше голем тест за нашата компанија бидејќи до 2017 година органзиравме настани само во земји во развој. Поради падот на цената на нафтата и поради ред други предизвици кои што се случуваа во земјите во кои бевме позиционирани, немавме друга опција освен да започнеме да правиме настани и во Северна Америка. И се разбира, како компанија што секогаш го одбира најтешкиот пат, го избравме центарот на светот како почеток на нашата експанзија во Северна Америка. Во Њујорк не се соочивме со предизвици од типот на тие во Иран, но имаше моменти кога си помислив дека можеби ова е преголем залак за нас. Сепак во Њујорк се случуваат најголемите настани во светот и е местото каде што се создаваат речиси сите светски трендови. Знаевме дека мора да го дадеме максимумот иако тоа значеше и влегување во ризик што можеше да значи и крај на нашата компанија. Но, како и секогаш, ризикот се исплатеше. Не само финансискии туку и чувството дека организираш настан на можеби најпрестижната локација во светот. И знаеш што? Уште од првиот момент кога стапнав во просториите на Conde Nast, имав чувство како да сум чекорел таму и претходно. Во ниеден момент не почувствував дека не припаѓам таму. И тука всушност научив една огромна лекција! Кога успехот си го заработил чесно, кога си свесен на сите жртви што си ги направил, кога знаеш колку си инвестирал во него, никој и ништо не може да те направи дека не си вреден за него! Јас и моите колеги знаевме и ден денес знаеме дека ние заслуживме да сме таму и токму поради таа наша луда верба завршивме таму! Она што на моменти изгледаше како крај на нашата приказна, всушност беше започнување на една нова приказна. И тоа беше наша приказна. Заслужено!
Со сопругата и ќерката во Исланд
* Тетовирањето не е само цртеж на
кожата, туку живот. Без разлика дали трајното нанесување на мастила симболизира
бунтовност, специфичен начин на изразување или уметност, секогаш најважна е
приказната. Која е Вашата приказна?
- Мојата прва тетоважа ја направив пред 10 години. Веќе не бројам колку тетоважи имам, но секоја од нив има посебно значење во мојот живот. Најомилена ми е тетоважата што всушност ми ја нацрта ќерка ми. Пред три години таа ми нацрта срце и пеперутка на десната рака и тоа го истетовирав и кога и да погледнам во неа, ја чувствувам незјината љубов, гордост но и благодарноста што постоји во мојот живот. Таа е всушност најголемата среќа во мојот живот.
„Најомилена ми е тетоважата што всушност ми ја нацрта ќерка ми“
* Каде ја насочувате енергијата кога не сте фокусирани на работата? Како се релаксирате? Што Ве опушта?
- Не сум тип на човек што бега од реалноста за да се опушти или релаксира. Јас навистина уживам во мојата работа и таа е дел од мене. Работиме на четири континенти во различни временски зони и наместо да се жалам се радувам на фактот што сме успеале да го постигнеме тоа. Не се трудам веќе да го барам балансот во мојот живот. Го давам максимумот во секоја ситуација. Кога сум со семејството тие се мој главен фокус, кога треба да се работи се работи. Обожавам да чистам биографии и автобиографии а во последно време се навлеков и на „Игра на тронови“. Ако ти се верува дури пред една недела започнав да ја гледам серијата. Одбивав 5 години да го направам тоа и дури сега сфаќам зошто серијата има толку многу фанови.
Ѓорге Стојанов