ТЕСНА КОЖА

Добивај вести на Viber

Страшен хедонист сум. Цел живот реагирам на мирис и вкус. Зависна сум. Десет години користев еден ист парфем, после него веќе шеста година користам друг. Кога патувам го пробувам секогаш специјалитетот на градот или земјата во која што сум. Верувам во моќта на виното во комбинација со зреена пршута и старо сирење стоено во соба со рузмарин. И верувам во чиста емоција, понесена од страст, моментални реакции со долготрајни последици и мали секојдневни моменти заради кои ја паметиш среќата.

Јас сум Ивана Кнез, и ова го правам за вас. Не сум писател, не сум колумнист, само ќе бидам искрена за личното искуство кое ме однесе на многу неочекувани патувања со уште понеочекувани дејствија и безброј емоции.

Од кога се паметам јас имам вишок килограми. Хедонизмот има цена, најчесто се таложи во делот околу стомакот, или на страничниот дел од задникот. Ја немам таа среќа да јадам што сакам и тоа да не се забележува, и воздухот што го дишам ми прави стрии и целулит, водата директно во бутина ми оди.

Имав бурна младост, сo сите пороци и непреспиени ноќи. Мојата малку поинаква од Скопската, се оформив како личност во Белград, поминав безброј визуелни трансформации, најмногу заради студиите на применета уметност, многу долго време го барав својот визуелен идентитет. Во сите тие варијации, тежинската разлика беше катастрофална, знаев да бидам конфекциски 38 и 44. Мислам дека го достигнав врвот кога веќе конфекциски 44 почна да ми биде тесен. Да сме на чисто, станува збор за нормална 44 не кинеската, значи мислам на онаа 44 каде задницата по старски ти е два листа на Нова Македонија расклопени, како што љуби да објасни баба ми.

Во цел тој процес на телесна преобразба, и потрага по стилски печат, не си оставив простор да не се сакам. Баш напротив, никогаш не сум имала негативен однос кон себе, никогаш не ми било проблем да го добијам тоа што го сакам кај спротивниот пол. И ова го напоменувам бидејќи голем дел од нас за жал, формата на телото ја преведуваат во имам или немам дечко заради тоа. И во целиот тој временски период не забележав дека на плажа носам само едноделни костими за капење, обавезно се покривам со пешкир кога ќе излезам од вода, никако не носам тесни маички кои ја отцртуваат силуетата, не можам да си најдам фармерки кои ме собираат, туку ги шијам… И уште мал мој број на ситници, кои попатно не им давав на значај, но ги правев. Јас сум градба на Јаболко, што би рекле моиве стручни лица од модниов свет, сѐ што ми е одвишок најпрво ми се таложи во делот околу стомакот. Кога ќе почне да оди во бутовите, во рацете, образите, значи нешто сериозно не е во ред. Па така, кога во еден момент се погледнуваш во огледало, и сфаќаш дека сукњата која си ја шиела лани и е конфекциски 42 не стига ни до половина бутина тегнејќи ја нагоре, се решаваш да застанеш на вага.

Тука е тој момент на соочување со реалноста која ние хедонистите сериозно го избегнуваме. Се сеќавам точно на емоцијата во оној момент кога ја погледнав бројката на вагата. Бев на пат, и на една од оние хотелските ваги кои секогаш ги игнорираме до бескрај, застанав за да дознаам што правам со себе си.

92 килограми. Поздрав.

Шлог ме мавна. Никогаш предходно се немав качено на вага, освен веројатно на некој систематски како дете, што и баш не се важи. Едно пет пати се качив и се симнав за да се уверам дали е тоа тоа, дека можеби вагата е расипана нели, или бањарката тежи или немам појма, полна месечина е па затоа. Не бе, 92 беа. Таа бројка ја видов прв пат на 22.10.2016, во Кина, на другиот крај на светот.

Таа бројка ми го промени цел живот.

Јас сум Ивана Кнез, а ова е моето искуство, кое се надевам ќе ви отвори врата за позитивна енергија и промени.

Се читаме следната недела.