ТИЈАНА ПОДГОТВУВА ТВ-ШОУ: Нема да ја запоставам музиката, ќе снимам и нова серија

Добивај вести на Viber

Во Скопје морам да бидам присутна барем десет дена во месецот, но добро ќе се организирам за да не трпат другите обврски, вели Дапчевиќ која е дел од уредничкиот тим на новата интернет телевизија „1TV

Тијана Дапчевиќ е дел од уредничкиот тим на новата интернет телевизија„1TV“ која на 29 март ќе почне со работа. Популарната пејачка и актерка потпиша договор со „БМЈ Медиа Груп“ и со свој авторски проект се враќа на водителството по подолга пауза. Ја контактиравме на Копаоник каде ги полни батериите пред официјалниот старт на медиумот во кој, како што вели, се вклучени здрави и објективни луѓе со кои ѝ е чест да соработува. 

- Не станува збор за класично ток-шоу. Концептот е три реда музика, еден ред муабет. Ќе бидат опфатени сите сфери од јавниот живот. Мои соговорници ќе бидат и ѕвезди од регионот. Имам искуство во оваа работа, така и заминав во Србија пред 18 години, како водител на „Бест рекордс“, продукција која беше пионер на таквите шоу-програми. Под капата на „БМЈ Медиа Груп“ ќе се снима и серија во која исто така ќе бидам вклучена – открива Дапчевиќ.

Овој ангажман на Тијана која пред речиси две децении се пресели во Србија подразбира и подолго отсуство од семејниот дом, но нагласува дека зачестените обврски во родното Скопје не ѝ го нарушуваат приватниот живот.

- Во Скопје морам да бидам присутна барем десет дена во месецот, но добро ќе се организирам за да не трпат другите обврски – објаснува таа.

На шега вели дека сега мора да го оправда признанието „Најдобар мултимедијален уметник“ кое неодамна ѝ беше врачено на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“.

Дапчевиќ нема да ја запостави музичката кариера и наскоро ќе влезе во студио. Синглот е дело на Душан Алагиќ, композитор, аранжер и инструменталист кој ги потпиша првите хитови на Саша Ковачевиќ, а негови соработници биле и Владо Георгиев и Гоца Тржан.

- Дефинитивно ќе снимам и македонска верзија на песната – порачува популарната пејачка.

За Женски Магазин, Ѓорге Стојанов