Тимчо Муцунски: Кога бев мал секогаш пишував писма до Дедо Мраз, а тој ми возвраќаше – за креативноста на одговорите и желбите беа задолжени моите родители

Добивај вести на Viber

Прославил многу новогодишни забави кои биле интересни, со многу дружење и детски лудории. Но, за Тимчо Муцунски, градоначалникот на скопската општина Аеродром, највозбудлив е масовниот пречек на Нова година на Тајмс Сквер во Њујорк, во присуство на илјадници луѓе од цел свет.

Детството и средношколските денови ги поминал во Америка и во Канада.Иако секогаш максимално бил посветен на учењето, подеднакво бил успешен и во воншколските активности.

Активен бил во повеќе спортови, а омилен му бил бејсболот. Десет години тренирал карате и има кафеав појас во дисциплината шотокан. Во основно и средно  бил дел од училишниот оркестар, свирел на кларинет и виолончело. Како претставник на  основото училиште во Њујорк учествувал и освојувал бројни награди и признанија на детските натпревари по говорништво (story-telling). Муцунски остава впечаток на учтива, мирна и сталожена личност. Вели дека бил мирен, коректен и многу комуникативен уште од најраното детство. Средината во која живеел и родителите се многу важен дел од неговото воспитување, градење на карактер, стекнување на нови знаења, искуства и способности. 

Погледот на Новата година честопати е еуфоричен и позитивен. Надежта дека од 1 јануари сé ќе биде подобро е длабоко вкоренета во нас. Кои промени ги посакувате за ваше добро, што посакувате да се смени на подобро за вашите граѓани?

- Пред сè би сакал да ви се заблагодарам за вашата покана да зборуваме во едно поопуштено издание за годината која веќе е на прагот.

Живеејќи заедно со пандемијата Ковид-19 и оваа година, сите едвај чекаме да дојде Новата година кон која гледаме со оптимизам и верување дека конечно ќе и ставиме крај на „новата нормалност“. Токму затоа со доаѓањето на Новата година се будат надежи, очекувања и копнежи за поубава, посреќна и безгрижна иднина. Иако сите имаме илјадници желби и замисли, најпрво би сакал да им посакам на сите граѓани од цела Македонија добро здравје, бидејќи доколку имаме здравје тогаш можеме да го исполниме и она кое што сме го поставиле како цел.

Самоанализата е најдобриот начин да ја надоградуваме нашата личност, да бидеме подобри и поуспешни. Ако почнеме со позитивни размислувања, која цел ја постигнавте во 2021 година, што ве направи среќен, кој е вашиот најголем успех?

- Зад нас имавме година со многу предизвици и турбуленции, најмногу заради корона кризата, но исто така свој удел имаа и локалните избори. Од моја перспектива, најголем личен успех е стапувањето на функцијата градоначалник на Општина Аеродром. Искрено, ова е голем предизвник за мене, но и одговорност која со задоволство ја прифатив. Од овој аспект сметам дека 2021 година ни донесе многу позитивни промени со кои полека, но сигурно ја вративме надежта кај народот. Она што ме прави исклучително среќен и кое мора да го нагласам се младите луѓе со кои секојдневно разменуваме идеи и заедно работиме на содавање подобра општина за сите. Навистина сум позитивно изненаден од нивната поддршка, особено од луѓе кои претходно не биле политички активирани. Ангажманот и поддршката од младите луѓе многу ми значат и тие се дополнителна мотивација во насока на градењето на подобра општина.

Колку и да изгледа банална изреката дека „човекот учи на грешките“, сепак многу вистини се кријат во неа. Која грешка не сакате да ви се повтори во Новата година. Што можевте поинаку да направите, што научивте, за што жалите?

- Претходната година мене ми донесе многу турбуленции заради мојата трка за градоначалник која ја водев со задоволство и многу енергија . 

Иако изборите се одвиваа во мирна и демократска атмосфера и со остварен одличен резултат, сепак и од нив можат да се произведат одредени заклучоци. На пример од оваа временска дистанца сметам дека во подготовките и спроведувањето на кампањата имаше и одредени недостатоци. Исто така во неформалната кампања можеби требаше да влезам неколку недели порано, односно уште од моментот кога првпат се одлучив дека ќе се кандидирам за градоначалник на Општина Аеродром. 

Имам кафеав појас во дисциплината шотокан

Вашето детство и младост ги поминавте во Америка, Канада. Постои ли голема разлика во пристапот, размислувањата и прославата на Нова година за разлика од кај нас?

- Да постојат одредени разлики околу славењето на Божик и Нова Година овде, во споредба со САД  и Канада. За разлика од кај нас каде што фокусот е ставен на славењето на Нова година во угостителските објекти, во САД и во Канада, па и генерално во западните држави, фокусот е ставен на заедничкото славење и дружење со најблиското семејството. Во однос на очекувањато во поглед на Новата година, пристапот генерално е сличен. Како овде, така и таму преовладуваат мислите исполнети со надеж, желба и повици за сплотеност, солидарност и кохезија меѓу луѓето. Иако со години растев во странство, откако се вратив во нашата држава нормално е да се прилагодите на традиционалното славење на празниците во земјата. Според мене и едниот и другиот начин на прослава на празници си има своја убавина, но дефитивно најсилни се енергијата и позитивните чувства дома, во Македонија.

Какво дете бевте? Пишувавте ли писмо со желби до Дедо Мраз?

- Мирно, но и многу комуникативно. И покрај тоа што секогаш сум бил добар ученик, како дете секогаш  посветував многу внимание и на воншколските активности. Активно играв повеќе спортови од кои омилен ми беше бејсбол. Исто така повеќе од десет години бев активен во карате спортот, имам кафеав појас во дисциплината шотокан. Во серијата на воншколски музички активности во основно и средно  бев дел од училишниот оркестар каде свирев на кларинет и виолончело. Како претставник на  основото училиште ви градот Њујорк постојано учествував и освојував бројни награди и признанија на детските натпревари по говорништво (story-telling). Како дете активно учествував и во редица други вонредни активности кои ми помогнаа да се изградам како активна личност. 

Како мал секогаш пишував писма до Дедо Мраз и она што е интересно, Дедо Мраз редовно ми одговараше на писмата и испорачуваше дел од моите желби. Тајната во креативноста на одговорите на Дедо Мраз и исполнетите желби секако се лоцира кај внимателноста на родителите . 

* Човекот доаѓа до искушенија особено во младоста, а предност се и животот во голем град, богата земја. Тогаш треба да се остане на земја и да не се тргне по погрешен пат, но и да се живее со полни гради без ограничувања. Како би го опишале вашиот тинејџерски период? Со кого се дружевте, каде најчесто излегувавте?  

- Тинејџерските години се веројатно најчувствителниот, но и најубавиот период од животот на секој млад човек. Тие години ги поминав во Канада. Покрај тоа што учев во средно училиште кое беше рангирано како едно од најдобрите во Канада, сепак имав доволно време за дружење со моите врсници. Редовни учествува во спортските активности,организирање на тинејџерски и кариоке забави, одење во кино, прва љубов - сè тоа ме потсетува на Канада. Токму тие другарства и денес ги одржувам. Овие години во животот на еден млад човек веројатно никогаш не се забораваат.

Како ја прославувавте Нова година во тој период. Би издвоиле ли посебно некој дочек?

- Иако новогодишните празници се супер, сепак поголем дел од сеќавањата ме  врзуваат со прославата за време на божикните празници. Тоа веројатно е поврзано и со средината во која сум израснат. Сум прославил многу новогодишни забави кои биле интересни, со многу дружење и детски лудории, но можеби највозбудлив секогаш е масовниот пречек на Нова година на Тајмс Сквер во Њујорк во присуство на иљадници луѓе од цел свет. Како убав спомен сепак ќе го издвојам славењето на Божик и дружењето со најблиските во семејството.

Голема драгоценост во семејството е нашиот син Иан

Кој беше мигот, иницијалната каписла, да ви се промени животниот пат и да ви ја олесни одлуката да се вратите во Македонија, да студирате овде и да останете?

- Ова прашање ми го поставуваат многу од моите пријатели, некои се чудат и велат дека никогаш не би се вратиле тука доколку отидат во странство. Но, јас не мислам така. Постарите и искусните секогаш велат „од корените не се бега“, па затоа и јас се водам од таа мисла. Посветеноста, желбата за промени и правење на поубаво општество од примерите кои сум ги стекнал во странство се причината заради која се вратив во татковината. Мојата цел и визија е Македонија да стане држава со стандард на живот и вредности кои се својствени за западните држави. Мојата цел и верувам желбата на сите наши граѓани е Македонија да има поефикасен политички и правен систем, соодветно образование, правда, здравство и подобра економија. Преку имплементација на идеите на сите луѓе кои учеле во странство, но и оние кои активно се школуваат и вложуваат во себе овде, нашите идеи и замисли можат да станат реалност.

Оставате впечаток на учтива, мирна и сталожена личност. Тоа се вродени особини или стекнати со текот на времето?

- Како што кажав и претхидно, бев мирна, коректна и многу комуникативна личност уште од најраното детство. Средината во која живеев и моите родители се многу важен дел од моето воспитување, градење на карактер, стекнувањето на нови знаења, искуства и способности. 

* Дозволете лична констатација. Вашата изјава дека се грижите за домашните работи, додека сопругата е со своите пријателки, потврдувате дека во бракот освен љубов, најбитно е партнерите да си даваат доволно простор да се развиваат и да се занимаваат во нештата кои ги сакаат и да не си пречат еден на друг, што на нашиве простори е реткост. Кога започна вашата љубовна приказна?

- Со Симона се познаваме уште од студентски денови - бевме една генерација разлика на Правниот факултет. Сепак, нашата врска почна доста подоцна. Сосема спонтана комуникација, но можеби и големата позитивна енергија од наши блиски пријатели ги создаде условите за еден брак кој е исполнет со љубов и многу, многу разбирање. Голема драгоценост во семејството е нашиот син Иан.

Во кој дел од новогодишните подготовки во домот ќе бидете вклучени?

- Кога имате мало дете во семејството, домашното украсување е една од најважните работи во пресрет на новогодишните празници. Мојата одговорност е во делот набавките, а креативноста во сегментот на дизајнот ја препуштам на сопругата и синот. Симона секогаш знае со својата креација да го декорира домот во вистинско новогодишно издание.

Кој е Дедо Мраз во семејството, кој најмногу подарува?

- Кога се во прашање новогодишните „обврски“ генерално одлучува мојата сопруга. Затоа, најдобриот Дедо Мраз е токму таа. Подарува и се што ќе подари е погодено. Подароците ги одбира внимателно до степен на перфекција, што му дава посебна убавина во секој од нив.

* Какво изненадување му подготвувате на вашиот син?

-На Иан подарокот за Нова година му го купивме уште летово. Враќајќи се од одмор го најдовме во една продавница надвор од Македонија идеалниот подарок за него. Имаше многу вешта камуфлажа од наша страна при купувањето и околу шест месеци успешно криење. Сигурни сме дека многу ќе му се допадне.

Соња Алексоска Неделковска