To block or not to block?
Порано ич не ја сакав пролетта. Доцната есен и зимата беа периодите од годината кога најмногу се чувствував своја. Не ми пречеше ниту снегот, ниту дождот, а за маглата муабет не правам. Како си врват годините, учам да уживам во секое годишно време. Пролетва имам периоди кога буквално само седам некаде и ги гледам луѓето што поминуваат, чекајќи ја ќерка ми од музичко или англиски. Па на моменти ќе читнам неколку страници од книгата која ми е актуелна, ќе штракнам некоја фотографија, ама генерално само седам и гледам. Мирно и спокојно (што не е баш карактеристично за мене).
Така, во саботата ми проврве една цела палета од различни ликови. Играње табла на двајца пријатели кои беа толку занесени да победат, што на едниот отпосле му текна оти жена му треба да ја земе од фризер, па избега дур речеш пиксла; четири пријателки на традиционално саботно кафе со просечна старост од околу 65 години (традиционално велам, затоа што во истиот состав ги гледам веќе неколку месеци), прекрасно дотерани и насмеани, гласни во смеата што и оние околу нив почнаа да се смешкаат; брачен пар со мало бебе, а потем им се придружија и неколкумина пријатели (бебето беше мирно...спиеше цело време и признавам дека помислив како моето не беше такво! Ама ај, да не почнувам); дечко и девојка кои не само што дојдоа намуртени, туку и така си отидоа (секој во свој правец) и...она што најмногу ми го одвлече вниманието, два-три пара со деца кои беа на возраст од 6-8 години.
Децата си беа баш деца...возеа точаци, викаа, се смееја, едно време се степаа, па имаше малку плачки, па сокче...ама се’ на се’, беа весели деца со многу релаксирани родители кои го немаа оној типичен синдром на “абе седи тука и ќути, срамота е, само ти се слушаш”.
Се замислив за тоа колкав дел од животот поминуваме без грижи и секирации, без да не’ боли глава за секакви проблеми и ме порази фактот дека е тоа толку мал период што дури и треба време за да се потсетиме на истиот. Секогаш велиме “само здравје, се’ друго само ќе си дојде”, ама изгледа дека и тоа станува само една обична флоскула. Си ги труеме децата од мали со стравови: не седи на бетон, ќе се разболиш; не пиј ладна вода; не трчај(!); зошто не ти се сите петки.
Забораваме. Забораваме да им оставиме можност да бидат деца што е можно подолго. И онака ќе се возрасни долго време. Им наметнуваме обврски да бидат најдобри во се’, да си бидат конкуренција едни на други (наместо да си помагаат едни со други). Каде исчезна она “да с(м)е само живи и здрави”?
Одраснуваме личности кои ќе не’ заменат во истите секирации кои нас не’ мачат! Политика, сметки, трка по пари, докажување пред сите околу (демек многу се важни), исполнување на очекувањата на родителите, директорот, шефот, светот, комшиите....
И така до недоглед!
И се вртиме во круг кој обично прекинува тогаш кога ќе се соочиме со болест, своја или на членови од семејството, на пријателите. Тогаш како да стануваме свесни дека сето она за кое од животот сме си направиле циркуз, не вреди ниту пет пари. Соочувањето со болест е шамар со кој ни се враќа секоја непроспиена ноќ, секоја солза, секој стрес и голтнати нешта.
За жал, освестувањето не трае долго. До пребродување на болеста или до помирување со неа. Дали низ животот сме се научиле дека не функционираме без да се јадеме за нешто, па макар тоа било и некоја глупава ситница како што е трчањето на детето на соседите кои живеат над нас!
Престанав да зборувам за оценки. Не очекувам дека ќерка ми треба да е најдобра во се’, туку да биде среќна и спокојна.
Престанав да се потресувам за туѓите неурамнотежени постапки, затоа што и онака моето потресување нема ништо да смени.
Престанав да се трудам онаму каде што гледам дека луѓето само сакаат да се најадат од енергијата и љубовта која им давам.
Престанав да очекувам од себе да бидам совршена мајка, ќерка, жена.
Престанав да судам, осудувам, напаѓам, да исправам “криви Дрини”.
И си дадов одмор. Одмор од себе и од сето она што ме оптеретува на било кој начин. Да се трпи-едноставно веќе не ми е во агендата, ниту пак ми е некаква цел во животот. Никој од нас не е роден со пусулче на кое му го пишува датумот кога ќе замине од овој свет. Времето кое го имам сакам да го искористам малку поинаку од она на што ме научил животот. Затоа и почнав да уживам во пролетта. Затоа не ме плаши староста, а ни смртта. Ете затоа и не се чувствувам одговорна дека треба сите околу да ги направам среќни, без оглед на тоа колку тоа мене ме усреќува.
Почнав во широк лак да ги одбегнувам оние кои ги намирисувам како емотивни цицачи, а и оние кои ни за жива глава нема да бидат искрени, туку ќе те гледаат право во очи и ќе те лажат.
Немам време! Немам повеќе време за банални луѓе, банални постапки, немам време за непродуктивни односи, немам време за луѓе кои се јаки на зборови а делата им се само во нивните глави.
И ај што немам време, туку повеќе немам ниту трпение.
Да израснеме слободни деца кои ќе ги научиме да дишат со полни гради. Да си го смениме малку чипот во главите и да не направиме од децата копии на нас самите. Попатно, ќе поднаучиме и ние нешто корисно од нив.
На пример, да реагираме на светот онака како што ќе ни дојде, а не како што треба.
Да се радуваме искрено на туѓите успеси и да бидеме раката која пријателски ќе тупне некого по рамо за “не се грижи”.
Да сакаме без да ни се вклучи во главата калкулаторот колку би добиле во замена за она што го нудиме.
Да бидеме малку деца покрај нашите деца. Ако ништо друго, барем добро ќе се забавуваме.
До следниот понеделнички муабет,
За Женски Магазин, Ана Бунтеска
Да не ти минат годините џабе
Колку само да прелетаат преку тебе
Ко штркојте секоја година над оџаков
Да не ми остариш без да сетиш
И како странец да се пулиш едно утро
Дур си ја чукаш глата за да се сетиш
Каде времето ти минало
И шо се’ имаш одминато
Отвори ширум очите
И вратите на срцето
Рашири рацете ко да сакаш светот да го гушниш
И живеј го мигот
Не тагувај за минатото
И онака немаш начин за назад да се вратиш
Пушти нека изврви низ тебе тагата
Само да помини без да се задржува
Без да ти го труе телото и умот
Силно со двете раце држи го овој ден
Сега
Сега, по ѓаволите
И овде!
Не му ја мисли за утре
Утрото можеби и оладени ќе сме
Пикнати во накитен дрвен ковчег
Налет
Налет се’
Дај вино да пиеме
На сонце да мижуркаме и да се смешкаме
Мрзливи за да зборуваме
Или без врска муабети да тераме
Сега
И овде
Без ниту една мисла за вчера
И исчистен умот од она “утре”
Оти можеби токму мигот кој го пропуштаме
Е мигот од кој животециве ни зависат
И во кој ете нешто во нас ќе кликне
И часовникот ќе се разработи
Како добро подмачкан механизам
И стрелките напред ќе кинисаат
А и ние со нив
Неосетно
Оти така коцките се наместиле
Насмевни се сега
Само насмевни се и дај да наздравиме
Пушти си ја душата
Па што и ако се поднапиеме
Барем песна ќе запееме
Наместо таговни гласој да испуштаме
Налет да е
Само живи и здрави да сме
Сега и тука
Ти пред мене
Јас пред тебе
Секој со својата чаша полна живот
А животот полн љубов
Та љубовта полна простување
Чисто како здив на доенче
Невино како детски поглед
Со страст како срце на млада невеста
Со мудрост како 80 да имаме
Сега и тука
Ти и јас
На здравје да ни е!
За здравје да ни е!