Трчаме и плачеме, а најтешко ни е кога ќе пристигнеме на гробот на Тоше: Наум Капричевски 14 години е дел од Ултрамаратонот во чест на македонската пејачка легенда

На 14 октомври (денес) во 17:00 часот од Нова Градишка, официјално започна почесниот старт на 14 традиционален Ултрамаратон во чест на Тоше Проески. Шестмина маратонци ќе трчаат 20 км.  Еден од нив е и Наум Капричевски (36), пријател на музичката легенда.

-Останатите шестмина ќе ни се придружат следниот ден околу 13 часот на граничниот премин Табановце во Р.М. Од таму ќе се трча штафетно кон Скопје, каде што би пристигнале околу 18 часот. Планирана е мала дружба со фановите на Тоше и вечера. Во 20:00 часот тргнуваме за Крушево. Ќе трчаме цела ноќ. На 16 октомври планираме да стигнеме во Крушево точно на пладне. Во 12:00 часот да да бидеме на Гумење пред вечниот дом на Тоше, каде што ќе одадеме почит и официјално ќе го завршиме Ултрамаратонот.- вели Капричевски и дополнува дека чувствата се испомешани, преовладуваат и тага и радост.

- Има солзи за загубата, а радост и насмевка за успешноста на Ултрамаратонот, бидејкји Тоше заслужи да му оддадеме почит и сигурен сум дека од горе нѐ гледа, се радува и ни дава сила да успееме во целта. Трчајќи, има периоди да протече и некоја солза во тешки и критични делници. Но, веднаш помислуваме на Тоше и на неговите преубави рефрени. Истовремено протекуваат солзи но и доаѓа сила за истрчување- открива маратонецот.

Најтешкиот момент е пристигнувањето во Крушево, дури тогаш чувствата се најголеми. 

-Тука преовладува тагата, срцата се скршени, душата боли, а треба да се трча, е тука силата. Од каде доаѓа немам одговор, веројатно тука Тоше ја има главната улога и ни ја дава силата.Откако ќе завршиме и ќе седнеме да ручаме, да се видиме убаво и да поразговараме околу целиот пат, веќе преовладува радоста за успехот што сме го направиле и договори да следната година за следниот Ултрамаратон – дополнува Наум. .

Годинава поради ковид ситуацијата, пред почетокот на Ултрамаратонот, само пет маратонци ќе претстојуваат во Загреб, каде што ќе остварат официјални средби со македонската заедница , амбасадата на Р.М во Хрватска и продуцентската куќа „ Хит Рекордс“.

-Ќе го посетиме и Музејот на Дражен Петровиќ и ќе се сретнеме со неговата мајка Бисерка. Ќе оствариме средба и со парахонскиот свештеник на Св Злата Мегленска, Кирко Велински. Ќе му ја подариме иконата на Св.Злата Мегленска во чест на Тоше Проески – дополнува Капричевски.

(С.А.Н)