УЛА ЌЕ РАБОТИ, НАИМ ЌЕ НАРЕДУВА: Почна снимањето на третата сезона на „Преспав“

Добивај вести на Viber

Фрау Ула (Тијана Дапчевиќ) веќе не сопственичка на пансионот, туку работник, а наредби на вработените ќе им дава новата шефица, Преслава од Бугарија. Ова се дел од доживувањата од третата сезона на серијата “Преспав“, на чија прва клапа беа гости медиумите, во студиото на МТВ.

Наим, кој го игра Адриан Азири како нов газда на „Преспав“ ќе ја донесе Преслава, која ја игра познатата бугарска актерка Јана Маринова.

„Ќе зборувам некој интересен македонско-бугарски јазик со мешање на српскиот. Екипата фантастично ме прифати и многу се забавувам на снимањата. Инаку, приватно сум голем обожавател на македонската музика и на македонската култура и литература“, ни изјави Маринова. 

„Помеѓу Ула и Наим се уште ќе има искри, но не смеам многу да откривам. Тој иако и е газда, нема да биде многу строг кон неа. Ликот на Наим, на барање на гледачите оваа сезона повеќе ќе се појавува, но во рамките на можностите, затоа што тој сепак е од Саранда“, ни изјави Адриан Азири. 

На денешното снимање, се откри и мал дел од приватниот живот на инспектор Томе, (Горан Стојановски). Тој изнајмува соба од рецепционерот Таљат (Дритон Вејсели) за извесна дама на која ќе и се додворува со голем букет цвеќе.

„Марио е манипулаторот, драма-кралот, тој се снаоѓа во секоја ситуација. Ќе се снајде многу добро и со новата сопственичка на пансионот. Неговата врска со Тони е на едно многу поинакво ниво, а Марио ќе претрпи и извесни промени во имиџот“, раскажа Васил Зафричев, кој го игра готвачот Марио. 

Игор Ангелов како Коста, Игор Стојчевски како Тони, Јелена Јованова како Јелена, Игор Џамбазов како Миле се дел од екипата на третата сезона која ќе почне да се емитува од декември на МТВ 1. Џамбазов и Јованова не беа присутни на денешниот сет. Специјален гостин, беше амбасадорот на ЕУ во Македонија Самуел Жбогар. 

Продуцент на „Преспав“ е Пеце Талевски режисер Игор Иванов-Изи, а сценаријата ги пишуваат Елеонора Венинова, Сашо Кокаланов, Алек Попов и Дељана Манева од Бугарија. 

М.Џаровска