Уште еден голем чекор напред за македонското здравство: За прв пат изведена операција за вградување на стимулатор на нервот вагус кај 36 годишна пациентка
Откако зафати пандемијата, македонското здравство направи неколку историски чекори, а денес е направен уште еден голем чекор напред.
Министерот за здравство соопшти дека за првпат во земјава, денес е изведена операција за вградување на стимулатор на нервот вагус кај 36 годишна пациентка. Таа веќе се разбудила и се чувствувала добро.
„Денес, заедно со д-р Владо Башчаревиќ од Клиниката за неврохирургија во Република Србија, неврохирургот д-р Владимир Рендевски, д-р Емилија Цветковска и д-р Бојан Бошковски, со поддршка на директорот на Клиниката д-р Иван Барбов, за прв пат изведовме операција во нашата земја за вградување на стимулатор на нервот вагус кај 36 годишна пациентка.
Оваа хируршка метода за првпат се воведува кај нас како редовна терапија за пациенти со најтешка форма на епилепсија, која тешко се контролира со лекови. Операцијата опфаќа имплантација на мал електростимулатор кај пациентот со што се намалува зачестеноста на епилептичните напади кои кај овие паценти знаат да бидат и по десетина на ден. Во текот на наредните денови стимулатор на нервот вагус ќе се вгради кај уште двајца пациенти со тешка форма на епилепсија. Министерството за здравство заедно со ФЗО на РСМ оваа хируршка метода ја ставија како редовна терапија за пациенти со најтешка форма на епилепсија. Со оваа го подобруваме животот на овие пацинети, но и им овозможуваме лекување дома, бидејќи досега за ваков вид на хируршка интервенција одеа во странство. Пациентката кај која денеска беше изведена првата операција се разбуди и добро се чувствува“ - напиша Венко Филипче.