УСПЕХ НА ВЛАТКО СТЕФАНОВСКИ И ГОСТИТЕ ВО БЕЛГРАД

Добивај вести на Viber

Влатко Стефановски и неговите гости одржаа успешен концерт во Белград сношти, во салата „Коларац“. Настапот беше промоција на албумот „Мајчин јазик“ премиерно пред белградската публика. Минатиот месец, Влатко одржа три фантастични концерти во Скопје, во салата на Македонската Филхармонија, а минатата недела настапи во Софија и во Благоевград.

Белградскиот концерт предизвика одлични реакции кај публиката, и однапред беше распродаден.

Беше спектакуларно, имаше голем одзив од публиката.- Влатко и гостите во Белград


„Беше спектакуларно, имаше голем одзив од публиката. Овој проект, „Мајчин јазик“ се покажа како многу успешен. Ја наполнив Софија пред два дена, вчера Белград, претходно Скопје. Една акустична гитара, многу емоции и одлична комуникација со публиката“, ни изјави гитарскиот виртуоз.

Гости на концертот беа македонската група „Љубојна“, кои и претходно имаат настапувано во Белград, и српската етно-пејачка Биља Крстиќ. „Љубојна“ и Биља Крстиќ беа гости и на трите скопски концерти, како и оперската пејачка Весна Ѓиновска- Илкова. На 11 април, Влатко настапува во „Акцент“ театарот во Виена, а на 17 април во концертната сала „Ватрослав Лисински“ во Загреб.


„Мајчин јазик“ е 35 издание на Стефановски, негов прв соло-акустичен албум, кој лани во ноември го издаде хрватската „Кроација рекордс“. „Бистра вода“, „Македонско девојче“, „Успаванка за Радмилу М“ од „Бијело Дугме“, „Јано мори“ и „Море сокол пие“ како бонус трака во која гостува Раде Шербеџија се дел од овој материјал. На обвивката од албумот е слика од мајката на Влатко, Нада од доцните четириесетти години, кога ја играла улогата на патувачката Ромка Маша во драмата „Жив леш“ на Толстој.

Милица Џаровска