Утринско кафе со Наташа Доковска: Ме мотивираат луѓето со нивните приказни

Утрото како по некое непишано правило ми почнува со филџан турско кафе кое секое утро ми го подготвува сопругот…Тоа е оној дел од денот, кога со сѐ уште свеж ум, ја правам дневната агенда…

Ме мотивираат луѓето со нивните приказни…Пред сѐ социјалните…Ме мотивира убава книга или интересна слика…Знам по неколку пати да се навратам на една книга, или да отидам на иста изложба…Секако дека најголем мотив ми е петгодишната ќерка со која заедно го осознаваме светот.


Работните денови се како непишан шаблон. Од дома на работа,градинка, па дома…Задачата што ја имам на работа во имплементирање на проекти прави постојано да сум во движење и во контакти со луѓе, што ме прави задоволна и среќна. Работата во граѓанска организација ми овозможува креативноста постојано да ја надградувам и споделувам…

Викендите главно ги планирам со друштво, но поради природата на мојот темперамент, тие средби најчесто ги правам надвор од Скопје. Сакам да патувам, да се дружам, да запознавам нови места и луѓе…


И вечерите, како и утрата, доколку сум во Скопје ми минуваат со сопругот и ќерката, кога се договараме како да им одговориме на предизвиците кои не очекуваат наредниот ден. Главно се договараме дали ќе одиме на тенис (да ја придружувам ќерката на тренинг) или имаме некој детски роденден•))… Знам и да седнам на чаша вино и убав муабет во семејна атмосфера и со пријателите…

Доколку,пак, сум на службен пат, вечерите главно ги поминувам во прошетки на местото каде што сум,бидејќи тоа е единственото слободно време што ми останува.


Јас сум зависник од книгите…ТВ односно филмови речиси и да не гледам, а книги читам секогаш кога тоа ми дозволува времето. Во последно време мое најомилено место за читање книга ми е авионот или аеродромите додека чекам да се качам од еден на друг лет. Последнава година најмногу читам книги во кои се третира жената во муслиманскиот свет…Една од моите омилени авторки е Надиа Мурад, а книга која неколкупати ја читам, е „Последната девојка“ во која таа ја раскажува нејзината борба против исламските држави…А, потоа ме чека приказната за „Девојката од Алепо“, роман кој говори за страдањата низ кои минуваат жените во Сирија…

*Наташа Доковска, извршен директор на Балканската мрежа за вода, санитација и хигиена