Утринско кафе со Ѓоко Танески: Моето утро почнува попладне

Нема поубаво место од Охрид за првото утринско кафе. Но, јас денеска ќе го прескокнам кафето и ќе се напијам чај. Прво со мојата сопруга дома, а потоа со пријатели, покрај езеро. Погледот на езеро и убав муабет со пријатели ми е проверен рецепт за старт на денот. Ако сум имал вечерен настап, моето утро е попладне.

Ме мотивира добра песна на радио, успешен настап, добри луѓе, чорба крај езеро за ручек, патувањата, сопругата, а најмногу моите ќерки Анастасија и Михаела.

Мојата работа е повеќе вечерна, патувам на настапи низ цела Македонија, затоа дневната агенда ми е полабава. Ги земам ќерките од училиште, се дружам со нив, смислувам која нова песна да ја вметнам во мојот репертоар и навечер, го фаќам патот за да ги развеселам луѓето во некој друг град.

Вечерта, ако не е работна, ја минувам или дома со моите три дами, или со пријатели, на гости или во некој охридски локал. Со Розе си имаме свое време, кога вечерта сакаме да ја поминеме сами, или во добро друштво.

Сакам добар филм пред спиење. Од секогаш ме релаксирале научно-фантастичните филмови, но не сум конкретно врзан само за тој жанр.