Утринско Франк кафе со Ана Костадиновска: Кога љубиш сѐ е полесно и поубаво

Денот, задолжително го започнувам со голема шоља кафе!! Во зависност од дневниот распоред, првото кафе го пијам со сопругот или доколку сум на работното место со колешките кои ми се второ семејство! Мотивација секогаш ми е љубовта. Кога љубиш сѐ е полесно и тече поубаво.

Дневните планови ми се врзани со работата, пред сѐ како професор во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“. Кога завршувам со тамошните обврски продолжувам со часови во Академијата за естрадно пеење, која ја водиме заедно со мојот пријател и партнер Марјан Катароски.

Бидејќи веќе повеќе од 20 години со мојата сестра по душа, Сара Николовска, ги придружуваме нашите естрадни ѕвезди на нивните настапи и концерти, како во Скопје, така и низ републиката, неретко се случува да имаме некој ангажман на кој со задоволство одговарам. Пеењето ми е љубов и хоби во кое уживам уште од многу мала.

Денот го завршувам со домашните обврски, како и училишните со мојата ќерка Марта, генерално со работите врзани за домот и семејството. 

Вечерта ми е најубава кога ја минувам во прегратка на мојот сопруг Бобан. Играме јамб или гледаме некоја серија или филм. Преферирам книги, голем вљубеник сум во пишаниот збор, буквално „голтам“ сѐ од литература што ќе ми падне во рака.

*Ана Костадиновска, професор во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ и естраден уметник