Утринско Франк кафе со Ангела Христовска: Ме мотивираат почетоците и непознатото што се крие зад нив

Вообичаено денот ми започнува со слушање музика додека го пијам своето утринско кафе.Сакам да слушам музика, ми ја подига вибрацијата и ми дава енергија да ги совладам дневните обврски. А, своето прво кафе кога ми дозволуваат обврските сакам да го испијам сама, бидејќи денот ми е прилично динамичен и полн со средби и работни состаноци. Иако во последно време морам да признам дека развивам една нова здрава навика и уживам во утринското кафе во друштво на Марија - фитнес тренер во She fitness Center - Битола и го започнувам денот со утрински тренинг.

Две работни места, две деца, еден куп обврски како претприемач, колега, мајка, пријател.. Ова се моите дневни планови и обврски. Понекогаш просто добивам желба да се клонирам. Се трудам да држам рамнотежа помеѓу сите овие работи и засега со добар план и организација успевам. Многу ми е важна поддршката на моето семејство, моите пријатели, тимот на соработници и бескрајно им сум благодарна.

Ме мотивираат почетоците. И непознатото што се крие зад нив. Било да се работи за некој работен проект или животен предизвик кога започнувам нешто се радувам како дете. Дури и денот го започнувам со возбуда и во исчекување што ќе ми донесе.

Зачеток на секој мој чекор е љубопитноста. „Ајде да пробам па да видам што ќе излезе“ ме води низ секој мој креативен процес. И работно и приватно. Со оглед на тоа што мојата дејност е поврзана со Графички дизајн и Маркетинг, како претприемач и креативец сакам да експериментирам, креативно да се изразувам и да гледам како расте и се развива некоја моја идеја со помош на мојот креативен тим во Ајкон Медиа чиј сопственик сум или во Божиновски часовници и накит каде што поминувам половина од мојот работен ден како дел од маркетинг тимот.

Работните денови ми завршуваат со гушкање со моите две деца или дружба со моите пријатели во релаксирана атмосфера. Не ретко во доцните часови знам да продолжам со работа, читање или едукација во врска со работата. Тогаш најчесто ми доаѓаат и најкреативните идеи.

Книгата секогаш е добредојдена. Читам навечер и до мене секогаш имам 2-3 започнати книги. Ги читам паралелно. Не ја сакам белетристиката. Ги сакам оние книги што ќе ти пренесат животна мудрост, ќе те обликуваат како карактер  и ќе ти го променат правецот на живот. Во моментот читам поезија. Ги препрочитувам стиховите на нашиот светски признатиот Никола Маџиров и уживам во неговиот пишан збор. И уште една стихозбирка од наш македонски поет „Креветизам и ренесанса“на Бранислав Николов (Пијан Славеј) исто така ми е омилена деновиве.

Добар филм исто така ми прави кеиф. На листата за гледање ми е филмот за Mary Shelleyкреаторката на Франкенштајн. Пред извесно време прочитав еден интересен податок за неа. Срцето на својот сопруг го чувала до нејзината смрт во фиоката од нејзината работна маса замотано во копија од една од нејзините последни песни. Овој малку морбиден, а многу романтичен податок ме заинтригира и предизвика да го погледнам филмот за неа.

* Ангела Христовска - сопственик и креативен директор во Ајкон медија и дел од маркетинг тимот на Божиновски часовници и накит