Утринско Франк кафе со Атанас Прчев: Наједноставното решение е најчесто вистинското

Милиони чувствуваат дека утринското кафе треба да е некаков вид на ритуал, и за многумина е. Не знам зошто, но јас не сум дел од таа група. Во работните денови го пијам со колегите во Идеа Лаб, но најмногу со мојата to do листа. Таа ми го дава редот по кој треба да се водам и ми го обезбедува мирот во текот на денот. Мојата тактика е наместо да имам неколку минути мир со моето кафе наутро, најдобро е да имам мир цел работен ден преку организација.

Мојот секојдневен план е да нема хаос, а обврските варираат затоа што редовно гледам да преземам некој предизвик во мојата работа. Воедно, и Идеа Лаб функционира на сличен начин, не во поглед на хаосот, туку предизвиците. Овде секој ќе разбере дека ако сака да се развива мора да излезе од рамките на конвенционалното.

Најголемата мотивација ми е кога луѓето околу мене се среќни. Како што вели Окамовата премиса,„Наједноставното решение е најчесто вистинското решение.“Затоа малите причини ми се најважни.

Вечерите ми се тотално различни од денот. Сега кога размислувам за нив добивам одредена перспектива и сфаќам дека тие ми се некој баланс. Ако со колегите сме имале ден преполн работа, вечерта ми е гледање серија или филм со девојка ми. Тука имаме едно правило со неа, да одбереме серија која и на двајцата ќе ни се допадне. Само што ја завршивме House M. D. и кој има сугестии може слободно да ни предложи. Деновите кога ќе припазам на работната филозофија и денот ми е совршено организиран, навечер правиме хаос со девојка ми. Ептен спонтано, доаѓаме до некоја идиотска идеја и ја „реализираме“. Пред некој ден игравме фудбал во ходникот со нејзините папучи, и нормално... победив (се смее).

Кога се во прашање филмовите и книгите, во таа сфера сакам чудни работи. Таму кај што пораснав, во Богданци, кога бев мал, татко ми имаше видеотека, па имав изгледано сѐ што излегуваше на касета. Од друга страна, кумата беше професорка по македонски и беше одговорна за библиотеката во основното училиште па од неа позајмував секакви книги. Иако периодов никако да најдам некој интересен филм, опседнат сум со една книга која девојка ми ја купи за роденден. House of Leaves на Mark Z. Danielewski е толку висцерална што со секоја страна поттикнува емоции кои стануваат сеприсутни. Во книгата на самите фусноти има фусноти и евентуално доаѓаш до момент каде треба да решаваш сложувалки за да стигнеш до наредното поглавје.

*Атанас Прчев, ПР-директор во Идеа Лаб