Утринско Франк кафе со Билјана Јаневска: Жената секогаш треба да изгледа отмено и грациозно

Денот ако не ми започне со првото утринско кафе кое го пијам сама, не ми е ден. Без кафе не можам да функционирам. Во принцип сум ранобудник, станувам околу 6 часот, а се расонувам  со добра музика. Задолжително со чаша цеден сок не испуштам да се наполнам со витамини и батерии за возбудлив и позитивен ден. Ги извршувам сите утрински ритуали, па се подготвувам за на работа. Веќе во 7 часот сум на работа.

Ме мотивираат позитивни луѓе, морам да признаам. Сакам луѓе со добра смисла за хумор. Тоа ми е формула за успешен ден. После работа претпочитам да се видам со своите пријателки и да споделам како ми поминал денот. Во меѓувреме имам ангажмани и преку мојата модна агенција, така што мојата дневна агенда е секојдневно исполнета. Не испуштам фризер во никаков случај, бидејќи не можам да се замислам несредена. Според мене, жената секогаш треба да изгледа отмено и грациозно. Неодамна почнав и со аеробик, па не можам да се пожалам дека немам енергија во текот на целиот ден. Наоѓам време за сѐ. Кога се сака, сѐ се може.

На крајот од денот им се посветувам на моите родители. Луѓето што се мојата безрезервна поддршка. Тие ми помагаат и ми посочуваат на грешките. За подобро утре. Анализирајки се себе си и си поставувам цел кон која ќе се стремам наредниот ден. Морам да нагласам дека инвестицијата во себе си е најдобрата инвестиција. Јас правејќи го тоа, станав Магистер по Управување со отпад. Нешто што ме прави особено горда и затоа можам да се наречам успесна девојка.

Обожувам  добар филм, но сакам и да прочитам некоја убава романтична книга. Последна што ме остави без текст беше „Патување со љубената“ од Божин Павловски. Топло ги препорачувам и „Градинар, пустина“ и „Роман  за моето заминување“, исто така од Павловски, и секако „Се гледаме на врвот“ од Коста Петров.

* Билјана Јаневска, Магистер по Управување со отпад и модел