Утринско Франк кафе со Даниел Дан: Секој ден се будам со песна

Без оглед на тоа кој ден е од неделата секогаш станувам рано. Веќе во 8 часот сум спремен за тековните обврски и сакам првото кафе да го испијам само со себе. Се разбира утрата ми се секогаш исполнети со музика, најчесто се будам со некој рефрен кој си го потпевнувам додека се подготвувам. Утрово со комшиите ги слушавме „Дупер“. Thumbs up за новата квалитетна македонска музика! 

Музиката е со мене буквално 24/7. Студио, проби, настапи.. создавање нови песни. Свесен сум за мојата „медиумска апстиненција“ со оглед на тоа што моите изданија се сведени на минимум последниве години но, тоа сум јас - гласен сум само тогаш кога имам што да кажам.

Од друга страна во последно време дневните планови ми ги пополнуваат и професионалните обврски како дел од тимот за акредитација на ISO стандарди на здравствени установи и лице за односи со јавноста на сестринството во Р.М. Знам чудно е, тотална дијаметралност но, среќен сум што моето знаење и умеење го користам во вистински цели.   

Здравјето и водењето на здрав животен стил отсекогаш ми биле важни, па неколку пати неделно посетувам теретана, од скоро започнав и со пливање, а кога дневната агенда не ми е премногу набиена може да ме видите низ градов и со велосипед.

Ме мотивира убава енергија. Како созревам сфаќам колку ми е битно да бидам опкружен со вистинските луѓе. Магично е колку таа може да придонесе да бидам креативен, да посакам да направам толку многу нешта, да почувствувам дека можам да направам баш сѐ.

Ако не сум пред „распаѓање“ на крајот од денот ми годи само топол туш и да си се стуткам во кревет. Се разбира дека ми годи друштвото на саканите.. Преку недела сакам деновите да ги завршувам мирно, дома, а за викендите секогаш ми годи друштвото на публиката, фановите.. Тоа е она што не ме остава да спијам до изгрејсонце.

Да бидам искрен многу повеќе се оддавам на гледање филмови. „Боемска рапсодија“ и „Ѕвездата е родена“ се последните филмови кои ги гледав во кино и кои апсолутно сметам дека треба да се видат. И иако не се сметам за зависник од серии знам често за викенди маратонски да изгледам серија.

* Даниел Дан, пејач и автор