Утринско Франк кафе со Диран Тавитјан: Животот знае да изненади како роман

Првото кафе го пијам во моето студио најчесто во преглед на имеил и онлајн комуникација, или во преглед на работните обврски. За време на викендот, моето кафе е во домашна атмосфера или на некоја убава локација во муабет со најблиските.

Ме мотивираат креативни идеи, позитивни луѓе, несебичноста, Бог, љубовта.

Мојот ден нема фиксно работно време, музиката е испреплетена во текот на целиот мој ден. Кога не сум на пат, или вон земјата, денот ми е исполнет со работа на тековните музички проекти, компонирање музика, состаноци, некој час од денот посветувам и на вежбање на инструментот. Обавезно наоѓам час време во денот за пешачење бидејќи ме опушта и ме освежува. 

Кога вечерта не ми е работна бидејќи често творам и во вечерните часови, знам да уживам во добар филм или музика или да излезам на вечера или кафе со пријателите. Понекогаш знам да прочитам добра книга. Живееме во интернет ера кога книгите и текстовите со интересни содржини ни се лесно достапни и не едуцираат дневно, а реалниот живот пак често знае и да изненади како роман/филм за себе во кој не недостасува хумор и понекоја нова лекција, потсетувајќи не дека сѐ е променливо а среќата не зависи од очекувањата, програмираните амбиции и околината, туку е лично и природно, секому достапно право и најважен приоритет во животот.