Утринско Франк кафе со Драги Змијанац: Не се обесхрабрувам лесно

Денот ми започнува во кревет со  чаша притоплена вода и потоа со чаша вода со липосомален витамин Ц приготвени од мојата сопруга Горде. После половина час од оваа прва информација  стапувам јас на сцена со подготовка на свежо исцеден сок од зеленчук и овошје. Тоа е втората информација која ја примам и без неа не го започнувам денот. Многу ретко се случува да прескокнам да не се хидризирам наутро во доволна мера. Утринското кафе вообичаено го пијам на работа договарајќи се со Горде, мојата колешка и сопруга, за тековните работни обврски. Со тој утрински ритуал ми започнуваат дневните преокупации, предизвици и обврски. Некои се испланирани а некои (многу често) се наметнуваат како брза интервенција, реакција на состојби со кои се соочуваат децата во Македонија. Веројатно може да претпоставите дека дојави од граѓани многу често и брзо пристигаат, што преку социјалните мрежи, што преку мејл или директен контакт на телефон. Тука се и новинарите кои бараат став, мислење и одговор. Така и брзо се мобилизираме и влетуваме во борбата за праведен свет за децата. Онолку колку што можеме, знаеме и умееме да се вложиме и помогнеме заедно цел работен тим, волонтери и нашите челнови на Собранието. Заеднички и сплотени се бориме да помогнеме да го оддржиме вредносниот систем на солидарност, хуманост, сочуство, застапување на обесправените, немоќните, да се обезбеди социјална, образовна и економска инклузија на ранливите и најнемоќните -децата.

Неправдата, таа е иницијалноста која ме мотивира и поттикнува да направам промена, да помогнам да се случи промената, да бидам дел од промената. Да не молчам или премолчувам, да бидам глас за децата, да говорам јавно и гласно за потребите на децата, да застапувам и лобирам, да се активира тромиот систем на државата да биде во функција на децата. И мал исчекор напред ме радува. Не се обесхрабрувам лесно.  Ја имаме поддршката од граѓаните и медиумите, и секако најважно детската насмевка и задоволство кое сјае од нивниет очи кога ќе се направи тој мал но за нив голем чекор на промена кон подобро денес и уште подобро утре.

Најчесто ги следам дневните збиднувања за се што е поврзано за и околу децата. Тие се најчесто поврзани со застапување, лобирање и односи со јавност. Но, не помалку сум активен во сите проектни и вон преоктни активности што Првата детска амбасада во светот Меѓаши ги реализира како активности. Оние вонпроектни активности кои не се поддржани од донатор а се во интерес на децата во Македонија, се горилви и актуелно потребни за брза интервенција од наша страна. Такви се поодршка на иницијатаивата за заедничко и одговорно родителство и по развод, поддршка на инцијатаивата децата да имаат право да си ги дознаат своите биолошки родители и секако децата да живеат во здрава животна среднина. Имено децата имаат право на чист воздух. Здравјето на детето е приоритетно.  Активен сум и поддржувам повеќе активисти, иницијативи и мрежи во борбата за чист воздух. Не можам и не сакам да се помирам со сознанието дека  загадениот воздух е еден од најголемите фактори за смртност кај децата, дека како последица на аерозагадувањето секое второ дете страда од респираторни болести, дека има состојби асоцирани со предвремено раѓање или генетски мутации на плодот. Секое дете има право на живот и ќе се борам државата да го овозможи и гарантира тоа право.

Вечерите се комбинирани. Често одам на фитнес, но знам и да одвојам време заедно со мојата сопруга да изгледаме добар филм или да се дружиме со семејството, децата или внуците. 

Последниве години, со интернетот, поретко читам но со Горде обожуваме да гледаме филмови. Обично гледаме неамериканска филмска продукција. Љубител сум на жанр драми, филмови што се базирани на вистински случки и настани. Тие ме потикнуваат на промислување и преиспитување за себе и смислата на животот, за важноста на љубовта како движечка сила, за неопходноста од потреба за внимание, за почит кон другиот и со поинкаво мислење од моето. Често филмовите со вистински настани ме инспирираат и ме потсетуваат на мотото на Детската амбасада Меѓаши кое е вградено во документрниот филм за 25 години борба за праведен свет за децата  подготвен по основ јубилејот 25 години од работата на организацијата, кое гласи: ,, По 100 години нема да биде важно колку пари имав во банка, каква куќа имав или автомобил возев, но светот ќе биде поинаков затоа што јас бев значаен во животот на едно дете”.

* М-р Драги Змијанац, претседател и основач на Првата детска амбасада во светот Меѓаши