Утринско Франк кафе со Ели Маказлиева: Не престанав во животот да трчам

Првото рано утринско кафе кое ми е и прво и последно во денот, сама си го подготвувам по мој вкус и сама го пијам на мојата тераса, додека размислувам што ќе ми донесе денот. За потоа, веднаш да седнам во мојата работна соба на компјутерот, да одговорам на сите мејлови, чатови, преписки и дописки, да го направам планот на активности за цел ден со запишување за секој час (за да не заборавам нешто).

Цел живот се носам со пораката на Русо дека: „да се живее не значи само да се дише, туку да се работи“, затоа што работата го одржува човекот во живот. Таков ми е скоро секој ден, исполнет со многу планови, обврски и работа.Мислам дека не престанав никогаш во животот да трчам, како по навика, како автоматизирано движење, секој ден без застој. Постојано сум во недостаток на слободно време. Таков ми е и денот.

Ако не пишувам, ако не работам на некои тековни проекти, тогаш излегувам, возам по сообраќајниот метеж, пуштам музика, трпеливо сочекувам на секој пешачки премин (затоа што еднаш порано платив казна што не сум застанала, а немаше ниту еден пешак). Одам на состаноци, понекогаш попатно ќе навратам во некој маркет, да испазарувам нешто, а ручекот го оставам дома да си вари на најниското копче, се враќам, го проверувам ручекот, пак на компјутер...

Морам да имам и безпрекорен изглед, по мое. Да закажам на фризер, маникир, да се облечам прикладно и да се нашминкам... И за тоа треба време.

Го редактирам и конципирам списанието „СУПЕР СМЕШКА“, а тоа излегува еднаш месечно, и додека еден број завршил , нов почнал да се подготвува. Се јавувам на авторите на текстовите, на лекторката, на компјутерџијата, на илустраторот... Имам чувство дека постојано трчам, секој ден.

И... на крајот на денот  кога сите легнуваат да спијат, јас тогаш застанувам и пишувам, овој пат без трчање, полека и со уживање. Пишувањето велат не е професија, туку состојба на умот, потреба за експресија на чувствата и тука нема обврска туку страст. Најдобро работам ноќе, додека сите спијат и затоа малку спијам.

Успешно завршен проект е мотив за почнување на нов. Мотивацијата е фокусираноста на позитивен исход на нешто што сакам да го направам и тој исход  силно ме мотивира. Мотивацијата за мене е двигател низ животот, тоа е начин да станеш кога ќе паднеш, да ги прескокнеш препреките додека трчаш до целта. Таа е единствена светлина во темнината. Мотивацијата го тера умот да се воздигнува, а личноста да ја практикува храброста, сигурноста во себе и самодовербата. Реализацијата на идеите, се секогаш мотив за мене, во создавање нови и нови. А новите идеи се раѓаат толку брзо, како што ми се раѓа мислата. Секоја моја нова книга ја доживувам како новороденче, ме опива тој мирис на тазе печатарска боја штом ја отворам, во чија внатрешност  се исткаени моите стихови, моите песни, моите идеи. Така, мојата мотивација и секојдневна преокупација е пишувањето, тоа го правам со страст, со љубов, со верба. Тоа е на некој начин и моја опсесија и предизвик во истовреме. Тоа е мотив повеќе и така е со се’ друго што правам.

Бидејќи секој сака од животот да создаде една целина на убави моменти, вечерите ги поминувам најчесто дома со семејството, со внуките. Јадеме бел сончоглед, гледаме телевизија, понекои серии, си разговараме, се смееме на глас. Им подготвувам вечера по нивна желба, тие изигруваат принцези, а јас келнерка. Понекогаш со Мартина пееме, со Елена гласно се смееме, со Калина, мали тајни си кажуваме, а пак со Дора за нова книга приказни раскажуваме.

Доцна по полноќ заспивам со вклучен телевизор, гледајќи добар филм најчесто акција, ако пак, загледам некој филм со приспивна музика или монотон звук на дијалози може и да заспијам, па, рано наутро да го исклучам телевизорот. За жал моето уживање за добра книга е присутно само за време на викендите, за време на зимскиот или летен одмор, кога сум надвор од дома. Тогаш кога не пишувам, кога немам до мене компјутер, е тогаш читам. Читам по мој избор, сакам семејни и љубовни драми или трилери.

* Ели Маказлиева - поет, писател, уредник, издавач