Утринско Франк кафе со Ели Танасковска: Помалку да спиеме, повеќе да уживаме!

Да бидам најискрена, кафе почнав од скоро да пијам. Се чудев на луѓе кои ми велеа дека не можат денот да го почнат без овој ритуал. Јас некако сѐ уште утрото го почнувам со чаша топла вода и лимон...навика. Леона, помалата ќерка има таков ритуал и ме внесува. И тука почнува смешна сцена. Таа сака да ужива со муабет, а јас сум многу темпераментна. Пред мене лист за обврски, во три голтки пијам кафе и... го собирам нејзиното, полно. Секогаш истата приказна: „Мамо, пак ми го собра кафето?“  Ха, ха ,ха  и пак ист одговор: „Па, мислев не ти го погодив!“. 

Вистинско кафе пијам со блиски пријатели во некој омилен локал. Марина Дојчиновска ми е најомилено друштво за овој ритуал. Во Канада,постарата ќерка станува, прави филтер кафе, со широка насмевка пушта музика и вели „Мамо, ајде на кафе, па на вежбање!“ Филтер и топло нес без шеќер, такво пијам!

Ме мотивираат насмеани и позитивни луѓе. Случајни минувачи кои онака во лет, ќе ви се насмеат и ќе ви речат „Ми се допаѓа косата“, ме мотивира убава музика која ја пуштам во кола на цел глас и пеам додека возам кон работа. Ме мотивира мојата внука Изабела со која ми започнува секое утро, со нејзина слика или клип, со некоја нова „враголија“. Моето семејство кое се собира секоја вечер и низ шегите на Леона правиме планови за викенд. 

Ме мотивираат позитивни и среќни луѓе кои ме прегрнуваат, кои ми даваат елан и полет за секоја нова работа. Моите гости во студио, од кои зрачи љубов. Ме мотивираат храбри луѓе кои знаат што сакаат. Оние кои се борат за чист воздух, среќа, место под сонцето.

Рано станувам, не е важно која температура е надвор. Ладен туш и мојот миленик Чарли (Ласа Апсо) на прошетка. Брзо се подготвувам, возам кон работа. Договарам снимања, средби, монтажа. Одам на пазар секој ден, не сум човек кој купува се за цела недела. Одам на мои познати тезги, се ракувам, разговарам, уживам додека бирам овошје и зеленчук. Доаѓам дома и веднаш готвам. Едно јадење за мене, друго за Леона и Златко. Пак обврски со Чарли и ете дошло време за „Ребис“ ( пилатес, степ аеробик, вежби). Навечер, се собираме дома и имаме некоја семејна игра. Стефан, момчето на Леона не дружи секоја вечер и имаме забава!

Главно исти ми се деновите. Уживам кога ќе најдам слободно време да се видам со мои многу драги пријателки, да се дружиме со кафе или вино. Сакам да ми дојдат гости. Тогаш правам специјални јадења. Ги подготвувам со огромна љубов. Сакам да декорирам, да пеам, сакам вечерите да бидат романтични со кристални чаши и црвено вино, свеќи, музика, радост...моменти за паметење!

Додека бев во Канада, имаше еден дел во зградата, соба за читање. Секој вторник се собираа одреден круг интелектуалки и раскажуваа што прочитале. Последната моја книга беше „Монахот што го продаде своето Ферари“ од Робин С. Шарма. Имавме одлична креативна дискусија. Сакам да гледам убав филм. За тоа се задолжени Стефан и Леона. Единствено што ми пречи е што нашето ноќно кино започнува по полноќ и наредниот ден малку тешко паѓа будењето. Ама, животот е албум со спомени. Да го полниме со среќа и радост. Помалку да спиеме, повеќе да уживаме !


(Ели Танасковска- водителка и уредник во културно – уметничката програма на МТВ)