Утринско Франк кафе со Елица Атанасовска- Стојаноска: Во Париз никогаш не можеш да бидеш осамен

Добро утро од градот на светлината и љубовта. Велат денот по утрото се познава. Зарем има поубав почеток на денот од утринска дружба со партнерот? Утринско кафе не пиеме, но задолжително денот го започнуваме со цеден портокал или со парче свежо овошје. Едноставно кажано се трудиме да водиме здрав живот, што не беше моја пракса во Македонија, но за да се издржи брзото темпо на живот кое го наметнува овој град, конечно се приклучив кон здравиот живот кој го води мојот сопруг.

Отсекогаш ме мотивирале нови предизвици. Па така и овде. Секој нов предизвик е нова мотивација за мене, но најважна мотивација е поддршката од најблиските, но пред сѐ детската насмевка која ја добивам од моите ученици како награда за вложениот труд.  Дел од денот го поминувам со моите ученици кои посетуваат дополнителна настава на македонски јазик во Франција. 

Тоа се деца чии родители се македонци, но се иселеници или се на привремената работа во Франција. При планирањето и реализацијата, често се трудам да не биде класична настава, за да ја приближам до децата и да им ја направам наставата интересна. Најчесто учиме преку игра, истражуваме, посетуваме позначајни места во Париз, сѐ со цел меѓусебна комуникација на македонски јазик и здружување на македонците во Франција. Последната наша посета беше на Ајфеловата кула, при што во паркот покрај кулата учевме, игравме и се дружевме на македонски.

Овде сум релативно нова, но јас сум презадоволна од посетеноста на наставата од страна на учениците , но и од соработката со родителите. Тоа се луѓе кои искрено ја сакаат својата татковина. Со мене кратко време функционираат, но веќе сме познати низ Франција, па и во Македонија, по паролата “УЧИМЕ МАКЕДОНСКИ ВО ПАРИЗ”.

По работното време, попладнето најчесто го поминувам во прошетки низ поатрактивните места во Париз. Воодушевена сум од нив. Посебно голем впечаток ми оставаат Мон мартр и Лувр (паркот покрај Лувр). Места во кои и во воздухот ја чувствуваш уметноста. И милион пати да отидам, секојпат нешто ново откривам и сум воодушевена од нивната убавина. Секако најголемо уживање за секоја жена е шопингот на Шанзелизе. Така да и тоа е дел од активностите кои ме опуштаат.

За толку кратко време заклучив дека Париз е прекрасен и во него никогаш не можеш да бидеш осамен.

Вечерта е резервирана за разговори, споделување впечатоци и долга прошетка со мојот сопруг покрај Сена. Сена е прекрасна. Целосно ти ги полни батериите кои се истрошени во текот на денот. Обожувам да читам книги, затоа редовно после прошетката земаме здив во големиот парк кој се наоѓа во близина на нашиот дом, каде што позајмуваме книга и го вежбаме францускиот јазик. Велам позајмуваме, затоа што во паркот постои катче во кое има книги, па секој посетител може да позајми книга, која ја чита во паркот и пред заминување ја враќа на истото место. Мислам дека тоа е прекрасна идеја, и би можеле да ја воведеме во пракса и во парковите во Македонија. При крајот на денот започнуваат подготовките за наредниот ден. Ден исполнет со нови активности, нови доживувања, нови споделувања. Подготовка за работните обврски, кои со голем елан и посветеност ги извршувам. На крајот морам да истакнам дека ми претставува особена чест и задоволство, што сум единствен претставник на МОН од Македонија во Франција и што ја имам таа чест да ја претставувам нашата држава во Париз. Се надевам дека ќе ја оправдам довербата која ми е дадена и ќе успеам да реализирам мојата мисија во целост, а таа е да се развива чувство на припадност кај македонците кон својата култура и зачувување и негување на македонскиот јазик. Би сакала да изразам голема благодарност до МОН, Агенцијата за иселеништво и Амбасадата на Република Македонија во Франција кои се моја најголема поддршка за остварување на целта. 


* Елица Атанасовска- Стојаноска, наставник по дополнителна настава на македонски јазик во Франција.