Утринско Франк кафе со Емилија Мицевска: Кучињата се моето совршено будење

Утрото ми почнува со кучиња. Кафето се пие со кучиња. Гушкањето со нив е моето совршено будење.

Не постои ништо што може да ме мотивира, освен самата јас. Среќна сум што достигнав будност на едно ниво,во кое умеам да го препознавам убавото во лошото, доблеста во дрските, тагата во насмевките. Се обидувам секој да го разберам, дури и кога нештата не се баш слатки. Од тој аспект, не може ништо да ме демотивира, туку напротив, добивам силна желба да остварам друга мисија, навидум невозможна или некаде да помогнам.

Во моментов работам на претставата „Фестен” во режија на Зоја Бузалковска и да бидам искрена едвај чекам да се случи премиерата. Сѐ уште не сум ни гледала ваква претстава, мислам дека ќе е најдоброто нешто, воопшто што живнало во театарскиот свет, последниве години. Мојот ден почнува буквално во театар и таму и завршува. Притоа, морам да напоменам дека, ниеден ден не е ист. Секогаш има и други нешта кои треба да се завршат. Денот го трошам во дуплите проби за претставата, а навечер си ги играм другите претстави од репертоарот. Веднаш по премиерата почнувам и друга претстава, во мојот матичен театар. И во преговори сум за нов проект за кој не би сакала сѐ уште да зборувам. 

Ако имам уште сила, се регенерирам со средба со пријателите, ако не си се прибирам дома и уживам во мојот убав дом. 

Во период кога имав милион обврски, сфатив дека долго време не сум прочитала ништо, освен текстовите за претставите, па несвесно искоментирав: „Ако животот не ти е ко од филм, секогаш имаш време за читање книга.“. Но има донекаде вистина и во тоа. Периодите во кои јас и моите колеги работиме на некој проект навистина не се лесни, за да можеш да ја организираш професијата со приватниот живот. Но затоа се случува да не те земат во следниот проект, па слободното време е неизбежно  Јас живеам за да најдам и да изгледам добар филм, серија или книга. Па тоа е мојата професија. Тоа е мојата љубов.Тоа е моето сѐ.

(Емилија Мицевска - актерка)

Фото: Ерина Богоева