Утринско Франк кафе со Филип Јордановски: Свирките ми се издувен вентил

Утрата во текот на работната недела ни се премногу динамични и траат цела вечност. Оние што имаат мали бебчиња по дома знаат зошто (се смее). Првото кафе го пијам со колегите на работното место, а за време на викендите, првото и најслатко кафе го пијам со сопругата.

Со оглед на тоа што работам во финансиска институција, планирањето и комуникацијата со многу луѓе ми е секојдневие. Тука е и улогата на млад татко, а музиката и живите свирки ми се издувен вентил од професионалното секојдневие и за мене претставуваат совршен баланс.

Ме мотивира добра и перспективна визија, поткрепена со издржан и долгорочен план за остварување на истата и секако насмевката на мојот син која ме буди наутро.

Секој ден е приказна за себе, а вечерта ја поминувам најчесто со семејството, освен кога сум ангажиран со музички настапи.

Бидејќи живеам навистина динамично отсекогаш, порано си велев немам време за читање книги и предност им давав на филмовите со добра содржина, а сега ми се чини дека дури и гледањето филм е вистински луксуз, во интерес на времето за одмор, односно добар сон.

* Филип Јордановски, музичар