Утринско Франк кафе со Филип Стевановски: Многу сум одговорен и принципиелен

Утринското кафе ми е најважната работа, мора денот да го започнам со убаво, јако кафе. Обично кафето го пијам на работа доколку сум прва смена, во спротивно уживам во домашното кафе за кое сум задолжен да го подготвам јас. Едноставно со кафе ми започнува денот.

Во принцип сум човек кој е многу одговорен и принципиелен. Тоа за мене е на прво место, па така ми изгледа и еден ден. Сите обврски кои ги има некогаш и премногу ми се организирани и сѐ се знае точно што и како, но сепак нормално е некогаш да се помести тајмингот од она што ми е планирано. Сето она што го имам како работна обврска и план за еден работен ден мора да биде реализирано, освен во пишувањето на музика, тоа е кога ќе дојде - тогаш, тоа не го планирам, не ни можам, тоа доаѓа одвнатре.

Мотивацијата во мојата работа е многу важна, па затоа сите работи околу мене ме мотивираат. Најпрвин насмевката на мојата ќерка Лора пред да излезам од дома, а подоцна сѐ она што ми се случува и се она што го гледам и чувствувам околу мене ме мотивира во зависност од дневните обврски.

Нашите вечери се многу интересни. Како музичари ние се будиме навечер и тогаш започнува нашиот ден. Обично вечерите се работни, со многу забава, позитивност и со бендот се трудиме таа позитивност да ја пренесеме на нашите слушатели, обожаватели на нашите настапи.. Кога немам настап вечерите ги поминувам со семејството во домашна атмосфера со мојата ќерка Лора и сопругата Ирена што ме прави да бидам среќен и исполнет.

Да бидам искрен филмовите ги сакам повеќе бидејќи го започнувам, го гледам и завршува. Книгата знам да почнам да ја читам и да немам време да ја дочитам што во принцип се нервирам кога нешто не можам да го завршам, затоа кога имам поголем одмор знам да прочитам некој добар трилер.

* Филип Стевановски, клавијатурист и тромбонист во Филип Стевановски бенд, аранжер, композитор и професор по тромбон.