Излегов од болница со канела на раката покриена со марама, пеев на фестивал, добив прво место и се вратив назад: Сузана Спасовска за тежината на професијата

Добивај вести на Viber

Физичкото заминување на блиските луѓе од овој свет остава голема празнина и уште поголема болка во душата. Веќе ништо не е исто како порано, а спомените како на филмско платно прелетуваат низ просторот и ги бришат жешките солзи. Кога ќе загубиш некој близок е исто како кога ќе откинеш јаболко од јаболкница. Сé е исто, само нешто недостасува. Во тие мигови, тишината е најголемото засолниште.

Пејачите и музичарите се единствените што во тие мигови тагата ја претвораат во песна и така пловат низ морето наречено живот. Нивната професија им наложува секогаш да бидат весели и насмеани. Пеат да ги расположат другите, и во миговите кога им е најтешко. Тоа им се случи неодамна и на балканските ѕвезди Лепа Брена, Цеца Ражњатовиќ и Марија Шерифовиќ кои само неколку дена по смррта на нивниот голем пријател српскиот маг Саша Поповиќ одржаа концерти. На настапите тие му посветија по една песна која ја отпеаа плачејќи со публиката.

И македонските ѕвезди пееле со грутка во грлото и болка во душата. Една од нив е и македонската фолк дива Сузана Спасовска.

Сите ние јавните личности сме луѓе кои имаат и свој приватен живот и не е се' блескаво како на сцената. Сум имала денови, посебно во почетоците на кариерата, но и понатаму, кога требало да бидам во домашни услови, да се затоплам и да се лечам. Но, не саќајки да ја разочарам публиката која ме очекува со голема љубов, сум пеела и со висока температура па и со лошо расположение. Но, не сум го искажала тоа јавно, туку сум го поминала молчешкум и никој не забележал дека нешто не е во ред со мене - вели Спасовска и открива една несекојдневна случка од својата кариера.

- Излегов од болница и со канела на раката, покриена со марама за да не се забележи, пеев на фестивал, добив прво место и се вратив назад. Некогаш на сцената, душата и срцето плачат, но не смеете да ја покажете болката и ја ставате насмевката на лицето само да ја завршите работата. Тоа е навистина тешко, но неизбежно. Инаку, би требало да откажете закажан концерт и да ја разочарате вашата верна публика – дополнува пејачката.

Спасовска која остави исклучително музичко фолк наследство , а допринос даде и со проектот со Православни црковни песнопеења „Терирем“. За наредниов период најавува ангажмани со матична куќа Танец, велигденски концерт и гостувања во Јапонија. 


- Со проектот „Македонијо во срце те носиме“ бр.2 не очекуваат 8 настапи низ земјава. Следуваат организацијата за 15 годишниот јубилеј на „Лешочкиот фолк фест“, подготовките околу проектот со црковни песнопеења „Терирем“ бр.2 и други концертни настапи. Останатото слободно време, кое овојпат ќе е навистина малку, ќе го искористам за полнење на батериите со мојата внука Клара и мојте најблиски и најсакани. Слава му на Бога, што ми ја дава таа енергија, за да се издржат сите активности – заклучува Спасовска која неодамна ја доби наградата Златна Бубамара за трајни вредности и со својот настап  предизвика големи емоции и аплаузи кај публиката.

Соња Алексоска Неделковска