„Сарке моја, сестрице најмила, до последен момент не сакав да верувам“: Каролина емотивно се прости од Сара Пројковска

Блиски соработници на членовите од бендот на ДНК, се простуваат од нив.
Поп – пејачката Каролина Гочева со многу емоции и тага се прости од нејзината блиска пријателка и соработничка, која со години и беше ветер во грб кога станува збор за нејзините настапи.
Придружниот вокал Сара Пројковска која животот го загуби во пожарот во Кочани, беше и придужен вокал на сите настапи и концерти на Каролина, кои заедно во пакет одеа со Ана Костадиновска.
„Сарке моја, сестрице најмила, до последен момент не сакав да верувам, до последно се надевав дека е некаква грешка… толку спомени, пеења, радости, Евровизии, концерти, солзи, журки…толку години поминавме…ти и Ана сте толку голем дел од мојот живот…уште се надевам дека денешниов ден е само лош сон…многу ќе ми фалиш Сарке моја“, напиша Каролина и објави бројни фотографии од заеднички дружби, настапи.
Посебна посвета Каролина напиша и за сите оние млади животи кои загинаа во страотниот пожар.
„Толку прерано згаснати животи, таква неопислива болка за толку многу семејства, каква страшна трагедија! Нема утеха, само голема тага и ужас…Најдлабоко сочуство до сите кои ги изгубија своите најмили“.
Не ги одмина ниту колегите кои биле и нејзини соработници кои исто така беа помеѓу 59 –те жртви во пожарот.
„Со скршено срце се збогуваме со нашите пријатели, колеги Андреј, Сара, Ѓорѓи, Александар Коларов, Александар Ефремов, Филип, Игор…. Ќе продолжат да живеат во секоја песна и секое срце кое го имаат допрено преку нивната работа. Занемени сме од болка! Најдлабоко сочуство до нивните семејства и најблиски!“, напиша пејачката.