Им ја сотревме живеачката на децата

Добивај вести на Viber

А толку други теми можев да начнам и толку поинаков Понеделнички муабет да имаме... налет вакви колумни, налет да се.

Некогаш ќе ми пролета низ глава една мисла која ич не сакам да ја имам, а ја имам сé почесто. ИМА ЛИ ДНО ОВА ДНО? Има ли воопшто некаде во овој амбис од црнила, да напипаме тло и да си кажеме “ух, добро е.....од ова сега подолу нема каде да кинисаме”. Има ли барем еден зрак надеж, ете, барем некој никулец да има дека ќе биде утре малку подобро од вчера? Не мора да е којзнае што, нека е сосем малку за да ни се врати надежта назад. Нека е колку да не ни се смачи живеачката што ја имаме, живеачката која ја имаат нашите деца и која ич не е на арно.

Абе децата ни страдаат. Децата ни умираат, оти тие се влогот од сите болни умови, алчни раце, игри “јас тебе, ти мене”, мерење чиј џеб е подлабок и пополн со пари. Пари натопени во крв, пари кои зад себе имаат едно чудо ископани дупки во кои не само ние што ќе лежиме, ами и децата кои ги поболевме. И додека ние (обичните смртници кои живееме од плати и врзуваме крај со крај) се вадиме од ум што статистиките покажуваат алармантни бројки на заболени од канцер, а чија старосна граница сé повеќе се намалува, некого ич не го боли ни малото прсте од ногата за тоа. Се накотија психопати со лопата да ги рине човек. Самобендисани синчиња на кои од суратот им се гледа дека се за земање терапија, ама не, тие ќе се богатат а ние ќе пиеме терапија. Не за друго, оти во оваа држава терапија земаат здравите, за да ги издржат пореметените кои слободно и гордо си шетаат.

До кога? До кога ќе гледаме како некому око не му трепнува што увезува токсичен отпад, што ЗНАЕ дека труе не само постоечко население, туку и идни генерации. Како бе не се знаело до сега што се прави? Како тоа никој досега не реагирал и не сторил нешто? Зарем сите кои биле вмешани во овој геноцид си ги отселиле семејствата надвор од тука или мислеле оти парите и здравје ќе им купат?

Прва работа која ќе ви ја каже секој психолог е следнава: ПСИХОПАТИ СЕ ПРЕПОЗНАВААТ ПО ТОА ШТО НЕМААТ ЕМПАТИЈА И ГРИЖА НА СОВЕСТ. Имаме пример на едно распрдено дериште кое на 22 и 24 години веќе има 2 функции и тоа државни?! Другите деца што беа со сите десетки и што беа приморани да се отселат оти немаше за нив работни места, не биле толку способни како овој што ни ја расплака мајката со отрови????? Сигурно дека не, оти на 28 години, веќе на голема врата влегува во приватен бизнис. И сите сме глуви и ќори, така? Сите што од 2009/2010 сте си ги менувале столчињата “ај поседи сега ти на фотељава, па после јас” не сте знаеле што се случува, така? Некој од идеали ќе седи цел живот во сиромаштија за ваквите да ќаруваат. И да, психопатски однос е кога на прашања од новинар за милионски тендер за мазут ќе добиете одговор “ако јас не носам мазут нема да има струја, а ако нема струја ти не можеш да одиш на фризер да се исфенираш за на емисија ”.

Им ја сотревме живеачката на децата!

Друг психопат кој со децении е познат како таков, уби дете без око да му трепне. Ладнокрвно, без да му се затресе раката и без грам грижа на совест. И што е најтрагично, не е дека никој не знаел дека е таков каков што е. Сите гарнитури на власт знаеја, сите. И сепак, никој не се најде да го стави под контрола? Што треба да стане од државава, див Запад? Да земеме правда во свои раце? Па зошто имаме институции, зошто тие институции се плаќаат со наши пари? Не можам дури ни да го замислам чинот во кој некој одзема живот на дете, не ми се верува дека постојат такви суштества кои можат на деца да им сторат нешто лошо.

Знаете од кога почнаа ептен засилени контроли во сообраќајот? Откако почина Фросина, ене ги кај Силбо секој ден. А требаше уште одамна да седат по цела Партизанска, оти 2 децении се зборува за трките во текот на цела ноќ, за недозволени паркирања (сум била сведок дека Брза помош не можела да помине од нив и никој не стана од кафичите таму за да си ја тргне колата).

Кафичите и дискотеките дали се проверувани редовно од страна на инспекции кои треба да водат сметка за безбедност? На толку агенции за ова и она, испекторати за ова и она, советници со лопата да ги ринеш, експерти за сé и сешто, има ли некој кој води сметка дека треба да има одредени критериуми кои треба да бидат исполнети за одредено место да се означи како безбедно? Дали воопшто некој оди во редовна контрола да види дали има соодветна опрема во случај на пожар или дали има проодни излези ако нешто се случи? Ова што ни се случи во Кочани, не смееше да се случи! Дали некој има влезено во сите тие места каде што ни се собираат и излегуваат децата за да види и да провери дали се безбедни за нив? Дали до толку сите сме изреметени за да не ни е важно она што е свето, а тоа се децата!

Секое дете кое ќе замине од земјава, кое ќе настрада заради тоа што не сме превенирале а сме можеле, секое дете кому е животот насилно прекинат....е и мое дете, ваше дете, наше дете. Тие кои ја носат иднината, кои се нашата единствена светла точка, тие страдаат заради калкулирања, пари натопени во крв, ниски страсти и побуди.

Си ја уништуваме иднината, сами ја сосекуваме гранката на која седиме. И ако како возрасни заслуживме сé лошо што ни се случува оти ништо не сторивме за да ни биде поинаку, децата не заслужија. Не се тие виновни што се родени во услови во кои изборот е или да си заминат или да останат со ризик дека ќе се поболат.

Им ја запустивме живеачката на децата од инертност, неукост, толерирање психопати, валкани игри, од сервилност кон сé што е на власт. Наместо да им дадеме безбедна земја, можности кои ги заслужуваат, наместо да ги ставиме на пиедестал и да им овозможиме блескава иднина, ние како да ги туркаме да избегаат од овде. И ако ништо не се преземе со сите психопати кои за пари даваат да одат деца курбан, не ни заслужуваме да останат тука.

Длабоко сочувство до сите кои ги изгубија своите деца во трагедијата која се случи во Кочани. Длабоко сочувство кон сите кои ги изгубија своите деца заради колективната инертност што ја направи земјава ваква каква што е, несигурно место за живеење.

Длабоко сочувство до сите нас...оти им ја сотревме живеачката на децата на кои не им оставивме ништо за да бидат горди што сме им биле предци.

До следниот понеделнички муабет,

За Женски Магазин, Ана Бунтеска

Светот е кинисан удолу

Кога за деца свеќи палиме

И смеата ни се гаси

Како пусто огниште

Запустено што останало

Како стреа...

На која птица не застанува

Колку и да оставаш трошки леб

На пенџерето со заматено стакло

Удолу е сé кинисано

Чим иднината си ја закопуваме

И озгора цвеќе оставаме

Наместо во косите на нашите деца

И ништо на арно не е

Кога наместо за веселби

Ручек за нив раздаваме

Светот е кинисан удолу

Кога живеачката е со страв

А смртта без ред

И налет сите азна што постојат

Налет сета лажна моќ и сиот лажен сјај

Ако најскапоценото го губиме

И ако нивната смеа замира

Налет сé

Ако тие кои се наша надеж

Не дочекале иднина да ни бидат

Налет сé

Што дозволивме цената

Од сета наша несигурност и страв

Од сета наша потчинетост

Од сиот наш грев и гнев

Тие да ја платат и да ја отплаќаат

Оти никаде не оди светот

Барем не напред и нанапред

Ако децата живот губат

И со секое кандило за нив запалено

Поблиску сме до пеколот

И подалеку од сами себе

Кинисан е светот удолу

Штом родител за чедото свое

На колена од болка е свиен

Кинисан е светот удолу

Ако наместо за сватови

За помен родител се спрема

Кинисан е светот удолу

Со смртта на дете

Со смртта на иднината