Утринско Франк кафе со Христијан Проданов: Денот ми започнува со зрак светлина

Денот ми започнува со зрак светлина кој ми поминува по лицето, всушност тоа и прави да се разбудам. По завршениот ритуал во бањата, секојдневната грижа за лицето и брадата, го подготвувам утринското кафе. Турско, со малку шеќер. Обично првото кафе го пијам сам, во тишина, затоа што имам време да размислам што и како треба да се одвива во тековниот ден. 

Работната недела ми поминува стандардно. Работам во информатичка фирма, во динамична средина, и секој ден е ново искуство и нови предизвици кои треба да ги поминеш. Тоа е тоа што ми се допаѓа и ме тера секој ден да бидам подобар од претходниот. По завршување на работните обврски, имам претходно определен распоред, кој опфаќа фудбалски терени, или сала за вежбање.

Ме мотивира желбата за успех, желбата да се оттргнам од „секојдневното“ и од „стандардното“. Ме мотивираат луѓето околу мене. Некогаш, дури и најмалата позитивна критика, или најситната добрина што ќе ја видам во луѓето, ми дава мотивација за квалитетно поминат ден.

Секој ден е различен. Најчесто ја поминувам во кругот на семејството, но има денови кои завршуваат во друштво на пријатели и по некоја чаша пиво или вино. Практикувам да сум во друштво на луѓе кои ме полнат со позитивна енергија, и денот да го завршам со голема насмевка на лицето. Честопати заспивам размислувајќи на тоа како можам сите следни денови да ги направам како тековниот и честопати тоа размислување се покажува како клучно следниот ден (се смее).

Љубител сум на филмови и серии, но знам и да се најдам со книга во рацете. Секоја вечер заспивам со серии, и можам слободно да кажам дека тие се составен дел од моето секојдневие.

* Христијан Проданов, пејач и танчар