Утринско Франк кафе со Христина Стефановска: Одењето на психолог е една од најдобрите работи за себе

Обожувам да станувам рано. Ми се допаѓа онаа народната „Кој рано рани две среќи граби.“. Станувам два часа пред работните обврски и сакам првото утринско кафе да го испијам дома заедно со сопругот. Кафето ми е ритуал и затоа му оставам време да ми го изрелаксира денот.

Работам пред се динамично како што налагаат и условите на мојата професија, организирам работилници, се вклучувам во најголем број од настаните поврзани со мојата работа. Што значи за да се биде квалитетен во оваа професија потребно е да се следат сите настани, панел дискусии, семинари, обуки кои секако ги прилагодувам во работното време, бидејќи кога ќе завршам со сето тоа, си го земам детето од градинка и се посветувам на квалитетно поминато време со него. Во вечерните часови правиме семејни прошетки сите тројца или се дружиме со пријателите.

Искрено, ме мотивира професијата. Во неа сум детски заљубена веќе долги години. Можам да кажам дека таа ми помогна многу да се изградам себе си како личност, да постигнам себеидентификација и себереализација кои се највисоки мотиви според хиерархијата на Маслов. Не само лично, туку истата ми помага да бидам и подобар и поуспешен родител, сопруга, нечиво дете, со што можам да кажам дека одењето на психолог е една од најдобрите работи што би можеле да ги направите за себе.

Како утрото така и вечерта најчесто сакам да ги поминам мирно, бидејќи секако динамиката на денот си носи стрес ситуации, напнатост, некавно брзање, затоа во вечерните часови и преферирам да сум дома со семејството. Ако денот ми бил психолошки напорен, си правам некои вежби од типот автоген тренинг или муизкотерапија, некогаш заедно и со моето дете, кое исто така ужива во сето тоа, па често знае да ми каже: „Мамо ајде да си играме психолог!“

Ги обожавам и книгите и филмот. Филм најчесто гледам со сопругот. Тој ме научи во последно време да сакам и крими акција. Додека пак со книга сум секој ден. Месечно со сигурност правам шопинг во некоја од книжарите. Последниов период ги читам сите книги на психијатарот Ирвин Јалом, но купувам и читам и детска литература, на пример последна ја купив „Сакам-Неќам“ од Оливера Николова. Приказна која ја обработува не / послушноста кај децата преку две близначиња. Наменета за сите деца, особено за оние кои одат во градинка.


(Христина Стефановска, психолог и психотерапевт по интегративна психотерапија)