Утринско Франк кафе со Ивона Галиќ- Петков: Среќата на најблиските ми дава ветер во грб

По природа не сум ранобудник. Го сакам утринското спиење, можеби затоа што мој дел од денот е вечерта и знам да останам до доцна во ноќта, да сработам нешто. Тогаш сум најфункционална. Така беше и во студентските денови и подоцна на магистерските студии на катедрата за Односи со јавност и комуникологија. Испитите ги подготвував навечер. Кога домот ќе се смиреше, јас се будев , па веројатно ми остана таа навика.

Со години, работните обврски ми наметнуваа рано будење. Во моментов, по повеќе од 20 години работење во големи компании, посветена сум на нешто друго, па можам да си дозволам себеси час-два повеќе утрински сон од вообичаеното. 

Првото кафе ми е ритуал и секогаш го пијам дома. Кога времето дозволува, го пијам на тераса и уживам во мирот на моето Црниче. За време на викендите, кафето го пијам заедно со сопругот Владимир и поголемата ќерка Вероника, додека помалата Андреа сẻ уште спие.  Со оглед на тоа што и Вероника, која има 22 години и е апсолвент на факултетот за односи со јавност, веќе работи и ни останува сẻ помалку време за дружење, викендите комплетно ги посветуваме да поминеме што повеќе време заедно. Пешачиме, возиме велосипед, разговараме, правиме ретроспектива на изминатата недела и планови за следната. 

Среќата и успесите на моите најблиски секогаш ми давале ветер во грб. И тогаш кога животот ме соочувал со големи искушенија и предизвици, и тогаш кога сẻ одело како подмачкано. Животот е како море, некогаш мирна вода, некогаш бура. Но она што јас го сфатив после многу животни премрежија е дека најважното нешто во животот е сепак семејството, темелот на кој што ги градиме сите останати работи.  Така, моето животно мото е, како што вели една латинска поговорка, "Familia ante omnia" или семејството пред сẻ.

Овен семејството, пријателите ги сметам за свое најголемо богатство. Можеби звучи како клише, но факт е дека во пријателствата, оние вистинските и искрените, се вложуваме, оставаме дел од себе и ги одржуваме. Тоа се инвестиции на долг рок, како се вели "for a lifetime". Работата, не кариерата, е нешто што особено ми значи. Никогаш не се покајав за изборот на мојата професија. Иако истата е комплексна и бара многу посветеност и трпение, односите со јавноста и комуникациите биле и ќе останат мојата најголема професионална љубов. 

Во моментов работам на два проекта и комплетно сум посветена на тоа. Иако не сум врзана за канцеларија и стриктно работно време, се однесувам како да е така. Станувам, се облекувам, се шминкам и седнувам да работам. По природа сум одговорна и никогаш не ги оставам работите за утре. Сẻ што треба да се заврши денес, ќе се заврши денес, па макар и денот траел 26 часа од 24. Тука нема компромис.

Паралелно, се подготвувам за моите предавања на студентите на Академијата за маркетинг и ПР во Creative Hub. Веќе втор семестар предавам Кризен ПР, а неодамна на првиот ПР Бар во организација на Creative Hub бев панелист на истоимената тема. Навистина уживам во тоа што можам да пренесам дел од мојата долгогодишна експертиза и знаење на младите генерации кои сакаат да се занимаваат со односите со јавноста и комуникациите, потсетувајќи ги дека добрата комуникација е стимулативна и јака како кафе кое не ти дава да заспиеш, хахаха. Истовремено, ги охрабрувам да читаат повеќе, да бидат жедни за што повеќе знаење и да веруваат во себе и изборот на својот животен позив. Само така ќе бидат успешни. 

Попладнето е посветено на помалата ќерка, Андреа. Таа има 11 години и е шесто одделение и, со оглед на поголемиот број на училишни предмети, мојата помош многу и значи. Се преслушуваме, вежбаме задачи по математика. Е, кога сме кај математиката, морам да признаам дека и мене ми е интересно. Иако завршив математичка гимназија, математиката никогаш не беше мојот омилен предмет. Но сега, од оваа временска дистанца, гледам дека можеби сум можела малку повеќе да навлезам во неа. 

Пред неколку месеци си купив пијано и на "стари години" почнав да учам да свирам. Тоа ми остана како неостварена желба од детството. Сẻ уште со почетник, но не се откажувам. Верувам дека никогаш не е доцна за нови искуства. Свирењето ми е како терапија, ме релаксира и ме смирува. Така, навечер можам да седнам и да поминам час-два покрај пијаното. Сакам да посетам и некој настан во градот, изложба, театарска претстава, кино проекција, концерт. Инаку вообичаено, вечерите ги минувам во кругот на семејството или пријателите. Дружбите со пријателите знаат да траат и до доцна во ноќта. И покрај тоа што често се среќаваме, секогаш имаме теми за разговор и повод за смеа. 

Од секогаш сум го сакала филмот како уметнички израз, но не секогаш сум имала време и енергија  да одгледам филм,  можеби затоа што многу студиозно пристапувам кон анализа на филмот, обидувајќи се да ја најдам и анализирам скриената наспроти очигледната поента. Во последно време сериозно се навлеков на гледање филмови, сẻ повеќе европски, па така знам, во една вечер, да одгледам повеќе од еден, во низа. 

Читам на одмор, читам пред спиење и тогаш избирам лесна литература, нешто што ќе ме опушти. Често купувам книги, но не секогаш ги читам веднаш. Секоја книга си има свој момент. Библиотеката ми е полна со книги, а голем дел од нив се стручна литература од областа на односите со јавноста.  Во мојата професија, трендовите многу брзо се менуваат, а јас сакам да бидам во тек со истите. 

*Ивона Галиќ- Петков, ПР експерт